*затоа што другиот збор што се римува со „глупак“ не е најприкладен за објава
Колумна на Викторија Дамчевска-People Operations Manager во Brainster
Сакаш да се издигнеш? Почни со спуштање. Ќе градиш кула која ќе ги пробие облаците?Прво постави ја основата во понизноста.
– Свети Августин
Не би рекла дека нешто особено уживам во интервјуа за работа. Како кандидат, поточно. Ја разбирам иронијата зад оваа изјава со оглед на тоа дека сум менаџер на човечки ресурси и правам интервјуа скоро секој ден. Можеби затоа што не сум најекстровертниот човек на светот. Или можеби затоа што мразам да зборувам за себе, бидувајќи постојано под влијание на синдромот на натрапник. Понекогаш имам чувство дека сум им досадна на луѓето кога ги спомнувам моите достигнувања или пак мислам дека не се толку важни за да се спомнат. Ми имаат кажано повеќепати дека премногу се потценувам и дека сум прекумерно скромна. И целосно сфаќам зошто е тоа така. Луѓето губат работа, пазарот на трудот е ултраконкурентен, трка и борба е и не е логично да се биде скромен. Во очите на денешниот свет тоа е застарена доблест, за потценување, или, накратко кажано, само глупави, наивни луѓе се скромни. Но што значи да се биде скромен, всушност?
Намалување? Не! Децентрирање.
Понизноста, скромноста (на англиски humility) доаѓа од латинскиот збор „хумус“, кој значи земја, па така скромноста значи да бидеш призејмен, или да ја имаш земјата под себе, да бидеш со нозете на земја. Тоа не е нешто што доаѓа природно, тоа е постојан, свесен избор. Се доживуваме себеси како психолошки центри на нашите животи и овој фокус на нашиот центар, на нас, создава искривена и пристрасна слика и перцепција, креирајќи гравитациска сила кон нашите желби, потреби и мислења. Себеси си даваме приоритет затоа што сме тие кои најдобро ги познаваме. Но, ние не сме сами на овој свет. Важни сме како индивидуи, но припаѓаме на заедници. Да се биде скромен не значи недостаток на самодоверба и намалување на себе, тоа значи ставање на центарот надвор од себе. Не е да мислиш помалку за себе, туку да мислиш на себе помалку. Тоа значи да им дадеш поинаква перспектива на твоите постигнувања, особини и способности, дури и кога си стимулиран да ги преувеличиш. Никој не сака да зборува со луѓе кои само се фалат и мислат дека знаат сè.
Да се биде скромен значи да се има самосвест, тоа е волјата и менталниот напор да се видиш себеси точно, со сите свои недостатоци и несовршености, празнини во знаењето, грешки и ограничувања, да си дозволиш да бидеш ранлив и човечен. Потребна е храброст да разбереш дека и другите луѓе имаат сила и способности и понекогаш можат да бидат подобри од тебе во одредени аспекти. Да се биде понизен значи да се биде отворен за повратни информации и да се прифатат без да се стане дефанзивен, што отклучува еден многу важен атрибут што менаџерите на човечки ресурси го бараат кај кандидатите за време на интервјуа – отвореност кон учење. Знаењето никогаш не е ограничен ресурс, тоа е универзум кој постојано се шири.Ако веќе сè знаеш, тогаш нема што повеќе да научиш.
Скромните луѓе се добри слушатели, но тие навистина слушаат. Слушаат за да разберат и научат, не само за да одговорат. Фокусот свесно се става на другите.
Спротивното не е самодоверба, многу често е ароганција
Спротивното на скромноста не е недостиг на самодоверба, тоа е многу често ароганција. А ароганцијата е ризична за организациите. Според истражувањата, кандидатите кои се премногу самоуверени на интервјуа имаат 43% поголема веројатност да покажат токсични однесувања, а токсичните однесувања можат да ја отрујат работната култура, малку по малку нагризувајќи го интегритетот на целата организација.
И вистинската цена на вработувањето на токсични вработени е дискутирана многупати претходно. Дури и ако кандидатот е брилијантен, брилијантноста не може да го засени бидувањето глупак.
Скромните луѓе се познати по нивната согласливост, а согласливоста заедно со совесноста се силни предзнаци за негативна поврзаност со девијантни работни однесувања. Што значи тоа? Едноставно значи дека вработувањето на скромни вработени може до одреден степен да ја заштити организацијата од луѓе кои покажуваат девијантни работни однесувања, како што се:абсентизам, злоупотреба, агресивно однесување, создавање напнатост во тимот или предизвикување драма, меѓудругото.
