Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Секој е заменлив, ќе ви речат, со онаа полуиронична насмевка, како да откриле топла вода. И ќе ви го повторуваат истото, без оглед дали разговарате за приватни или службени нешта. Колега заминува од земјава, добил работа во друга земја – добро де, секој е заменлив, ќе дојде нов колега. Имате многу обврски на работа, немате време за кафе со пријателите – еј, не заборавај, секој е заменлив, ќе најдат друг за работата, не се вложувај толку! Си раскинал врска која многу ти значи – де бе па ти, ќе најдеш друг/а, секој е заменлив! И така. Наративот оди во насока на деперсонализирање на личноста, сведување на човекот на број, дел од маса луѓе, по ништо различни, по ништо специфични.
И социјалните мрежи ви го повторуваат истото – не се врзувајте за луѓе, не си дозволувајте чувства, бидете на дистанца, немојте да бидете искрени, не пишувајте први, не одговарајте веднаш на порака, не зборувајте за емоции, не бидете вакви, не покажувајте ова, не правете она… Зошто? Затоа што, нели, секој е заменлив, па зошто да вложуваш нешто во некого, кога и онака е заменлив!
Сериозно, толку ли сме небитни? Безбојни? Исти? Толку ли е сеедно со кого работиш, живееш, се дружиш? Толку ли сме лесно заменливи?
Живееме во време кога бројот на жителите на Земјата надмина осум милијарди. Во овој момент, на Земјата живеат повеќе луѓе отколку што воопшто, од моментот кога нашиот пра-пра-пра-пра дедо се симнал од гранките (или бил избркан од Рајот, како сакате) па до денес, некогаш живееле. Можеби навистина не сме толку посебни, м?
Ајде вака. На Земјата постојат осум милијарди луѓе. Огромен дел од нив знат да направат кафе. Милиони се занимаваат и професионално со тоа, па умеат да го направат така прецизно вкусно, од внимателно избрани зрна, испечени до совршенство, да ја погодат температурата на водата, брзината со која тече и тн. што, секако, придонесува за совршен филџан кафе, од кој ни пред најголемиот познавач на кафе не би се засрамиле. Но ти го сакаш баш она кафе што наутро ќе ти го направи твојата омилена личност, во обични, бели филџанчиња, затоа што мириса на него/неа, затоа што од негова рака е направено, затоа што му се смеат очите кога ти го носи. И не би го менувал ни за доживотна достава на најдоброто бразилско кафе, нели?
Или вака. Марија работи во пекара. Секој ден пече леб, кифли, колачи, по рецепт што, години наназад, се користи во пекарата. Марија ја сака својата работа. За неа, тестото што и го допираат рацете не е материјал за работа, туку начин на кој може да му даде на светот малку топлина. Малку убавина. За Марија, кифлите не се производ, туку придонес за нечиј убав почеток на денот. Топло и полно детско меше. Парче мир на пауза, за возрасните. Вкусно утро во паркот, за пензионерите. Марија е секогаш насмеана кога работи. Си потпевнува додека го гледа лебот како руменее, со потпукната, крцкава коричка, чекајќи некому да ја разубави трпезата. Заменлива ли е Марија?
Или пак, вака. Димче е одговорен за одржување на хигиената во дворот на фабриката. Тоа подразбира отстранување на отпадоците, средување на празните палети на соодветно место, миење на асфалтот и косење на тревниците. Но, Димче сака цвеќиња. И, кога има слободно време, засадува цвеќенца на работ на тревниците, ги наводнува и пресадува растенијата што ги разубавуваат канцелариите и ходниците, внимателно, со ножица, ги формира зимзелените дрвца, се грижи за живата ограда.. И, помага секаде каде ќе го викнат. Раце се, вели, не се јадат од работа, зошто да не помогнам некому? И Димче е само број на платниот список, нели?
Пред само десеттина години, класичен одговор од газдите (или директорите) на македонските компании, на секое барање на вработениот за одредена бенефиција, беше: Оди си, ако не ти чини! Уште утре ќе најдам некој што ќе ја работи твојата работа, и тоа, за помалку пари! Невработеноста беше огромна, така што, она “секој е заменлив” беше длабоко вкоренето, слепено со она, другото, “ќути, има и полошо”.
Многупати светот се заврте оттогаш. Ништо веќе не остана на место. Зошто тогаш упорно ја туркаме приказната за заменливоста?
Не сме исти. Секој е различен, посебен, битен. Секој има различни вкусови, потреби. Различни желби, амбиции, соништа. Секој човек има различно темпо, различен начин на работа, поинаков пристап.
Функцијата на Човечките ресурси е да го препознае сево ова. Да се грижи за професионалниот развој на секој вработен, не занемарувајќи ја притоа општата благосостојба на човекот.
Индивидуализираниот пристап во работењето со луѓето води до подобрување на перформансите, задржување на вработените и севкупен успех на бизнисот во целина.
Во што се состои овој пристап? Едноставно, овој пристап го гледа секој човек како посебна индивидуа, која поседува различни квалитети од останатите и, соодветно, може да придонесе на свој, поинаков, посебен начин, за работењето на компанијата.
Накратко, во неколку точки, тоа би било:
- Персонализација: прифаќање дека секој е различен и дека секоја практика можеби нема да одговара секому. Политиките и бенефициите се прилагодуваат на индивидуалните потреби и преференции.
- Развој на вработените: создавање на атмосфера која поттикнува континуирано учење и раст.
- Рамнотежа помеѓу работата и слободното време – промовирање на здрава рамнотежа помеѓу деловниот и приватниот живот.
- Почитување на мислењето: поттикнување на вработените да ги изразат своите идеи и да придонесат во процесите на донесување на одлуки.
- Менторство и feedback: обезбедување редовен feedback за работата, менторство и обука, со цел да им се помогне на вработените да напредуваат во нивната кариера.
- Различност и вклученост: создавање инклузивна средина каде што вработените се чувствуваат ценети, почитувани и прифатени во својата различност.
Преминот кон индивидуализираниот пристап во работењето со луѓето претставува значајна промена во тоа како компаниите гледаат и се грижат за своите вработени. Овој модел ја препознава уникатната вредност на секој поединец и не само што го подобрува задоволството и ангажираноста на вработените, туку игра и клучна улога во успехот на компанијата.
Сакам да кажам, време е да погледнеме поинаку на луѓето околу нас. Секој контакт, секоја врска (деловна или приватна) е различна, поинаква, посебна. Секој човек е неповторливо чудо што се случува сега, денес и овде.
Сакам да кажам, секој е заменлив. Освен Димче, него нема кој да го замени дури и кога треба да оди на годишен одмор. Нели.
За авторот:
Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.