Скок во празно

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Скок во празно. Англискиот познава два термини: jump into the void и leap of faith. Две потполно различни нешта, на кои заедничко им е скокот. Во првото, скокаш без да размислувaш дали, како и на што ќе се приземјиш. Второто е скок на доверба, скокаш и веруваш дека некој, некако, ќе те фати, ќе постави мрежа под тебе и ќе те спаси. И во двата случаи, скокаш во празно. Разликата е во твојата глава.

Некој ќе каже, па не скокаме ли во празно со секоја донесена одлука? Можеби. Но, ако сте како мене, пред тоа што на останатите им изгледа како брзо донесена одлука, веројатно сте си ја одработиле домашната задача и сте ги провериле сите За и Против, сите нешта што можат да влијаат на позитивен исход и сите можни негативци кои би пробале резултатот да го свртат во не баш посакувана насока. Сте го процениле ризикот и, доколку ви ги загрозува фундаменталните вредности, сте рекле, Батали, не го бива, или, ако ништо суштински важно не е загрозено, сте кажале Па добро, што ќе изгубам ако пробам. И, скокате. Но, ваквиот скок потсеќа на скок на јарец, некаде во петто одделение, кога од едната страна е мекиот душек што ќе го ублажи падот, а од другата, наставникот по Физичко, спремен да реагира ако нешто не оди како што треба. Нема да зборуваме за овие скокови, рутински се.

Зборувам за оној Скок, со големо С, во кој ни нешто знаете, ни нешто можете да предвидите. Џебовите ви се полни претпоставки, за кои можете само да се надевате дека, во текот на летот, нема да се претворат во воденички камења кои ќе ви го сомелат и последното зрнце надеж, пред да натежнат и да ве повлечат во провалијата меѓу двете карпи, меѓу Она што е и Она што ќе биде.

Зборувам за оној меѓупростор кога одлуката се уште не е донесена, кога имате провалија која треба да се прескокне и карпа со непознат квалитет (за која врска немате ќе може ли да го издржи вашиот доскок, дел од континент ли е, или само безживотен камен на сред море), пред себе, и темна шума зад себе.

Го знаете, нели? Тоа меѓупросторче е стравот. Оној што се обидува да ве уплаши толку многу, што нема да можете да направите ни чекор, па ќе си останете на истото место каде што сте биле и досега – во шумата. Сака да ве убеди дека, колку и да е темна шумата, барем ја познавате, ги знаете скришните местенца со шумски јагоди и малини, ги знаете ливадите, но и провалиите, ги знаете дивите животни, сте преживеале еден куп студени зими и сушни лета во неа.. Не сте баш среќни, не растете, не учите ништо ново, не ви е баш удобно, со години не спиете мирно слушајќи го завивањето на волците на полна месечина, но живи сте, зарем не е тоа доволно, неблагодарнику! Не лутете му се на стравот, не знае поинаку. Целта му е да ве одржи во живот, не да ве направи среќни.

Познато ви е, знам. Сите големи одлуки делуваат вака. Секогаш е она, хамлетовското, да се биде или не. Со ништо измеѓу. Без заштитна мрежа. Без undo.

Да се влезе ли во инвестиција на потполно нов пазар? Да се инвестира ли во нова производна линија? Да се прекине ли соработката со најголемиот дистрибутер и да се започне со сопствена достава? Да се иновира ли нов производ кој може да биде потполн успех, но со ризик дека ќе ги канибализира постојните? Да се отпушти од работа ѕвездата на тимот што долги години живее на стара слава и го гуши развојот на секој нов потенцијал кој ќе подигне глава? Да се прифати ли понудата за ново работно место, некаде далеку во светот? Да се започне ли кариера во сосем нова дејност, без никакво работно искуство во неа, на 40+ години? Да се каже ли Не, доста беше!? И уште милион слични. Колку и да правите планови, пресметки, претпоставки, сепак, не знаете што ќе се случи. Мора да верувате. Кому? Во што?

Психолозите ќе ви кажат дека ваквите одлуки се донесуваат брзо по денови, месеци, години размислување, само во еден случај – кога шумата зад вас е во пламен. Имате луксуз да размислувате се додека пожарот не стигне до вас. Штом ќе ја почувствувате близината на пламените јазици, кога чадот ќе ви ги наполни белите дробови, а погледот ќе се замати од солзи, ќе го направите скокот од кој сте се плашеле, затоа што, нескокањето, одеднаш, е пострашно од него. Одеднаш, можете. Одеднаш, од под кошулата излегуваат крилјата и, тука се, да го поддржат скокот. Одеднаш, главата ќе се сети на правилата – немој превисоко, сонцето ќе ти ги истопи крилјата, немој преблиску до морето, ќе те посака. И, скокаш, па што ќе биде, ќе биде.

Некогаш шумата гори, а нашата глава се обидува да го релативизира пожарот. Као, далеку е, нема да стигне до нас. Као, па и не е така страшно, ќе го изгаснат. Као, што не сум преживеал во оваа шума, ќе го преживеам и ова. Лаже главата. Не сака да признае дека се плаши од новото и лаже без срам.

Немам совет што ќе ве мотивира да ја донесете одлуката без да чекате некој да ја запали шумата зад вас. Кога скокате во празно, само едно е извесно: во моментот кога ќе скокнете, оваа верзија на Јас која ја познавате, ќе престане да постои, или, поточно, ќе престане да постои за вас. Ќе остане да стои на работ и да размислува, додека една ноќ без месечина не реши да се врати во шумата и да остане таму, засекогаш. Но, тоа не е веќе битно, вие скокнавте, создадовте нов паралелен свет во кој сите А што ако…, сите Замисли.., сите Колку би било убаво да…, стануваат можни. Кога ќе доскокнете, на карпата ќе ве пречека една нова, храбра верзија од Јас, која не се плаши од скок, која знае за силата на сопствените крилја, која го познава ветрот и силата на надежта. И, се што некогаш сте замислие и посакале, се што сте запишувале на новогодишните резолуции и to-do листи, станува можно, затоа што вие можете, не некој таму далеку, вие!

И, не заборавајте, “He who jumps into the void owes no explanation to those who stand and watch.”― Jean-Luc Godard.

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...