Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Страв од летање, причината поради која најголемиот број на амбиции, планови, соништа, желби, не го виделе светлото на денот.
Страв од неуспех. Она проклето “што ако”..
Според психолозите, само два стравови се вродени кај човекот – страв од изненадни силни звуци (бука) и страв од паѓање. Сите други стравови се научени. Наметнати. Стравот од неуспех е еден од нив. Или, можеби не е, посебно ако си од овие простори и илјадници пати ти го кажале она “Кој високо лета, ниско паѓа”, па, ненамерно, повикувајќи се на исконскиот страв од губење на тлото под нозете, ти ги убиле соништата.
Стравот е совршена алатка на еволуцијата. Негова примарна цел е да заштити, да сочува. Опасностите што ги демнеле нашите предци биле “to be or not to be” опасности – да те изеде лав, да паднеш во провалија, да умреш од глад, да загинеш од копјето на непријателското племе, да те убие некој од твоето затоа што, случајно, му се допаднала твојата жена и тн. И, еволуцијата смислила решение – страв. Стравот креира стрес, го става телото во позиција спремна за борба и, ги зголемува шансите за опстанок.
Околината оттогаш не се променила баш многу, колку смешно и да звучи ова. Секако, се намалиле шансите да бидеш изеден од лав или да загинеш од копје, но, реално, голем број од заканите се сè уште присутни. И, надоградени, со нови.
На нашите предци многу малку им било битно мислењето на другите племиња за начинот на кој си го живеат животот, за тоа колку се успешни во ловот, колку брзо знаат да запалат оган или умеат ли да најдат скривалиште од невреме. Тоа било битно само за оние кои имале некаква полза од сите тие умеења – членовите на нивното племе.
Денешниот човек е постојано под лупа на средината. Општеството во кое живееме ги мери нашите постигнувања од првиот ден, штом дојдеме на свет, па до последниот. Претерувам? Па, не баш. Првата оцена што ја добивате во животот е само една минута помлада од вас – АПГАР. Во неа педијатрите вклучиле битни параметри кои покажуваат колку успешно сте го поминале процесот на раѓање, како: дишење, боја на кожа, тонус на мускули и тн. Потоа запишуваат колку брзо сте се привикнале на доењето, ја држите ли главата самостојно, на колку месеци сте започнале со лазење, на колку сте совладале одење, кога сте ги изговориле првите зборови, кога првата сложена реченица… Секако, не застануваат тука. Кои ви се оцените на училиште, колку поени имате на тестот, колку дипломи од натпревари, колку воншколски активности, колку време ви беше потребно за да дипломирате, колку странски јазици знаете, кога е вашето прво вработување, имате ли партнер, сте создале ли семејство, колку заработувате, каков автомобил возите, каде студираат вашите деца и така до бескрај (вака кажано, можеби полесно изгледа човек да се справи со лавот од почетокот на текстот, нели).
Секој од нас различно се справува со притисокот на средината. Кај некои, притисокот е мотивација, натпревар, други ќе се угушат од него. Како и да се носиме со притисокот, не можеме да негираме дека мислењето на средината, општествената оцена што ја добиваме, Е важна. Од неа зависи како ќе бидеме прифатени во друштво, со кои луѓе ќе комуницираме, на кои интервјуа за работа ќе добиеме позитивен одговор, колку ќе напредуваме, какви шанси ќе добиеме…
Затоа опстанал стресот, па дури и во животонезагрозувачки (ама збор!) ситуации.
Ако сето ова го пресликате на работното место, го имате притисокот да се докажете пред колегите и претпоставените, па, нормално, важно ви е да го завршите проектот на време, извештајот да биде точен, Excel таблицата совршено средена, Word текстот без печатни (и правописни!) грешки, важно е продажбата на вашиот реон да расте, купувачите да се задоволни од вас, важно е производот што го произведувате да е квалитетен, и тн.
Или, ако имате сопствен бизнис, притисокот е уште поголем – треба да обезбедите работа, да заработите доволно за да ги покриете трошоците, да вложите во развој, да ја следите конкуренцијата, да бидете иновативни, да обезбедите плата за вработените, профит за партнерите, визија за иднината… да набројувам уште?
Оттаму стравот од неуспех. Затоа што, неуспехот може да влијае на сето она што ви значи во животот.
И, како да се соочиме со сево ова? Како да го направиме првиот чекор, знаејќи дека може да биде неуспешен?
Прво, да ја средиме приказната што ни е во главата. Она, “Кој високо лета, ниско паѓа”. Знаете каде паѓаат оние што полетале? На истата точка од која што го започнале летот, на земја. А, знаете ли каде остануваат оние кои никогаш не полетале? На истата таа земја. Па?
Второ. Да си поставиме две прашања себеси:
- Што ќе се случи доколку ова успее?
- Што е најлошото што може да се случи ако ова не успее?
Од одговорите ќе зависи одлуката – вреди ли да вложуваме време, енергија, средства или не. И, не зборувам само за деловни проекти, за стартапи, за нови производни линии, за лансирање на нови производи и услуги и сл., зборувам и за сосем секојдневни, лични нешта како: Да ја поканам ли девојката на дејт? или: Да му пишам ли прва? или Да му побарам ли пари на татко ми за тетоважа? и тн.
Штом утврдиме дека позитивните нешта што може да се случат доколку нештото успее се големи, а ништо премногу страшно нема да ни се случи ако нештото не успее (што би рекол татко ми: Главата ќе ти остане на рамена? Па што тогаш?), можеме да одиме на:
Трето, да се подготвиме. Во овој дел влегува се, од испитување на пазарот; проверка на јавното мислење; калкулација на потребните вложувања и трошоци; па утврдување на расположивите ресурси – луѓе, опрема, простор, пари, време; пробни производства (или нешто што одговара на тоа во останатите сектори), што ќе ни даде приближна слика за реалните можности за успех
Четврто, после деталната подготовка, да се фокусираме на нештата што може да тргнат добро и да придонесат за успех, па да работиме на нив
Петто, да сме подготвени за евентуални промени и прилагодувања на првичниот план, бидејќи, не сите варијабли кои влијаат на резултатот можат предвреме да бидат сознаениутврдени и вкалкулирани и,
Шесто, да полетаме. После сите пресметки, испитувања, истражувања, после сите проценки на ризикот, утврдување на можностите за успех или неуспех, потребно е да се соочиме со себе, со стравот, но и со можноста сето тоа да испадне и подобро отколку што сме се надевале, и, да го направиме првиот чекор.
Предизвикот станува реален дури во моментот кога режисерот ќе каже: “Одиме LIVE за 5, 4, 3, 2, 1…Сега!”. Од тој миг станува важно колку добро сте ја одработиле домашната задача, сте се подготвиле ли добро и колку сте флексибилни на промени. Ќе пливате ли еднакво добро во мирно море и на бранови. Ќе полетате ли високо, чувствувајќи ги крилјата сè посилни со секое замавнување или, сепак, ќе мора да се приземјите, до следниот поволен ветар.
Летајте и, не заборавете – некои летови се вредни за падот.
За авторот:
Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.