Среќен ли си?

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Уште неколку дена и Нова година. Период во кој ќе си посакуваме добро здравје, многу успех и среќа. На сите што ги познаваме, ќе им посакаме токму тоа – среќна Нова година. На оние, нашите, ќе им посакаме да им се исполнат желбите, да бидат сакани, да им биде душата наместо, да се во мир со себе, насмеани, задоволни.. Да се среќни. На крај, се се сведува на тоа – да бидат среќни. Сме сфатиле ли, низ целото постоење, дека среќата е оној зачин што го прави животот – живот? И, што е всушност среќа?

Човештвото не може да се согласи ни околу тоа. Среќата е нешто што сите го посакуваме, но, веројатно, има толку дефиниции колку и луѓе. За некои, среќа е да се биде активен, ангажиран, мотивиран, успешен. Да се остварат целите, да се реализираат плановите, да се биде подобар од минатата година, од некое претходно Јас, од колегите, конкуренцијата… За други, среќа е да се има добри релации со луѓето. Стабилна романтична врска, неколку добри пријатели, дружења, патувања, разговори со луѓе кои ги разбираш и те разбираат.. За трети, среќа би било животот да има цел, смисла, да се биде корисен во семејството, општеството, на работното место..

И, не мора да биде толку сложено. “Среќа е да не мора да го местиш алармот за утре”, ќе напише некој.  “Среќа е да си го следиш срцето”, ќе напише друг.  “Среќа е да го носиш џемперот што ти го плетела баба ти”, ќе додаде трет.  “Среќа е да можеш во секој момент да го гушнеш саканиот”. И така натаму и така натаму..

А, што е среќата? Како се мери нивото на среќа? (нели, за да признаеме дека нешто постои, мора да најдеме начин да го измериме. Не е ова само уште една HR пракса на мерење на постигнувањата, општочовечка е љубовта кон бројките J (штом еднаш си возрасен, нели). Дефиниции колку сакаш. Едни се држат до тоа дека среќата е чувство на задоволство. За други, среќата е поврзана со чувството на сигурност, припаѓање. Според трети, среќа е имање на цел, смисол во животот. И, со сите можеме да се согласиме и, пак, ниедна да не ни е доволно добра.

Едно е јасно, кога и да се спроведуваат истражувања на тема Среќа, кога и да се мери среќата, кој и да го прави истражувањето – Данците победуваат. Веројатно сте прочитале – Данците се најсреќен народ на светот. Зошто? Што ги прави Данците толку среќни? Географската местоположба на нивната земја не е меѓу најдобрите – летото е кратко, зимите долги и студени, ноќта трае долго, бројот на сончеви денови во годината е драстично помал отколку кај нас (на пример).. па како тие наоѓаат во себе доволно светлина и топлина за да го загреат и осветлат светот во кој живеат и притоа, да бидат среќни?

Да почнеме од почеток. Данците имаат одличен здравствен систем и притоа, лечењето е бесплатно за сите. Образованието е меѓу најдобрите во светот. Високото образование е, исто, бесплатно. Доколку останете без работа во Данска, не треба да се грижите, затоа што, надоместокот за невработеност е повеќе од великодушен. Што ни зборува ова? Значи, прв услов за среќа е сигурноста, увереноста дека државата е тука за вас ако нешто тргне во погрешен правец.

Во Данска, довербата е на многу високо ниво. Луѓето имаат доверба во институциите, во соседите, колегите, сограѓаните. Не ретко можат да се забележат колички, со бебе во нив, оставени пред вратата на некоја продавница, затоа што, никој не се плаши дека некој може да му наштети на тоа бебе. Исто и кај нас, нели? Е па не. Воопшто.

Ради ова, Данците се подготвени да одат километар плус од тоа што се очекува и да се вложат себеси во доброто на општеството, средината. Чести се волонтирањата, работата на проекти за доброто на сите, грижа за луѓето, земјата, природата.. Данците имаат најдобра велосипедска инфраструктура и ним не им пречи ни дождот, ни мракот, ни студот, за да се движат насекаде, од носење на децата во градинка, па до стигнување на работното место со велосипед. Затоа што одамна сфатиле дека велосипедот им го чува здравјето, им штеди пари и им овозможува поздрава и побезбедна околина за нивните деца.

Следно е, секако, високото ниво на материјално богатство. Данска е богата земја на богати граѓани. Но, тоа се и останатите земји во нејзина близина, а сепак, Данците се посреќни. Зошто?

Во поглед на секојдневните нешта, Данците сакаат едноставност – сакаат да им е удобно, облеката што ја носат да им биде комотна, од природни материјали, пријатна, да се задоволни, да имаат свое топло катче со неколку свеќички, удобни перничиња, пригушено светло, да имаат камин кој ќе донесе малку дополнителна топлина во амбиенотот, да имаат вкусна храна, приготвена дома, едноставно, со многу љубов и да се околу нив оние што им се блиски, кои тоа чувство на разбирање и љубов ќе го направат уште поубаво, помеко, потопло.

