Општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, „Крени глас против врсничкото насилство“, ќе ги прошири едукативните активности и во Гевгелија. Учениците од основните училишта во надлежност на оваа општина ќе имаат прилика да се здобијат со знаења за проблемот со врсничкото насилство преку работилници што ќе ги овозможи компанијата, а ќе бидат предводени од психотерапевт со практично искуство на оваа тема. „Макпетрол“ и Општина Гевгелија денес потпишаа меморандум за соработка со цел успешна реализација на овие активности.
– Соочувањето со врсничното насилство е исклучително значајно за секое општество, а клучен иницијален чекор во оваа борба е неговото препознавање. Тоа значи дека, најпрво, треба да се вложи значително повеќе внимание и енергија во кревање свест во јавноста дека се работи за широко распространет проблем којшто не би смеел да се прикрива, туку напротив, за него мора да се води суштински разговор. Убедени сме дека во сето ова едукацијата е од пресудно значење, а лицата кои што се обучени и кои што имаат практично искуство со случаи на булинг се најсоодветните за да ги пренесат знаењата поврзани со оваа тема. Преку комуникациските активности од нашата кампања, всушност, сакаме да го зголемиме интересот на јавноста за проблемот со врсничкото насилство, а со работилниците имаме за цел и во пракса да понудиме пристап за директна работа со децата, но и со просветните работници и секако, со родителите – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Освен преку работилниците, учениците подобро ќе се запознаат со проблемот со булингот и преку едукативен материјал којшто, исто така, ќе биде наменет и за нивните родители. Во самите работилници, пак, покрај децата и наставниците, ќе бидат вклучени и членови стручните служби во училиштата од општина Гевгелија. Знаењата што ќе бидат пренесени во текот на овие активности потоа ќе можат да се применуваат и во тековната настава.
– Врсничкото насилство е појава што постои навистина долго време, но се чини дека изминативе години, со развојот на дигиталните технологии и на комуникациските алатки, нејзиниот замав е значително зголемен. Притоа, не е во прашање само сајбер-булингот, децата и учениците и надвор од интернет-просторот, односно во реалноста, се изненадувачки груби едни со други. Во текот на работилниците разговараме за повеќе аспекти на врсничкото насилство, за начините како тоа им влијае не само на жртвите, туку и на сторителите и на набљудувачите. Преку директен разговор и размена на ставови со децата, се обидуваме да ја пренесеме пораката дека булингот остава сериозни, долгорочни, последици кои што не се забораваат, напротив, тие остануваат како белег и во понатамошниот тек од животот – вели Деспина Стојановска, системски и семеен психотерапевт.
Вебсајтот kreniglas.mk е централен сегмент на кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Интернет-страницата има за цел да пренесе знаења на сите што можат да придонесат во изнаоѓањето пристапи и решенија на проблемот со булингот, а тоа се децата, родителите и наставниците. Освен тоа, жртвите, но и сите кои на каков било начин се соочиле со врсничкото насилство можат анонимно да ја споделат личната приказна или, пак, преку интерактивен квиз да откријат какви познавања имаат на темата.
Едукативната кампања „Крени глас против врсничкото насилство“ се реализира во рамки на една од стратешките цели на „Макпетрол“, а тоа е општествената одговорност. Целта на комуникациските содржини, како и на работилниците овозможени од компанијата, е зголемување на јавниот интерес за проблемот со булингот. Сите општини или образовни институции, кои што ја препознаваат вредноста на овие активности, можат отворено да контактираат со „Макпетрол“ и со заеднички пристап да се изнајдат долгорочни решенија за врсничкото насилство како проблем што има значајно влијание врз развојот на идните генерации.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.