Во современиот свет, работата претставува значителен дел од нашиот живот. Но, дали некогаш сте почувствувале како вашата работа да е бесмислена? Сте биле ли дел од бескрајни состаноци и сте се соочиле ли со некомпетентни менаџери или крути хиерархии?
Документарецот „Среќниот работник“ во продукција на Deutsche Welle нуди хумористичен, но истовремено сериозен и остроумен поглед на начинот на којшто губиме потенцијално вредно време на работното место и како тоа влијае на нашето здравје на долг рок. Централна тема на овој документарец е синдромот на прегореност (burnout syndrome). Синдромот на прегореност е состојба на емоционална, физичка и ментална исцрпеност предизвикана од прекумерен и продолжен стрес, кој не е успешно управуван. Според Светската здравствена организација (СЗО), за прегорувањето се карактеристични три главни симптоми: чувства на енергетска исцрпеност или замор, зголемена ментална дистанца од работата или негативност и цинизам кон работата, и намалена професионална ефикасност. Ова е феномен поврзан исклучиво со последици од искуства во работната средина. Релевантни податоци и истражувања укажуваат дека прегорувањето значително влијае на продуктивноста и благосостојбата на вработените.
Зошто оваа тема е важна за професионалците од областа на човечките ресурси и другите професионалци од деловниот свет?
Во идеални услови, работата е исполнувачка на различен начин за секој вработен. Но, многу луѓе во т.н. канцелариски работи се чувствуваат мизерно на своите работни места. Оваа незадоволство е производ на индустријализацијата и модерното работно опкружување, каде што вработените се наоѓаат во безбедни, физички ненапорни професии кои честопати се добро платени, но и покрај тоа сепак се соочуваат со чувство на бесмисленост на своето рабтоно место. Ова претставува огромна загуба на човечки ресурси и е една од најголемите нераскажани драми на нашето време.
Документарниот филм„Среќниот работник“ истражува зошто високо платените менаџери се толку наклонети кон користење на излитени фрази, следење на апстрактни менаџмент методи и „гушење“ на работната атмосфера мислејќи дека сето тоа го прават за добробит на сопствениците на капитал, како и раст и развој на компаниите. Според истражувањето на Gallup презентиранo во документарниот филм, само 13% од работната популација во светот се обидува да работи добро. Меѓутоа, 64% од вработените не се грижат за својата работа и целат да го поминат денот со минимален напор. Дури 25% од вработените толку ја мразат својата работа што дури и работат против компанијата што ги вработува. Иако бројките варираат од земја до земја, овие трендови можат да се забележат ширум светот.
Синдром на прегореност (Burnout)
Еден од најзначајните аспекти на овој документарец е истражувањето на синдромот на прегореност. „Чувството дека нивната работа е бесмислена ги разболува луѓето“ е наративот кој преовладува во овој филм. Документарецот содржи интервјуа со пациенти кои се опоравуваат од синдромот на прегореност, сведочејќи за нивните искуства кога се соочиле со овој синдром. Овие лични приказни се дополнети со експертски анализи, вклучувајќи ја и психологот Кристина Маслач, пионер во истражување на синдромот на прегореност и професор на Калифорнискиот универзитет, Беркли.
Прегорувањето е сериозен проблем кој не само што влијае на индивидуалното здравје, туку и на продуктивноста и ефективноста на целиот тим и организација. Вработените кои се чувствуваат исцрпено се помалку способни да се фокусираат, да ја завршуваат својата работа и да придонесуваат за тимот. Ова е причина зошто е од суштинско значење за професионалците од областа на човечките ресурси и менаџерите да го разберат овој феномен и да работат на создавање на подобри работни услови.
Препорака
„Среќниот работник“ е документарен филм кој задолжително треба да го погледне секој кој некогаш почувствувал некои од симптомите на прегореност во текот на својот работен век. Овој документарец нуди мешавина од хумор и сериозен, стручен коментар, правејќи го и забавен и провокативен, но најважно – актуелен во современиот деловен свет. Преку осветлување на апсурдите на модерното работно место, „Среќниот работник“ ги поттикнува гледачите да размислат како работата треба да биде структурирана за да се зголеми продуктивноста и личната благосостојба.
Доколку сте заинтересирани да ги разберете подлабоките проблеми со кои се соочува современата канцелариска култура и како тие влијаат на менталното здравје на вработените, ви го препорачуваме „Среќниот работник“. Овој документарен филм не само што ги истакнува проблемите, туку и поттикнува разговор за потенцијалните решенија. Без разлика дали работите во делокруг на човечки ресурси, сте менаџер, вработен или некој кој е заинтересиран за психологијата на работното место, овој филм нуди вредни сознанија и свежа перспектива за светот на работата. Гледајте го документарецот тука и подгответе се да го видите работното опкружување во ново светло.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.