Надвор од приказната на умот

од 24HR

Колумна на Викторија Јордановска основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP)

За да напредуваме и да водиме исполнет живот, верувам дека треба да ја негуваме најважната врска во нашиот живот – онаа што ја имаме со себе! Затоа, мојата намера овде е да споделувам со вас работи, што се надевам дека ќе ви бидат корисни и ќе ве водат на вашето патување кон креирање на љубовен однос со себе и со другите, со цел да изградите живот што го посакувате.

Месецот кога дрвјата не учат колку е лесно да пуштиме нешто… шарениот и убав октомври е тука

Да почнеме…

Сите ние сакаме да споделуваме приказни – без разлика дали се работи за тоа како ни се одвивал денот, средба што поттикнала нешто во нас, конфликт со кој сме се соочиле на работа, радоста кога гледаме како нашето дете успева, предизвик низ кој поминуваме или сме го надминале, оправдување зошто сме или не сме направивиле нешто, магијата на некое убаво искуство или едноставно приказната за тоа кои сме кога ќе запознаеме некој нов. Во мојата работа имам привилегија да слушам безброј приказни кои луѓето ги носат во себе. Моите лични приказни исто така заземаат голем дел од моето секојдневие.

Нашиот мозок е фабрика за приказни. Постојано создава наративи и така прави смисла од светот. Ги филтрира информациите добиени преку нашите сетила и ги поврзува. Кога нешто недостасува, нашиот мозок веднаш ја пополнува празнината. Оваа способност за раскажување ни помага да создадеме значење од хаосот, но исто така, ја бојадисува нашата перцепција.

Важно е да се освестиме дека нашиот мозок не создава било каква приказна; тој ја создава нашата сопствена приказна. Таа е обликувана од нашите сопствени уникатни искуства, сеќавања, ставови, емоции и предрасуди. Живееме во овие приказни, понекогаш дури и без да сфатиме дека тие се само една верзија на реалноста, нашата сопствена субјективна реалност! Во основа, ние сме ѕвезди на нашите сопствени внатрешни сапуници, без воопшто да се запрашаме дали сценариото можеби има некакви недостатоци. Нашите приказни го обликуваат нашето искуство за светот околу нас.

Замисли си дека се подготвуваш за важен состанок. Твојата презентација е спремна, белешките ти се подготвени, говорот ти е извежбан неколку пати, го визуелизираше успехот, па дури ја одбра и облеката во која изгледаш најпрофесионално и се чувствуваш најудобно. Но, твојот внатрешен наратор започнува со она „Што ако?“ – Што ако се збркаш? Што ако луѓето мислат дека не си подготвен/а? Што ако ти снема глас? Што ако ти се тресат рацете? Што ако заборавиш да ги кажеш важните точки? … И одеднаш, безопасниот чин на презентација кулминира во трилер во твојот ум.  Внатрешно, количината на твоите стрес хормони вртоглаво расте и ги чувствуваш сите физиолошки симптоми… и сето тоа поради приказна која можеби дури и не е вистинита!

Невронауката ни открива дека делот од нашиот мозок кој е активен кога не сме фокусирани на надворешниот свет, што се нарекува Default Mode Network (DMN или мрежа на стандарден режим) и што е одговорен за интроспективна мисла, самореферентно размислување и лутање на умот – постојано создава внатрешни наративи. Овие приказни ни даваат чувство за себе, континуитет и разбирање, но тие исто така можат да бидат извор на стрес кога премногу се замараме со нив. DMN сака да ги поврзува точките и да создава обрасци: колегата не ти одговара на порака? – „Мора да ми се налутил“. Директорката ти фрла поглед на состанок? – „Ќе добијам отказ“. Детето не одговара кога го бараш? – „Сигурно му се случило нешто.“ Гледаш колку брзо мозокот претерува? Овој брз процес на „врзување“ на информациите е длабоко вкоренет во инстинктот на мозокот за преживување и може да предизвика непотребна вознемиреност во секојдневните ситуации.

Кога ќе ја зголемиме нашата свесност за ова, имаме можност да изреагираме поинаку – да застанеме за момент, да се посомневаме во наративот и да се отвориме за нови перспективи.

Во НЛП (невро-лингвистичко програмирање) работиме со претпоставка дека секој од нас има своја внатрешна мапа на реалноста која ја гради врз основа на својот специфичен сет на филтрирање на сензорните информации. Двајца можат да бидат на ист настан и да си заминат со сосема различни приказни. Зошто? Бидејќи сите ние имаме уникатен сет на филтри, како што се верувањата, вредностите и минатите искуства, кои ја обликуваат нашата перцепција за светот околу нас и влијаат на тоа како ги раскажуваме нашите искуства и животи. Овие приказни обично се автоматски, и понекогаш проблематични, но можеме да ги смениме и преформулираме!

