Full-Stack терминот во HR подразбира „длабинско” познавање на различните сегменти кои го сочинуваат HR-от како и „широко” познавање на повеќе бизнис и културолошки целини кои помагаат да се даде контекст на длабинските познавања на различните HR делови.
Живееме во време на дигитализација каде трендовите се менуваат секојдневно, а на луѓето останува да се адаптираат на промените и да бидат флексибилни. Денес е предизвик да се пронајдат професионални кадри кои поседуваат вистинско знаење, вештини и способности, а тоа всушност е од клучно значење за успешно работење на организациите.
Пазарот станува сѐ поголем и поконкурентен, а со тоа се наметнува потребата на организациите од Full-Stack HR професионалци. Регрутерите, без разлика за каков вид на организација станува збор, треба да бидат поселективни во нивниот избор и со повисоки критериуми. Тоа е неопходно бидејќи неквалитетно избран човечки ресурс ќе даде негативен ефект на целата организација, од грешки, до високи трошоци за обука и развој, со цел да се намалат лошите перформанси.
Кадрите во организацијата, нивната регрутација и селекција, развојот, можностите, како и начинот на кој се управува со нив, претставуваат одлучувачки фактор на конкурентската способност и успехот на организацијата.
Главен виновник за успехот на една компанија и еден вид на конкурентска предност претставува привлекувањето и задржувањето на висококвалитетните кадри. За тоа да се постигне, потребно е процесите на регрутација и селекција на кадри да бидат организирани на високо ниво од страна на Full-Stack HR професионалец кој едноставно поседува богато знаење во индустријата и голем број на вештини во својата област.
Што претставува терминот Full-Stack?
Full-stack e термин позајмен од ИТ секторот, поточно од софтверското инженерство. Според techopedia, Full-Stack инженерите се професионалци коишто можат да работат на сите потребни технологии кои се неопходни во сите фази на еден проект. Тоа најчесто вклучува индивидуалци коишто знаат хардвер, оперативни системи, датабази, софтвер итн.
Ваквиот тип на индивидуалци се многу ценети во tech светот бидејќи носат вредност во целиот тек на проектите и на тој начин најчесто придонесуваат во дебагирање и решавање на најтешките проблеми кои се јавуваат при таквите проекти.
Како еден технолошки термин како Full-Stack го пронајде местото во HR светот?
Овој термин во HR светот првпат е воведен во 2019 година од Josh Bersin, кој во неговиот оригинален блог на оваа тема го даде своето видување за тоа зошто и како еволуцијата на HR во претходниот период доведе до потребата од Full-Stack HR.
Слично како и технолошката дефиниција на Full-Stack инженерите, во сржта на Full-Stack HR лежи вечната дебата и дистинкција помеѓу „генералистите“ и „специјалистите“.
На почетокот на 21 век, типичната HR функција била составена од специјалисти за сите посебни делови на човечките ресурси – како специјалист за тренинг и обуки, специјалист за плати и бенефиции, специјалист за управување со перформансите на вработените, специјалист за HR аналитика, структура која е многу честа и во денешните компании. Проблемот со специјалистите во делот на HR се состои во природата на самите луѓе, односно вработените и фактот дека за да се постигне посакуваното ниво на нивно задоволство и интеракција мора да постои синхронизација на сите делови на HR и нивна конзистентност, инаку сето добро што е направено во еден дел од HR сегментот „ќе падне во вода“ заради недостатоците во другите делови.
Ова не значи дека не треба да постојат специјалисти за различните сегменти на HR, баш напротив, меѓутоа го истакнува фактот дека не може да се биде добар специјалист во еден дел од HR без да се има познавање во другите делови на овој сегмент и нивната взаемна поврзаност.
На пример, добриот регрутер треба да ги познава деловите на психолошкиот концепт на пристрасност (bias) за да избегне несвесна елиминација на добри кандидати, да знае како компензацијата која може да ја понуди влијае на групата на таленти што ја таргетира, како кариерниот развој може да биде важен дел од пакетот кој ќе му помогне да го „затвори” таргетираниот кандидат за вработување итн.
Тука всушност и настапува и Full-Stack HR-от кој има важни разлики со значењето на Full-Stack во ИТ секторот кое што го наведовме погоре. Имено, Full-Stack терминот во HR подразбира „длабинско” познавање на различните сегменти кои го сочинуваат HR-от како и „широко” познавање на повеќе бизнис и културолошки целини кои помагаат да се даде контекст на длабинските познавања на различните HR делови. Овој дел го има прикажано Simon Ives во неговиот блог The Full-stack HR Manifesto.
И покрај фактот што останува за дебата дали баш овие наведени науки и особено дали баш сите тие се релевантни за „широкото“ познавање на HR-от, длабинскиот дел на познавање на сите HR сегменти и потребата за истиот е неоспорен.
Зошто да започнеш да учиш Full-Stack HR?
Академијата за Full-stack HR на Brainster всушност се фокусира на тоа длабинско изучување на повеќето сегменти од HR-от и заради тоа го носи тоа име. Додека ширинскиот дел од „Т моделот“ останува на едукативното и професионалното искуство на нивните студенти, оваа Академија со својот фокус е идеална не само за индивидуалците коишто сакаат да се преквалификуваат во делот на HR, туку и за HR професионалците коишто се специјалисти во определени HR сегменти како регрутери, HR администратори и координатори, правници во делот на работното законодавство и слично, бидејќи им овозможува длабинското запознавање со останатите HR сегменти со цел не само подобар преглед и извршување на задачите од својата HR специјалност, туку и можност за прогрес во нивната кариера, преку добивање на сеопфатна едукативна позадина што е неопходна за повисоките HR позиции, како HR Менаџер или HR Координатор кои бараат експертиза и познавање во длабочина на сите HR сегменти со цел успешно менаџирање на целосната HR функција на една организација.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.