Преку практиканство до посакуваната работа и компанија!

од 24HR

Колумна на Славко Саздовски-Експерт за човечки ресурси и обуки – консалтинг Саздовски

Зошто практиканстка работа?

Неоспорен е фактот дека формалното универзитетско образование е основата на знаењето во полето во кое сакаме да ја градиме нашата кариера. Основата пак на развојот на вештините лежи во практичната работа која може да ја надградуваме уште во фазата на формално образование.    

“Практикантска работа претставува активност од интерес за Република Македонија која придонесува за подобрување на квалитетот на студентското усовршување, при што се постигнува младите луѓе уште во процесот на студирањето или по нивното непосредно завршување,  да се стекнат со практично работно искуство, како форма на реална подготвителна обука што понатаму би го олеснила, односно приближила процесот на нивното вработување, правејќи ги подготвени да се вклучат во реалните работни процеси”.

Едноставно од праксата имаат корист и студентите и бизнисите и општеството. Практикантската работа претставува одлична можност за студентите да работат на својата конкурентност на пазарот на труд, за бизнисите да креираат база на практиканти за кои имале можност директно да ги видат нивните работни перформанси и при нови вработувања да се повикаат на таа база, за  општеството активна мерка за подобрување на сликата за кадар со практично работно искуство и евентуално намалување на невработеноста. 

Кои се предизвиците со практикантите за компаниите при спроведување на процесот на практична работа?

Со оглед на фактот дека во секоја организација постои одредена корпоративна култура градена меѓу другото од процедурите и инструкциите за работа кои треба да се следат, а практикантите се во основа без работно искуство,  нивното интегрирање во организација бара поддрша и разбирање од целиот персонал. На практикантите им е потребно време да се адаптираат и да се усогласат со работните задачи. Стравот да не погрешат нешто во работењето ги тера постојано да прашуваат и да се консултираат што значи дека имаат потреба да бидат водени. Точно е дека практикантите земаат време од редовните работни обврски за нивната практикантска работа но тоа може лесно да се надмине со доделување на ментор па  тука улогата на менторот доаѓа до израз. Менторот е прва линија на комуникација и поддршка на практикантот кој го води низ реализацијата на работните задачи низ целата пракса. Во улогата на менторот практикантот наоѓа начин како да се справи со предизвиците на работните задачи а исто така се овозможува контрола на квалитетот на сработеното. Оваков пристап со ментори ги релаксира практикантите во нивното работење и допринесува нивната иницијативност да дојде до израз. 

Доколку се добро водени и подпомогнати од страна на нивните ментори успешно се вклопуваат во тим и можат да се справат со сите работни задачи во рамките на нивните капацитети и брзината на учењето.

Порака до студентите, идни практиканти

Претпоставувам дека кај некои од студентите во контекст на праксата се јавува прашањето “што имам јас од тоа?” Се што треба да инвестираат студентите е своето време, а тоа ќе им врати со повеќекратни придобивки. 

Ќе се стекнат со одредено работно искуство и со работни навики. Во зависност од тоа каде реализираат пракса ќе можат да видат дали ќе им се допадне работа во одредена организација и дали таквата работа буди кај нив интерес за градење кариера во тој сектор без разлика дали станува збор за државни институции, бизнис секторот или граѓанскиот сектор. Ќе можат да го надополнат своето CV што значи дека нивната работна биографија добива на тежина, дополнително ќе можат да се повикаат на референца кај својот ментор. Ќе влезат во базата на практиканти во организациите каде што реализирале пракса па во иднина доколку се отвараат работни места ќе можат да бидат повикани на интервју. Ќе го зголемат својот социјален капитал па комуникацијата со луѓето од секторот ќе ги води до подобра информираност.

Сето ова ќе им помогне да станат поконкурентни на пазарот на труд и полесно да дојдат до вработување.

Да заклучам, студентите на праксата треба да гледаат како на инвестиција во самите себе која секако им враќа со придобивки.

Порака до бизнис заедницата

Водењето бизнис е секојдневно справување со предизвиците кои ги носи бизнисот. Можеби за некои од бизнисите примањето на практиканти ќе личи како дополнително трошење енергија и нејасна придобивка од сето тоа. Доколку се примат практиканти енергија ќе биде потрошена, едноставно потребно е да има одговорно лице кое ќе го организира и координира приемот на практиканти поготово ако се примаат практиканти во поголем број. Точно е дека постои пропорција помеѓу големината на организацијата и можноста да се примат практиканти но точно е и дека секој бизнис може да прими практикант. Колку и да е некоја организација добро организирана од аспект на човечки ресурси сепак “додадена вредност” е да се има дополнително некој кој може да помогне во реализација на работните задачи. Придобивките на бизнис заедницата од примање на практиканти може да се гледаат во две насоки. Една е дека бизнис заедницата уште еднаш ќе ја оправда улогата на социјално одговорни бизниси а другата е дека бизнисите ќе си помогнат сами на себе во контекст на тоа дека при вработувања ќе имаат кадар со одредено работно искуство и полесно  нивно интегрирање во колективот. Затоа, мојата препорака е бизнисите да ги отворат вратите за практиканти.

За авторот:

Славко Саздовски во професионалната биографија има забележано 20+ години искуство на позиции кои бараат коориднација, организација, планирање, менторирање, мониторинг и вештини за оценка, како и развој и испорака на обуки во рамки на меѓународни проекти и проекти во областа на приватниот и јавниот сектор. Дополнителна надоградба на вештини и знаење преку постдипломските студии по меѓународен менаџмент на Институтот по економија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј и стекнато звање магистер по економија.

Преку работа на различни задачи во локални и меѓународни компании стекнато искуство во различни активности за раководење со човечките ресурси преку кои се усовршени вештините во раководење и развој на човечки потенцијал, селекција и регрутација, развој на таленти, оценување на перформанси, лидерство, менторирање, менаџирање на таленти, вклучувајќи и развој и спроведување на обуки и работилници на овие теми.

Најголем дел од експертски ангажман е поврзан со развој на човековите ресурси во различни сегменти на јавниот и приватниот сектор како и граѓанскиот сектор и тоа како Координатор за едукација за лидерство и развој при Forum Syd – Sweden во соработака со SEE University; Менаџер за обука и развој (Training & Development Manager) во Охридска банка – Société General Group; Директор за Човечки ресурси и Академија при Кроација Осигурување Живот А.Д. Скопје; Сопственик на друштво за консалтинг услуги “САЗДОВСКИ” – Скопје.

Неговото досегашно искуство во развој на човековите ресурси подразбира испорака на 1500+ денови обука кои подразбираат дизајн и испорака на обуки за развој на вештините на персоналот и менаџментот (техники на продажба, управување на односите со клиенти, водство, развој на менаџерски вештини, менаџмент на тим, преговарање, комуникациски и презентациски вештини, раководење со човечки ресурси, емоционална интелегенција и други)

Личен став е дека развојот на човековите ресурси се поле на кое континуирано треба да се работи на подобрување на знаењата и вештините меѓу одговорните кои се на различни нивоа на управување со компаниите.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...