Што проценуваат регрутерите?

од Stole Mladenovski

Доколку сте испратиле релевантно CV на оглас за работна позиција и сте добиле прилика за интервју, веројатно се прашувате што е она што може да очекувате на интервјуто. Или доколку веќе сте имале прилика за интервју и ви биле поставени многу прашања како: Кажи нешто за себе? или Каде се гледаш себе за 5 години?, притоа сте поминале пријатно време со регрутерот, меѓутоа сте биле одбиени за понатамошни регрутациски кругови и не ви е се уште јасно зошто кога ги исполнувате скоро сите квалификации. Во продолжение се неколку нешта кои може да ви дадат одговор.

Секој регрутер ја проценува културната усогласеност помеѓу кандидатот и компанијата за време на интервју. Kултуролошката усогласеност е многу субјективна тема и културното вклопување може да значи различни нешта во различни компании. Многу организации имаат тенденција да создадат глобален менталитет од нивните вредности кои ги проценуваат кај кандидатите, а потоа ги стимулираат и кај вработените. Сепак, истакнувањето на силни меки вештини преку интервју може да биде она што ги издвојува просечните кандидати од одличните кандидати, во било која организција за многу од отворените позиции.

Кои меки вештини треба да се фокусирате да ги развивате кај себе?

Јаките комуникациски вештини се од суштинско значење за секоја улога. Кандидатите кои јасно се изразуваат, кои можат лесно и дипломатски да ги пренесат своите поенти се многу високо вреднувани. Компаниите, исто така, бараат таленти кои можат со леснотија да комуницираат со сите засегнатите страни: клиенти, корисници, соработнци и останати лидери во тимот.

Вашето присуство влијае на синергијата на тимот. Многу е важно како соработувате со колегите на проекти кои бараат темелна соработка и беспрекорни методи на функционирање. Каков тимски играч сте, влијае врз тимската работа и е од суштинско значење за сите инволвирани.

Неретко се случуваат неочекувани промени во работниот тек. Некои од промените не можат секогаш да се предвидат и некогаш вработените мора да се соочат со многу пречки при извршување на обврските. Способноста да се прилагодите на динамиката е најсилната предност за која може да се обучите себеси.

Дозата на ентузијазам и пасија за отворената позиција може да  направи да се издвоите од останатите кандидати. Важно е да им покажете на работодавците уште од раните фази на регрутацискиот процес дека сте желни да учите и да растете и дека ќе го имате истиот ентузијазам и само-мотивација на работното место.

Без разлика што сте работеле пред да аплицирате на моменталната позиција, подгответе примери кога сте постигнале важни цели на работното место, како и објаснувања кои чекори сте ги превземале и какви стратегии сте употребиле за нивно постигнување, бидејќи ориентаност кон постигнување цели е уште една важна особина која е многу барана на пазарот на трудот.

Организирањето на работниот ден според приоритетите и разграничувањето на итните од помалку итните обврски, како и управувањето со времето се меки вештини кои се есенцијални и речиси секаде барани.

Последно, но не и помалку важно, пријателската поставеност, вештините за решавање проблеми, креативноста и емоционалната интелигенција се вештини кои лесно се проценуваат при комуникација и многу регрутери ги бараат кај кандидатите.

Како и за секоја вештина, така и во начинот на стекнување меки вештини треба да идентификувате во што сакате да се подобрите. Стекнувањето на меките вештини може да се постигне преку изложувате на ситуации каде што треба брзо да се учи. Друг начин е да организирате менторски сесии со ментор кој веќе ги поседува тие вештини и би можел да ве упати или подучи како да ги стекнете и вие или да побарате формални курсеви и соодветна обука.

Голема е веројатноста да бидете прифатени на работно место бидејќи имате силни меки вештини, доколку сте во конкуренција со кандидати со слична образовна позадина и речиси еднакво работно искуство во споредба со конкуренцијата.

Важно е да имате во предвид дека ова не е едиствена причина, одлуката за избор зависи од повеќе фактори, меѓутоа без сомнеж културолошката усогласеност и јаките меки вештини може да ве доведат при најтесен селективен избор во една компанија.

За авторот:

Маја Керамитчиева е Специјалист за регрутација и селекција на таленти во Интертек. По формално образование е Психолог, по неформално образование е Сертифициран НЛП Коуч за личен развој. Има доминантно искуство во ИТ индустријата, а исто така организира работилници и индивидуални сесии за личен развој.
0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...