Мајк Викинг, во својата “Мала книга за хиге” зборува точно за ова – зошто Данците се среќни и покрај лошата клима и долгата ноќ . Прочитајте ја, ќе сфатите каде ние грешиме. Колку, во секојдневната трка за гол живот, забораваме на ситните нешта што истиот тој живот го прават вреден за живеење. Ќе најдете и неколку рецепти: за варено вино, за домашен леб, за колачи.. Ќе сфатите дека, и без некој поголем трошок, можете да направите сите околу вас да се чувствуваат посреќни.

А, што е со среќата на работното место? Пред некои 10-15 години, никој не разговараше за среќа на работното место. Се уште можете да сретнете шефови од тој калибар – “На работа сме дојдени да работиме и да заработиме, тоа е она за што не плаќаат, за каква па сега среќа зборуваш ти?” ќе ви кажат, заборавајќи дека една третина од работниот век (оние години кога сме во најдобра можна подготвеност, здравје, способност) ги поминуваме на работното место…

Задоволството на работното место е исклучително важно. Стар е муабетот дека задоволниот работник работи двојно повеќе од незадоволниот. Кажете им дека среќата е во директна корелација со здравјето, дека среќниот вработен помалку отсуствува од работа поради боледувања и сл. Додадете дека среќните вработени, оние кои си ја сакаат работата, се поуспешни – вложуваат повеќе труд, фокусирани се, ги постигнуваат целите, и, најважно, работат на себе, учат, се развиваат, растат. Среќните вработени градат подобри меѓучовечки односи со колегите, па многу е поедноставно да се функционира тимски.

Како да се постигне ова? Без мудрување, учејќи од најсреќните во светот – Данците.

Прво, обезбедете сигурност. Вработените треба да се чувствуваат сигурни на своето работно место. Обезбедете им дополнително здравствено осигурување, нека знаат дека некој им гарантира дека ќе биде со нив, ако нешто тргне на лошо.

Второ, негувајте култура на меѓусебна доверба. Вработените треба да знаат дека можат да ви веруваат, во секој момент. Walk the talk.

Трето (намерно не е ставено прво), обезбедете соодветно ниво на финансиска сигурност. Компензацијата што вработениот ја добива како надомест за својата работа, е значаен фактор за задоволството од работното место.

Четврто, обезбедете соодветно ниво на безбедност во работните простории. Кај нас, главна премиса е: “Ништо не е толку итно и важно, за да ја занемариме безбедноста”. На крајот на денот, вработените треба да се вратат дома живи и здрави. И среќни, не заборавајте J

Петто, обезбедете рамнотежа меѓу приватниот и деловниот живот. Почитувајте ја приватноста и времето што луѓето го поминуваат надвор од работните простории.

На крај, но не помалку важно, кажете им колку се важни за вашиот бизнис. Кажете им колку нивната работа има смисла, дека без нивниот придонес, без нивното вложување, нивната експертиза, ништо не би било исто. Enzo Ferrari рекол: “Фабриките се составени од луѓе, машини и тули. Ферари е, во најголема мера, составен од луѓе”. Имањето цел, смисол во животот е еден од предусловите за среќа.

И, што сега, ќе речете. Тешто дека ќе бидеме некогаш Данци, драги мои, разликите ни се преголеми – во нивните очи има мир, нашите се полни грижи, страв од утре.. Живееме во некаков грч, наследен од генерациите пред нас, за зачувување на животот, за одбрана на имотот, за одржување на семејството, што уште долго ќе го носиме во ДНК на овие простори.

Сепак, можеме да се менуваме, да учиме. Да го направиме нашиот малечок свет барем малку посреќен. Шољичка миризлив чај во некој агол на домот, со омиленото ќебе, со убава музика, книга или филм (препорачан од пријатели кои добро те познаваат), не кошта ништо. Уште ако до тебе се твоите омилени суштества (двоножни или четвороножни, сеедно), што повеќе J

Среќата е слична на љубовта, расте кога ја делиш. Не се само претстојните празници можност за подарување, цела година е. И, не мора тоа да бидат некакви скапи, убаво завиткани подароци, можете да подарите се, од колачиња со цимет, чоколадо, каранфилче, морско оревче и љубов, вкусна пита со праз и сирење, колач со вишни направен со ваши раце, од вас (или вашите деца) насликани честитки, неколку стихови, шалче што лично сте го сплеле..

Или, баталете се што е материјално, подарете го најскапоценото што го имате – своето време! Бидете тука за оние кои ви значат, кажете им некој убав збор кој ќе си го носат во душата засекогаш, подарете им го своето внимание, гледајте ги, слушнете ги, во тие мигови кога сте заедно исклучете го светот и бидете нивни потполно, затоа што, нема поголем подарок од оној кога себеси се подаруваш.

Среќна Нова!

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...