Колумна на Афродита Кермичиева Пановска-Кариерен советник
Разговорите за евалуација на перформансот се насочени кон минатото и го оценуваат работењето на вработениот во текот на изминатата година или полугодие. Понекогаш се вклучуваат и евалуации од колегите доколку се прави 360 степени фидбек. Вообичаено се разгледуваат силните страни и областите за развој. Пред ваквите состаноци, вработените често се под стрес и се нервозни. Затоа, има смисла да се разделат овие два формати на разговори и наместо тоа да се создадат повеќе можности за разговор во текот на годината.
Кариерните разговори, пак, се пообемни и истражувачки. Во нив, фокусот е на соговорникот. Ова е прилика да се покаже на членот на тимот дека ги има одговорите во себе и дека е експерт за својата кариера и цели. Заедно можете да поставувате прашања и да разберете:
- Што функционира најдобро во твојата улога?
- Што те мотивира најмногу?
- На што најмногу се радуваш во наредната година во однос на раст и влијание во организацијата?
Значењето на кариерните разговори и неформалните моменти во текот на годината е во тоа што луѓето постојано се развиваат. Не може да се претпостави дека знаете што се случува во мислите на вработените. Само затоа што еден разговор се одржал пред една година, не значи дека се е останато исто.
Понекогаш, лидерите влегуваат во овие разговори со чувство дека треба да решат нешто или да дадат многу вредни сознанија и конкретни совети. Сепак, кариерните разговорите не се за решавање проблеми. Напротив, лидерите треба барем во првиот дел од разговорот да се повлечат од улогата на советник. Тука важи правилото 70% слушање, без свој коментар или совет.
Едно правило во кариерниот разговор е колку помалку зборувате и наметнувате решенија, толку повеќе лицето пред вас ќе извлече од разговорот. Бидејќи на овој начин можете постепено да ги откриете слоевите на неговите најголеми сили и желби.
Често ми го поставуваат прашањето: „Што ако вработениот директно побара совет?„ Понекогаш вработениот доаѓа директно и вели: „Што мислиш дека треба да направам?“ или „Што би направил на мое место во оваа ситуација?“. Можен одговор е: „Со задоволство ќе ги споделам моите сознанија, искуства и совети со тебе, но да го оставиме тоа за крајот. Прво, ти си на ред.“
Кога го повикувате вработениот на кариерен разговор преку е-маил, можете да го поставите тонот на ваков начин: „Ти си во фокус на разговорот! Не мора да ги имаш сите одговори пред да се сретнеме. Не станува збор за тоа јас да ти кажам што да правиш или да ти ги презентирам сите решенија. Наместо тоа, сакам да ти помогнам да откриеш и да истражиш што најмногу ќе те радува да правиш во наредната година. Заедно ќе ги разгледаме твоите силни страни, желби и цели. Ќе те поддржам да ги пронајдеш своите одговори и решенија. Така можеш со доверба и јасна визија да влезеш во новата година. Со нетрпение го очекувам нашиот разговор!“
Кариерните разговори и евалуацијата на перформансот имаат различни цели. Евалуацијата служи за оценување и повратни информации, додека кариерните разговорите служат за развој и поттикнување. Двата формати се важни за развојот на вработените, но не треба да се мешаат. Препорака е да се спроведуваат посебно.
Доколку овозможите на вработените да имаат интерна кариера ќе ја намалите флуктуацијата и ќе го зголемите задоволството.
За авторот:
Афродита Кермичиева Пановска-Кариерен советник
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.