Што претставува CV –то? (дел 2)

од 24HR

Колумна на Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner

Најдовме оглас на кој што можеме да се пријавиме и веруваме дека ги исполнуваме сите услови предвидени во него следно е да започнеме со пишување на CV.

Што претставува CV –то?

CV (Curriculum Vitae) на латински означува животна приказна и претставува документ за работното искуство и останатите квалификации на една личност кој се користи за аплицирање на огласи за вработување. CV-то треба да биде составено од податоци за вашето образование (формално/неформално), работното искуство, вашите хобија и интереси. Со оглед дека секој регрутер или менаџер на човечки ресурси во постапката на селекција на кандидатите најпрво го разгледува токму CV-то може да се каже дека тоа претставува и најважниот документ при аплицирањето на соодветното работно место и затоа е многу важно истото да е квалитетно напишано. Со читање на вашето CV на регрутерот треба да му стане јасно кои сте вие, што сте способни да направите и дали имате претходно работно искуство во областа за која се пријавувате.

За се ова да се постигне треба да се следат неколку правила во пишување на CV:

–         да се внесат лични податоци

–         да се внесат податоци за образованието

–         да се внесат податоци за работното искуство

–         да се внесат податоци за вашите вештини и интереси.

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ

Личните податоци секогаш се ставени на почетокот на CV-то. Фотографија може, ама и не мора да се стави (доколку се одлучите да ставите фотографија одберете професионална фотографија-не делува сериозно селфи, слика во купачи или од излегување). Задолжителни елементи се: име и презиме, телефонски број, град и е-mail адреса (се препорачува адресата да биде составена од име и презиме на тој начин делувате сериозно – дали на значајно место во сериозна компанија би вработиле некој чија е-маил адреса е barbiegirl93@gmail.com или badboyrules@yahoo.com?). Незадолжителни податоци се: брачниот статус, адреса на живеење, националноста, датум на раѓање и местото на раѓање.

Со развојот на социјалните медиуми пожелно е, но не е задолжително да се наведат и LinkedIn профилот и/или Twitter профилот доколку истите ги користите во вашата професионална кариера, доколку не ги користите на тој начин не ги пишувајте.

ОБРАЗОВАНИЕ

Во делот кој што се однесува на вашето образование се наведува целото ваше релевантно образование, а се започнува од последно завршеното. Се препорачува хронолошки да се наведат сите степени на образование, со наведување на образовната институција, датумите кога се посетувала наставата и стекнатите дипломи. Во овој дел се наведуваат и студиите кои во моментот ги посетувате (на пример: студент сум на трета година економски студии-насока финансиски менаџмент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје).

РАБОТНО ИСКУСТВО

Во овој дел се наведува целото ваше досегашно релевантно работно искуство. И тука се започнува од последното работно место кое сте го имале, па се продолжува хронолошки наназад. Се наведуваат периодот кога сте работеле во компанијата, називот на компанијата, вашето работно место и краток опис на вашите работни обврски на тоа работно место (најпрегледно за регрутерите е кога работните обврски се наведени со булети-многу е важно да се започнува со глагол на пример: организирав, координирав, внесував и слично-доколку е работи за минато искуство. Доколку ги внесувате податоците за позицијата која што моментално ја извршувате во тој случај користите сегашно време). Доколку немате работно искуство наведете ги праксите кои сте ги посетувале (практикант во банка, практикант во државна институција и слично). Со тоа покажувате дека имате интерес за учење на нови вештини и имате желба за запознавање со нови луѓе и процеси. Доколку немате ниту тоа задолжително почнете со практицирање. Не ретко и самото посетување на пракса доведува и до вработување. Колку е хиерархиски повисоко поставено работното место за кое аплицирате (доколку се работи за менаџерска позиција) толку потемелно ќе треба да бидат наведени претходните работни позиции со прецизно наведување на работните активности кои сте ги извршувале (во овој случај е препорачливо CV-то да биде подолго).

ВЕШТИНИ И ИНТЕРЕСИ

Овој дел треба да се однесува на следниве аспекти: познавање на странски јазик, компјутерски вештини, завршени курсеви, интереси, компетенции и други активности.

