„За да регрутирате одлични вработени и да бидете што е можно поефикасни додека одржувате интервју, фокусирајте се на подготовката, без разлика дали ви е прво, десетто или илјадито интервју“, колумна на Робертина Дишлијеска.
Најголем дел од регрутерите кога треба да прават интервју за нова позиција или кога почнуваат да работат за одредена компанија првично се прашуваат „Што да го прашам кандидатот?”. Понатаму следува подготовка на листа со прашања. Од свое искуство можам да кажам дека најголем дел од нив и не успеваме да ги поставиме. Дури и да се држиме до листата не мора да значи дека од одговорите ќе заклучиме или дознаемe нешто. Често премногу се фокусираме на тоа што да прашаме наспроти тоа да слушаме и разбереме што сака да ни каже кадидатот. Ова обично се менува со текот на времето, регрутерите стекнуваат искуство, стануваат посамоуверени и опуштени, па постепено успеваат да го сослушаат кандидатот. За да се избегне делот на „учење преку грешки” треба да се промени ставот од самиот почеток. Наважно е да посветиме време на подготовката пред самото интервју.
Подготовката не се однесува само на тоa што ќе го прашате кадидатот. Тоа е важен, но не прв и главен дел за да се остави впечаток кај кандидатот. Брајан Трејси еднаш рекол: „Една минута планирање е еднаква на десет минути поминати во акција“. За да регрутирате одлични вработени и да бидете што е можно поефикасни додека одржувате интервју, фокусирајте се на подготовката, без разлика дали ви е прво, десетто или илјадито интервју.
1. Одете малку подалеку од тоа што е напишано на самиот опис за работа и работните задачи
Пред какво било интервју, треба добро да ги разбирате потребите на вашата компанија. Каква е културата, вредностите и какви се потребите и желбите на раководството или тимот во кој кандидатот би работел. Мора добро да се дефинира она што на вашата компанија и е најпотребно во моментот.
Направете список на квалитети, компетенции, одлики и други критериуми што мора да ги поседуваат вашите идни вработени. Нека биде и листа, потточки. Најдобар начин тоа да се направи е да ги процените квалитетите на вашите сегашни вработени и да откриете кои се нивните јаки страни и кои се нивните недостатоци, доколку ги имаат. Не застанувајте кај компетенциите, имајте на ум и други работи како на пример, компензацискиот пакет кој може да го понудите и дали тој соодветствува со побарувањето од кандидатот, типот на договор, условите за работа, можностите за кариерен напредок и слично. Мора да ви е јасно што се бара од кадидатот, какви искуства и образование како и што е она што вие може да го понудите како компанија.
2. Определете ги начините на евалуација на кандидатот
За да се обезбеди валидност, ефективност како и објективност на интервјуата за вработување, интервјуерот (оној што го води интервјуто) мора да се подготви однапред за начините на кои ќе ги евалуира кандидатите. Откако ќе се соберат податоци од различни кандидати, лесно е да се споредат и анализираат, па со тоа да се направи најдобриот избор за вашата организација. Секоја компанија има сопствен систем по кој ги евалуира кандидатите. Некои компании користат рангирање или бодирање според спецификациите на работното место – најважните компетенции, искуства, образование и карактеристики што би ги поседувал еден успешен кандидат. Може да биде со оценки од 1 до 5, поени, знаци, симболи и слично. Најчесто е список или табела на квалитети, вештини и видови искуства што треба да проверите дали кандидатот ги поседува. Други пак избираат специфични прашања за да утврдат дали кандидатот поседува критични фактори за успех. Во секој случај добра идеја е да се користи ист систем на евалуација или оценки на истиот пакет прашања поставени на интервјуто за секој кандидат што аплицира за истата работа. Ова гарантира дека на секој кандидат ќе му дадете иста можност да даде ист вид информации. Ова ви овозможува лесна споредба и успешно носење одлука врз факти и анализа на податоци.
3. Внимателно простудирајте го резимето на кандидатот
Едно од најнепријатните искуства е да се појавите на интервју, а да не знаете со кого сте на интервјуто. Многу лош впечаток ќе оставите доколу го разгледувате резимето на самото интервју или пак го терате кандидатот да ви „раскаже” што има во него. Пред почетокот на интервјуто внимателно разгледајте ги сите информации запишани во резимето. Запознајте го кандидатот преку тој лист хартија/е-документ. Обележете ги интересните работни искуства, како и на работите кои треба да се обрне повеќе внимание. Гледајќи го обележаното ќе знаете точно кон што да го насочите разговорот. Живееме во дигитална ера која ни овозможува дополнителни можности за запознавање на кандидатот. Проверете го нивното присуство на јавните социјални медиуми на вашите апликанти. Започнете со LinkedIn, погледнете го нивниот Facebook, Twitter… Доста интересни информации можат да се извлечат од таму. Добар ice braker може да биде доколку искоментирате некој интересен негов Tweet, патување на кое бил, кариерен успех или наградa, со тоа автоматски му давате на знаење на кадидатот дека знаете со кого разговарате и дека добро сте се подготвиле. Раговорот ќе биде многу попријатен, а кандидатот поотворен за дискусија.