Ако мислите дека само арогантни луѓе напредуваат во кариерата, грешите. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се скромни, искрено бараат повратни информации и не гледаат на соработките како нешто што им е испод чест, можат да имаат повеќе шанси за унапредување, бидејќи го користат социјалниот капитал стекнат преку личните односи. Секако, во овој контекст, скромноста не е единствената променлива која им помага во нивниот напредок, но дефинитивно е предност.
Оксиморонот на скромното лидерство
Скромните лидери (што дури звучи како оксиморон) докажано создаваат позитивни работни околини. Скромноста кај лидерите се покажува низ овие девет димензии: (1) имање точен поглед на себе, (2) признавање на јаките страни и постигнувањата на следбениците, (3) моделирање на способност за учење и коригирање, (4) водство преку пример, (5) покажување скромност, (6) работа за заедничкото добро, (7) емпатија и достапност, (8) покажување меѓусебна почит и фер однос, и последно, (9) менторирање и коучинг. Понизноста кај лидерите може да се рефлектира врз ставовите на вработените, како што се емпатија, покажување благодарност и етичко однесување. И не само тоа. Скромноста на лидерите може да влијае врз задоволството на вработените од работата, нивната посветеност кон организацијата, лојалноста и перформансите на работа. Звучи толку едноставно, а сепак може да биде клучно за кохезијата на тимот и организацијата. Отворената рака од лидерот може да создаде ефект на снежна топка што ќе одекнува низ секој поединец во организацијата.
Скромноста кај лидерите оди рака под рака со ниски нивоа на нарцизам, отвореност, трансценденција и емоционална интелигенција. Па така, сите нови „модерни“ термини во менаџментот како „ранливо лидерство“, „лидерство преку служење“, итн. имаат едно нешто во основата: скромност. Потребна е храброст за да бидеш скромен, бидејќи треба да водиш со срце.
„Јас“ против „ние“
Не сум сигурна дали сте свесни за тоа, но скромноста (или недостатокот од ароганција) се бара на интервјуа за работа. Постојат регрутери и менаџери на човечки ресурси кои намерно ќе бројат колку пати ќе кажете „јас“ додека ги опишувате успесите на вашиот тим во споредба со тоа колку пати ќе кажете „ние“. Не сте сами во успехот на компанијата и свеста дека сте дел од поголемата слика прави голема разлика. Никој не вели дека не треба да се гордеете со вашите постигнувања, туку само да покажете благодарност попатно. Кога ве прашуваат за вашите слабости или најголеми неуспеси за време на интервју, никој не бара начин да ве збуни, да ве направи да изгледате лошо или да изгубите поени. Единствената причина зошто овие прашања се поставуваат е да се процени нивото на самосвест, односно скромност. Постои интересен напис за трите прашања што ги поставува еден извршен директор за време на интервју за да ги отфрли луѓето што се „глупаци“ и многу ми се допаѓа третото прашање. Ако мислите дека знаете нешто 9 или 10 од 10, тоа значи дека има малку што можеш да научите.
Ричард Бренсон го правел „Тестот во ресторан“ за време на неформални интервјуа. Тој ги носел кандидатите во ресторан, кажувајќи му на келнерот намерно да ја измеша нивната нарачка пред состанокот за да види како кандидатот ќе реагира. Ако реагирале љубезно,преминувале во следната фаза од процесот на селекција, ако не, биле дисквалификувани. Многу можеш да дознаеш за нечиј карактер од неговото однесување со луѓето што работат во ресторани, вработените во продавници, кол-центри или во услужниот секторот воопшто.
Да се биде понизен не ја намалува силата или обемот на нашите потреби и интереси, туку ги проширува. Скромноста игра централна улога во живеење порадосен, посреќен, поздрав живот исполнет со благодарност.
…
Мислев дека ги имав сите одговори пред две и пол години. Мојата кариера напредуваше добро,моите написи беа читани и се чувствував видена и призната за моето знаење и искуство.Пребрзо ги оценував кандидатите. Но, тогаш се случи нешто што ми даде поинаква перспектива. Го изгубив мојот глас по мојата операција и во еден момент се запрашав: дали денешната Викторија би поминала како кандидат ако Викторија од пред тоа го водеше интервјуто? И тоа ме приземји комплетно. Почнав да слушам, вистински да слушам. На почетокот затоа што го штедев мојот глас, но дури и денес, кога го имам мојот глас, сè уште слушам. Слушам за да научам и разберам.
За авторот:
Викторија Дамчевска е HR професионалец со неколкугодишно искуство во регрутација и менаџмент на човечки ресурси. Моментално работи како People Operations Manager во Brainster. Има магистрирано на Сити Колеџот при Универзитетот Шефилд на отсекот EMBA in HR.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.