Колумна на Неда Спасевска – Менаџер за Човечки ресурси во Xessable
Договорите за вработување регулираат низа законитости кои произлегуваат од работниот однос како работното време, платата, времето за одмор работните задачи за една работна позиција итн. Воедно во секоја организација која расте и учи, секако треба да постојат и дополнителни процеси кои ќе го регулираат насочуваат па и надградуваат бизност но и луѓето кои се во неа.
Сведоци сме на економска криза, инфлации, пад на берзи недоверба на инвеститори, корпоративни отпуштања, а со самото тоа и трансформација во работните односи зачинети со разнишувања на столбот на модерната работна средина.
Денешницата е специфичен конструкт за која секој има свое убедување, став, размисли, докази. Во контекст на ова, се повеќе е важно да размислуваме во насока, која деновиве од неформален разговор ме поттикна и да го напишам овој блог пост, за психолошкиот договор кој може да биде еден одговор за очекувањата и како работник и како дел од оперативниот менаџмент во кој сум вклучена.
Психолошкиот договор не е нешто ново кое се споменува и практикува, но е од голема важност токму поради сите денешни предзвици со кои се соочуваме и како работна организација и како индивидуи, работници и сите улоги кои ги играме низ животот.
Од количеството на правила прописи, правила, протоколи, процедури, огласни табли, канали за споделување информација и комуникациско општење во работните организации несомнено е дека истите треба да се преточат и ги изградат очекувањата на работодавците во однос на тоа како треба работниците да се постават, да работат, да учат, да се однесуваат и да ја дефинираат мисијата визијата но и културата воопшто.
Сепак, психолошкиот договор не е нешто кое можеме да го склопиме на писмено и да го подготвиме како форма или соопштение кое ќе ги одекнува нашите заложби за подобро.
Истиот иако не постои на хартија и не ги уредува работничките права, сепак ги обликува и дефинира очекувањата на работникот и работодавачот, нивниот однос, амбиции и верувања, како еден работник ќе се однесува на своето работно место и сентиментот кон работата. Шансите се поголеми ако сте инвестирале во своите луѓе и културата, тогаш можеби не сте свесни ама имате психолошки договор како byproduct. Сето ова е на несвесно ниво, односно овој договор постои во нашите глави, а се додека очекувањата за една компанија ни се отсликани преку нејзиното делување, добро е, се е добро.
Психолошкиот договор е ефикасен бидејќи води и помага во тоа како луѓето работат од ден во ден. Истиот се базира на доверба, фер пристап и однос. Но, како и сите договори впрочем и овој може да биде прекинат, нарушен. Причините се бројни, од несоодветна комуникација со менаџерите, тим лидерите, топ менаџментот, до тоа да идеите не се прифатени, промовирање на микроменаџмент, чувство на “тапкање во место“, нејасности за унапредувања, кратење бенефиции, намалени плати итн.
Психолошкиот договор може да се поправи, тоа се добри вести. Но исто како и со довербата, тешко е да се поправи, но сепак не е невозможно. Компаниите можеби треба да ги преиспитаат начините на кои комуницираат со своите вработени, да се потсетат на емпатичност и со смирен пристап да се обидат да се сретнат на средина со очекувањата на вработените. Отвореноста и фидбекот е еден начин да се увидат промените кои придонеле да пукне по шевови непостоечкиот психолошки договор.Преставниците од HR можат до некаде да помогнат, да се осигураат дека тонот на комуницирање е јасен, фидбекот е овозможен, активно се вклучени сите аспекти во брендирање на работодавачот, постојат обуки и тренизи кои ќе овозможат унапредување на вештините на вработените, личниот развој, редовни разговори 1-1, анкети и сл. Дополнително, јаснотијата во очекувањата на работниците кои се поврзани за работното место како оценување на учинокот, одредени бенефиции и слични можни кариерни траектории низ организацијата, може да играат важна улога во одржувањето на овој вид на договор.
На крајот сите ние сме луѓе, а очекувањата на луѓето може да се променат, намалат зголемат итн. Заклучокот би бил дека е поважно да се превенира неуспешен психолошки договор и да се работи на негово одржување на долг рок. Довербата е клучот за секоја успешна врска па така и оваа работната кариерната не е исклучок.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.