4. Подгответе ја вашата уникатна понуда (unique selling proposition)
За да ја претставите вашата уникатна понуда, најпрво треба да ја подготвите. Пред интервјуто, размислете како ќе ја презентирате вашата понуда за работа како и културата на компанијата на секој од вашите пријавени кандидати. Најпрво може да ги споделите клучните вредности по кои вашата компанија е препознатлива. Може да споделите и краток пример во кој опишувате како некој ваш вработен ја прикажува или практикува таа вредност во работењето. Создадете специфична презентација или говор во зависност од информациите што знаете дека се важни за кандидатот. Тоа може да бидат бенефициите, кариерниот развој, тренингот, клиентите или самата работа. Сè што мислите дека е атрактивно и поразлично од конкуренцијата. Без разлика дали кандидатот ќе ја добие работата кај вас или не, доколку имал пријатен разговор за работа и доколку вашата понуда звучи несекојдневна тој секогаш ќе биде амбасадор на вашата компанија.
5. Обрнете внимание на опкружувањето и атмосферата за да ја претставите компанијата во најдобро светло
Помислете на начините на кои можете да создадете опуштено опкружување и атмосфера. Размислете колку луѓе се потребни да присуствуваат на тоа интервју и пронајдете соодветен простор за тоа. Погрижете се да нема прекинувања и одвлекувања за време на интервјуто. Можете да организирате интервју надвор од канцеларијата или online. Голем број компании имаат и цела процедура за тоа како ќе изгледа моментот откако кандидатот ќе стигне во канделаријата. Што прво ќе видат кандидатите, со кого ќе се сретнат пред интервјуто, дали ќе бидат во контакт со другите кандидати или не и слично. Големите компании обрнуваат прееемногу внимание на овие детали и целокупното искуство на кандидатот пред, за време и откако ќе заврши интервјуто.
6. Вистинските прашања
Да, важни се, но се еден од последните чекори во планирањето. За целосно да ја реализирате ефективноста на прашањата за вашето интервју, дизајнирајте ги прашањата така што тие ќе бидат:
- Врз основа на барањата за позиција (ги откриваат компетенциите на кандидатот);
- Културолошки (прашања со кои може да се процени дали кандидатот е соодветен за културата во компанијата);
- Поврзани со добро дизајнираната шема за проценка (евалуација).
Да не заборавиме дека треба да бидат од отворен тип. Ние сме тука да ги слушаме кандидатите, е не да изгледаме паметни или да се потресуваме што наредно ќе прашаме. Секогаш треба да бидете во улога на слушач. Со овој чекор во самото планирање се заокружуваат сите претходни. Кога точно знаете што барате, што проценувате, тогаш е време да ги смислите и прашањата. Прашањата треба да ви помогнат да ги откриете компетенциите на кандидатот. Да ги откриете аспирациите, искуствата како и вредностите кои ги поседува. Секоја компанија треба да има свој сет на специфични прашања кои помагаат во сето ова.
Сите сме слушнале хорор приказнии за интервјуа што тргнале наопаку и завршиле непријатно за едната или пак двете страни. Со соодветна подготовка, интервјуто за работа може да се претвори во опуштен разговор, наместо во макотрпен тест и стрес.
Како вие се подготвувате за интервју со вашите кандидати?
За авторот:
Робертина Дишлијеска е консултант за регрутација кој својата кариера ја започнува во образовниот сектор, за потоа присуството на една работилница и го сврти фокусот кон човечки ресурси. Паралелно работејќи со најранливата категорија на бегалци, во време на кризата, ги завршува своите магистерски студии по менаџмент на човечки ресурси. После 3 години работење за македонски пазар и поврзувајќи со дигитал маркетери, во последната година се пренасочува да работи за Европски пазар и ИТ индустрија. „Заклучив дека и нашиот талент/кадар е исто толку добар како и тој во Европа. На најголем дел од македонците им недостасува само добра прилика и доверба за да го достигнат својот максимум“, вели тоаа. Кога не регрутира, Робертина обично маратонски гледа серии или подготвува некој специјалитет по дома.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.