-странски јазик-се наведува мајчиниот јазик и останатите јазици кои ги говорите со соодветниот степен на познавање;

-компјутерски вештини-се наведуваат компјутерските програми кои ги владеете и степенот колку добро ги владеете;

-посетени курсеви-наведете ги само релевантните (курс за деловна комуникација, курс за дигитален маркетинг, академија за HR, курс за деловен англиски јазик и слично). Доколку аплицирате за работа/пракса во банка не е релевантен курсот за надградба на нокти што сте го завршиле. Во последно време актуелни се и on-line курсевите. Доколку сте следеле таков тип на курс слободно напишете го во вашето CV. Бесплатни on-line курсеви има на повеќе платформи (LinkedIn Learning, Pluralsight, Еdx и слично) и претставуваат одлична можност за ваше постојано стручно надградување и усовршување;

-способности, интереси и хобија-напишете ги вашите способности, овој дел од вашето CV треба да звучи најлично од се што е претходно напишано. Последните истражувања покажуваат дека најзначајни карактеристики на секој вработен, односно она што работодавачите најмногу го бараат од работниците е високо развиени меки вештини-креативно размислување, внимание на деталите, способност за работа во тим, добро управување со времето и слично. Ви препорачувам активно да се посветите во развивање на своите меки вештини како би станале посакуван работник за секој работодавач. Што ви е хоби? Читање книги (5 hours rule), посетување курсеви за лична наобразба, волонтирање (волонтер во Црвен крст, волонтер во AIESEC, волонтер во невладина организација и др.), велосипедизам, фотографија и друго покажува многу за вас како личност.

Што се работни компетенции? Компетенциите претставуваат збир на знаења, вештини и способност на вработениот да ги извршува работите и работните задачи на работното место и истите можат да бидат општи и посебни, односно компетенциите претставуваат се што вработениот треба да знае, што треба да биде способен да направи и како треба да се однесува на работното место. Видови општи компетенции: учење и развој, комуникација, остварување резултати, тимска работа, стратешка свест, ориентирани кон акција, односи со претпоставените, управување со конфликти, етичност и др. Соодветно на барањата на работното место се наведуваат соодветните компетенции кои се потребни за исполнување на работните задачи од конкретното работно место.

Често се поставува прашањето дали треба со истото CV да аплицирате на секое отворено работно место?

Не. Се препорачува да го приспособувате CV-то за секој оглас поединечно, при што ќе внимавате на барањата на објавеното работно место.

Постојат повеќе платформи од каде што можат да се симнат различни видови на CV-а, во зависност од Вашиот вкус и преференции. Една таква платформа е Canva на која што постојат различни урнеци на CV-а. На тој начин можете да одберете и да пополните CV со Вашите податоци.

Како најпрактична форма се препорачува употреба на One page CV бидејќи на регрутерите не им одзема многу време за анализирање, а при тоа ги содржи сите потребни информации на апликантот.

Да резимираме:

не се препорачува CV-то да биде подолго од 2 страници;

– изоставете ги податоците кои не се релевантни за работното место за кое аплицирате;

– користете датуми (почеток на студирање-крај на студирање; почеток на работење на едно работно место-крај на работење на тоа работно место и сл.);

– проверка на CV-то да не се направени печатни и интерпукциски грешки во пишувањето, внимавајте да биде читливо и уредно, внимавајте кој фонт го користите при пишувањето (се препорачува користење на Times New Roman, Ariel или Calibri) и направено по претходно наведениот редослед. – внимавајте на деталите-претставете ги вашите вештини и компетенции во еден логичен склад се со цел добивање на CV кое ќе отскокнува од останатите.

– особено е важно пред да го испратите CV-то (доколку аплицирате електронски на огласот) истото да го отпечатите за да проверите дали е во ред и истото не се разместило. Кога аплицирате зачувајте го и испратете го вашето CV во PDF формат.

И најважен совет: воопшто не се препорачува лажење во CV-то, сите напишани работи многу лесно се проверуваат, така што со наведување на лажни податоци само можете да го загрозите сопствениот интегритет.

За авторот:

Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...