Прекувремена работа

од 24HR

Работно време е времето во кое работникот работи и ги извршува своите работи и работни задачи согласно закон, колективен договор и договорот за вработување.Законот за работните односи воспоставува правен механизам за ограничување на траењето на нормалното работно време (т. е. полното работно време), како и на прекувремената работа.

Прекувремена работа и дополнително работење во случаи на природна или друга несреќа

Прекувремената работа може да се определи како работа преку полното работно време што ја врши работникот на барање на работодавачот.

Причините, т. е. правните основи за воведувањето прекувремена работа се таксативно наведени во Законот за работните односи, и тие се:

  • исклучителното зголемување на обемот на работата;
  • потребата од продолжување на деловниот или производниот процес;
  • нужноста да се отстрани оштетување на средствата за работа што би предизвикало прекинување на работата;
  • потребата од обезбедување безбедност на луѓето и на имотот, како и безбедноста на прометот;
  • други случаи определени со закон или со колективен договор.

Ограничувањето на траењето на прекувремената работа може да биде на неделна, тримесечна и на годишна основа. Ограничувањето на прекувремената работа во рамките на работната недела изнесува најмногу осум работни часа. За работи што поради специфичниот процес не може да се прекинат или за кои нема услови и можности да се организира работата во смени, прекувремената работа може да се пресмета и за тримесечен период. Притоа, во рамките на временски период од три месеци, прекувремените работни часови не може во просек да надминуваат повеќе од осум часа неделно. Конечно, прекувремената работа се ограничува и на годишна основа и таа изнесува најмногу 190 часа годишно, со исклучок на одредени дејности (како, на пример, за вработените во Министерството за внатрешни работи).

Работното законодавство пропишува и други одредби наменети за зголемување на транспарентноста во воведувањето на прекувремената работа со крајна цел – заштита на здравјето и безбедноста и заштита на правата на работниците. Во таа насока, работодавачот е должен да води посебна евиденција за прекувремената работа и часовите за прекувремена работа посебно да ги наведе во месечната пресметка на платата на работникот. При секое воведување на прекувремената работа, тој е должен писмено да го извести подрачниот државен инспектор за труд. Дополнително, Законот за работните односи предвидува апсолутна забрана за прекувремена работа на одредени категории работници (на пример: на работнички за време на бременост или до една година по породувањето, на работници што не навршиле 18-годишна возраст и др.) и релативна забрана што овозможува прекувремено работење, само со писмена согласност, на други категории работници (на пример: на работнички со деца од една до тригодишна возраст, на повозрасни работници и др.).

Единствениот начин на компензирање за работниците што работеле прекувремена работа е нивно материјално обесштетување преку зголемена плата (додаток на плата), но не и трансформација на прекувремената работа во слободните денови. Висината на додатокот на плата за прекувремена работа се утврдува со колективните договори.

Во случаите на природна или друга несреќа, работникот е должен да ја врши работата преку полното или договорното пократко работно време на своето работно место или други работи во врска со отстранувањето или спречувањето на последиците. Таквата работа може да трае додека е неопходно да се спасат човечките животи, да се заштити здравјето на луѓето или да се спречи непоправливата материјална штета.

Извор:Mojtrudmoiprava

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...