Пред да продолжиме, едно соопштение

Првата генерација на НЛП практичари на Виенската Меѓународна Академија веќе го започна своето патување во Македонија, а 5-тата генерација на НЛП практичари во Виена го започнува своето патување кон извонредност во комуникацијата на 25 октомври. Следната група која ќе започне во 2025 година е веќе во формирање, можете да се пријавите овде.

Сега да продолжиме

Излегување од приказната

Надвор од приказната на умот!“ – ми одѕвонуваат зборовите на Сергеј Ѓеоргиев, мојот учител по медитација и јога. Свесност е првиот чекор ако сакаме да излеземе од овие ментални дупки. Континуирана состојба на свест (mindfulness) е патот. Како да притиснеш пауза на менталниот филм што се проектира во твојата глава. На тој начин можеш да ги набљудуваш своите мисли и емоции без веднаш да реагираш или да ги осудиш. Замисли си дека седиш на режисерското столче на твојот ментален филм, и наместо да те фрапира заплетот, можеш да се насмевнеш и да кажеш: „Еј, види! Еве ја пак приказната што ме вознемирува. Колку предвидливо!

Истражувањата покажуваат дека практиките за mindfulness може буквално да го променат мозокот. Студијата на неврологот Сара Лазар од Харвард покажува дека редовна и долготрајна медитација која ја вежба состојбата на свесност ја зголемува густината на префронталниот кортекс (дел од мозокот што е одговорен за размислување од повисок ред), додека пак ја намалува големината на амигдалата (центарот за емоционална реакција на мозокот). Накратко, практиките за mindfulness ти помагаат да одговориш на животот наместо да реагираш на приказните што твојот мозок постојано ги врти.

Подолу ќе излистам неколку начини кои можат да ти помогнат да излезеш од приказната на умот:

  1. Забележи ја приказната: Првиот чекор е да препознаеш кога си изгубен/а во мислите. Земи длабоко воздух и запрашај се: „Кое е сценариото овде? Дали ми помага? Дали е вистинито?
  2. Именувај го нараторот: Дали приказната ја раскажува твојот внатрешен критичар или можеби перфекционистот? Именувањето на внатрешните ментални карактери помага да се создаде дистанца помеѓу тебе и приказната. „Еве ја мис Совршена повторно!“
  3. Одзумирај: Замисли си како ги гледаш твоите мисли како облаци што поминуваат. Тие се привремени. Можеш да ги гледаш без да се заглавиш во нив. Како што вели експертот за mindfulness, Jon Kabat-Zinn, „Не мораш да им веруваш на своите мисли. Тие се само мисли.“
  4. Втемели се во реалноста: Приклучи се на своите сетила. Што гледаш, што слушаш и што чувствуваш во моментов? Што се случува околу тебе, а не е само во твојата глава? Кога се фокусираш на моментот во сегашноста, драматичната приказна ја губи својата моќ.
  5. Нова поинаква приказна: Користејќи ги техниките на НЛП, смени го наративот. Наместо да размислуваш: „Јас сум ужасна на јавен настап“, обиди се со следното: „Мојата способност да зборувам самоуверено расте секој ден.“ Зборовите ја обликуваат нашата реалност!

Нашиот ум сака драма, но ние не мора да глумиме во неа!

Која е приказната што си ја кажуваш секој ден за тоа кој/а си?

Кои се приказните што ги кажуваш за твоите способности?

Како се етикетираш себеси со зборовите кои ги користиш?

За крај,

Мојата порака за месец октомври е:

Пушти ги старите приказни што не ти се корисни повеќе и дозволи си да започнеш да пишуваш нови  🖤

Сугестии за понатамошно читање:

The Inner Game – претходна едиција на Внатрешна Експедиција

Извори на инспирација и информација:

Она што моментално го читам и гледам:

  • The Elastic Mind, статија во Psychology Today од Leondard Mlodinow
  • The Teachings of Don Juan – првата книга на Carlos Castaneda. Ги купив сите, очекувајте ќе споделувам со вас во наредните изданија.
  • Bird by Bird – книга на Anne Lamott
  • Wednesday – серија режирана од Tim Burton

* Оригиналниот текст е објавен на Англиски јазик и можете да го прочитате на следниот линк:  Out of the story of the mind! | LinkedIn

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...