Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
“Don’t ask what the world needs. Ask what makes you come alive. Because what the world needs most is more people who have come alive.” Howard Thurman
Има во оваа реченица многу облачиња, еднорози и шеќерна волна. Премногу слатки нешта и нималку реалност, нели? На светот му се потребни луѓе што ќе си ја завршат работата – ќе изградат мост, ќе испечат леб, ќе направат сирење, ќе сошијат кошула, ќе го излечат ракот. Каква врска има нивното “оживување”? Светот е гладен, валкан, му боледуваат океаните, му исчезнуваат шумите, му се топат глечерите – што за него менува нечија душевна состојба? Дали некој се чувствува жив или не, какви се неговите лични мотиви не е е битно, сѐ додека си ја работи работата и со тоа помага општеството да функционира. Нели? Нели?
Е, па, НЕ. Сѐ на овој свет (буквално сѐ) е форма на енергија. Месечината ги движи океаните, ветрот облаците, Сонцето -пчелите и цвеќињата. Сѐ на овој свет е во постојано движење. А, како што би рекол Томе по Физика, без енергија, нема движење.
И за читање на овие редови ви е потребна енергија, како и за мал милион нешта што ги правевте денес пред да налетате на овој текст. Не сме ние ништо поразлични од океанот и облаците, драги мои. И нам ни треба нешто што ќе нѐ придвижи. Енергијата во нас. Забораваме на неа. А од тоа изворче ни зависи денот, неделата, животот. Енергијата е тоа што го вложуваме во нашите односи со другите луѓе, на нашите работни места, во средината во која живееме, работиме, постоиме. Ако таа енергија е чиста, убава, силна, ако со радост даваме дел од својот живот (секој час во денот е токму тоа – парче живот) во сето она што го правиме, без оглед дали е тоа разговор со партнерот, работа на училишен проект со детето, наводнување на цвеќињата во дворчето пред зграда, ангажман на работното место, светот ќе биде едно убаво, радосно место, затоа што, само она на што посветуваш внимание расте.
Да се вратиме на мислата на Howard Thurman – на светот му се потребни луѓе кои се чувствуваат живи. И, прашање за милион долари – што е тоа што те прави жив? Нималку лесно прашање, ако си го поставуваш за првпат. За одговорот се потребни години искуство во живот со себе, многу ситуации, многу себе-анализирање. И, одговорот нема никаква врска со еднорозите, има со твоето чувство за себе, со товите верувања, со твоите желби. Што е она што те оживува? Што е она што ти создава пеперутки во стомакот? Што е она што те тера да се измолкнеш од под ќебе наутро? Да останеш буден доцна навечер? Да жртвуваш опуштено попладне со пријателите или дремка под некоја сенка, некаде под некое дрво на плажата во Љубаништа и да го посветиш на… што? На својата страст! Страста е тоа што те оживува, таа е солта на твојот живот. Она што секој миг од денот го прави вкусен. Без неа, сѐ е безвкусно. А такво, што ќе ти е.. Значи, прашањето е – која е твојата страст?
Го знаеш одговорот на ова? Супер. Одиме на следното прашање – кои се твоите силни страни? Во што си навистина добар? Ако утре се најдеш некаде далеку, сам, без ништо и никој свој, што е тоа што го имаш во себе, а ќе ти го спаси животот и ќе ти заработи парче леб? Што е тоа што те прави различен, поинаков? Единствен?
Целиот систем на образование, целата општествена средина, системот во целост, се обидува да те направи сличен. Да имаш исти знаења, вештини, да се однесуваш на одреден начин, да се изразуваш соодветно.. и сето тоа е прекрасно, но, во животот, најчесто, победуваат различните. Оние, посебните. Оние кои ја препознале во себе страста за нешто, оние кои откриле во што се навистина добри и, работеле на тоа. Го чувале оганчето на страста што им ја давало потребната енергија и, работеле на себе. Го дале на светот она најдоброто што го имале во себе.
Светот е гладен за различни. За посебни. За поинакви.
Годините поминати во школо нема да ти покажат во што си посебно добар. Петката по Биологија не значи дека ќе ги спасиш дождовните прашуми, како што ни петката по Физичко не значи дека ќе бидеш светски рекордер во трчање на 100 м. Тогаш, како ќе знаеш?
Ќе поминат години во образование, на работа, дружења со различни луѓе, многу самоанализирања за да го откриеш тоа – во што си навистина добар. Сакаш помош? Во сите обврски кои ти го исполнуваат денот, барај ги оние во кои најбрзо учиш, во кои најбрзо напредуваш. Оние кои ти одземаат најмалку енергија. Оние кои ТИ ДАВААТ енергија наместо да ти ја трошат. Она што, ако се обидеш на миг да ги затвориш очите и да почувствуваш, можеш да замислиш дека го правиш и по пет години, со истата желба. И по десет. И по дваесет. Е, во тоа си навистина добар.
Кога ќе си го одговориш и ова прашање, стоиш пред дилема – да работам на подобрување на моите силни страни, или да се трудам, колку што можам, да ги подобрам слабите? Секако, ниедна освестена слабост не би требало да се остави во темнина, но, паметен менаџер, ако овие прашања ги примени на својот тим, ќе ти каже – играј со своите силни страни, ангажирај некој од надвор да ги работи останатите (outsourcing).
Ова не важи само за тимот како целина. Секој тим е составен од индивидуи, секоја од нив посебна, секоја од нив со посебни желби, различни страсти, добри и слаби страни. И, добро е тоа. Ако сме исти, како ќе се надополнуваме?
Работата на Човечки ресурси е токму тоа – да ѕирне во секој, да сфати што ги придвижува луѓето и да им понуди гориво за огнот. Да дозволи секој член на тимот да игра со своите најсилни страни. Со она во што е навистина добар. Да го работи она кое му троши најмалку енергија, она што го оживува.
Страста е она што ги прави луѓето живи, рековме. “Живите” луѓе се активни, ангажирани. Вклучени. Страста му дава смисол на животот. Чувство на исполнетост. Задоволство.
Луѓето кои работат на тоа што ги ангажира нивните сетила, што го задржува нивното внимание, луѓето кои се чувствуваат важни, задоволни, вклучени во некоја поголема цел, се среќни луѓе. Живи. Во нивната психа нема место за празнини. Немаат чувство на осаменост, издвоеност. Припаѓаат. Имаат цел. Имаат зошто да се разбудат наутро и да се измолкнат од креветот.
Секој човек е битен. Различен. Посебен. Или, да парафразирам една стара приказна – ако ви тимот имаш повеќе риби, немој да очекуваш да се искачат на највисокото дрво, наместо тоа, дај им го океанот. Освести ги. Кажи им кои се. Дека веруваш во силата на нивните перки. Ослободи ги и гледај како го освојуваат морето (пазарот, земјата, светот, сеедно).
И, остани верен на својата страст. Без неа животот нема вкус. А без вкус, подобро гладен.
За авторот:
Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.