Регулирање на деловната тајна во Република Северна Македонија

од 24HR

Колумна на Д-р Ана Пепељугоска-Адвокат – партнер во Адвокатското Друштво Пепељугоски

Во Република Северна Македонија досега не постоеше посебен закон за заштита на деловната тајна или за заштита на информациите и податоците, иако постојат повеќе законски прописи во кои се содржани одредби кои го регулираат прашањето за деловната тајна. Со оглед на процесот на апроксимација на домашната регулатива кон онаа на Европската Унија, законодавецот сметаше дека е од суштинско значење донесување на посебен закон за заштита на деловна тајна, кој би довел до зајакнување на заштитата на виталните информации на деловните субјекти што се изложени на ризик од откривање.

Со овој  Предлог-закон се уредува заштитата на неоткриени знаења и искуства и деловни информации (деловна тајна) од незаконско стекнување, користење и откривање. Носителите на деловна тајна имаат законско право да бараат мерки, постапки и правни средства предвидени со овој закон заради спречување на незаконско стекнување, користење или откривање на нивната деловна тајна. Освен носителот на деловната тајна, заштита на правото од овој закон може да бара и носител на лиценца во онаа мера во која за тоа е овластен врз основа на договор или закон.

Значајно е да се напомене дека со овој Предлог-закон потребно е да се усогласат и посточеките законски прописи кои веќе содржат одредени елементи на заштита на деловната тајна. Тука особено ќе го издвоиме и Законот за индустриската сопственост. Имено, во рамките на Европската Унија, прашањето на деловна тајна, во голема мера се разгледува од аспект на правото на индустриската сопственост.

Во рамките на Европскиот Завод за Интелектуална Сопственост (ЕУИПО), со цел унифицирано спроведување на Директивата за деловни тајни 2016/943, донесени се неколку прирачнци кои ја регулираат оваа материја. Она што е интересно да се издвои е прирачникот за судската заштита од повреда на деловните тајни. Видно од анализата на повеќе од 700 пресуди, судските спорови за повреда на деловните тајни се главно на национално ниво во отсуство на прекугранични спорови. Најчесто странки во овие спорови се поранешни вработени со нивниот работодавач или компании кои соработувале во создавање на одреден производ/давање на определена услуга. Она што е интересно да се напомене е дека поголемиот број од овие спорови се однесуваат на комерцијалните, а не на техничките информации кои биле класифицирани. Заедничко за сите спорови е што често пати прашањето на нивна повреда се поврзува и со сторување на акт на нелојална конкуренција и со директна повреда на одредени прашања кои ги регулира интелектуалната сопственост (пр. договори за лиценца, договори за франшиза и сл.)

Имајќи го во вид различниот дијапазон на споровите каде може да настане повреда на деловните тајни, останува да видиме како судовите во Република Северна Македонија ќе го применуваат новиот закон (lex specialis), но и каква ќе биде поврзаноста со постоечките останати материјални закони, особено Законот за индустриската сопственост, при остварувањето на правото на судска заштита на носителите на деловни тајни.

За авторот:

Д-р Ана Пепељугоска-Адвокат / Партнер во Адвокатското Друштво Пепељугоски

Докторира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2017 година на насоката Интелектуална Сопственост. Воедно, носител е и на магистратура на Правниот факултет „Јустинијан Први “ Скопје, со двојна диплома со Универзитетот во Стразбург.Положен правосуден испит во 2014 година. Од 2011 година работи во Адвокатското Друштво Пепељугоски, а од 01.01.2015 година работи како Адвокат.

Од 2019 година е партнер во Адвокатското друштво Пепељугоски.

Во 2012 година учествува на 19-тиот натпревар за Меѓународна Трговска Арбитража (Willem C. Vis International Commercial Arbitration Competition) во Виена, каде беше наградена со Почесно Признание во рамките на наградата Мартин Домке за најдобар оралист, како и во рамките на тимските награди. Во 2013, 2014, 2015 година беше поканета да учествува како арбитар на натпреварот и е дел од тимот на тренери на Правниот факултет „Јустинијан Први“ Скопје.

Има учествувано на голем број на семинари и курсеви како што се: IRZ 4te Sommerschule 2014 година, The Hague Academy of International Law 2012 година, IDLO Skopje 2012 година, летната програма на Универзитетот во Бремен за правна терминологија на Германски Јaзик, летни курсеви на Гете Институтот во Германија во периодот од 2004-2008 година.

Исто така е и автор на повеќе книги, публикации, стручни и научни трудови

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...