Тие се тука – Милениумците – најзастепена работна сила

од 24HR

Колумна на Билјана Чкламовска – Legal / HR / Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија.

Милениумците, познати и како Генерација Y, родени помеѓу 1982 и 2000 година, веќе ги има насекаде и нивниот број на пазарот на труд рапидно расте . Пресметките покажуваат дека до 2025 година, тие ќе сочинуваат цели 75 проценти од работната сила во светот. Карактеристично за оваа  генерација е тоа што брзо се движи од почетното ниво кон лидерските позиции.

Во секој бизнис, без разлика на индустријата н која тој припаѓа, милениумците се човечки ресурси на сегашноста и блиската иднина, затоа, ако не веќе сте го сториле тоа, од суштинско значење е, час поскоро да разбереме кои се, и како најсоодветно  да ги инволвираме во работните процеси.

Милениумците беа во голема мера одгледани од Бејби Бумерси, поретко од родители од Х- генерација и тоа имаше големо влијание врз тоа кои се и како се разви нивниот идентитет. Тие не се растени  со мечиња избрани од родители или баби и дедовци, туку со екрани насекаде околу нив, па  така си создадоа нивни сопствени играчки. Во тинејџерските години, тие не добија касета или ЦД од нивната омилена музика туку  самите си правеа плејлисти на iTunes и Spotify. Нивните родители не ги воспитуваа нив  „со стапот“, туку со морковот, беа воспитувани така, да веруваат дека се посебни, а родителите им дадоа многу можности, многу уникатни искуства и гледишта.  За разлика од  Х-генерацијата која имаше натпреварувачки дух и се стремеше кон победи, милениумците добиваа  пехари и признанија и за учество.

Заради тоа тие сакаат да бидат доживувани како индивидуалци

Работен договор на неопределено време, годишен одмор и сигурно работно место со редовна плата за нив не претставува  никаква придобивка како што тоа беше за нивните родители, тоа за нив е нешто основно што следува за работен ангажман.  Милениумците кои се сега веќе возрасни личности, бараат многу повеќе: прилагодливи работни места, флексибилно работно време, флексибилни часови, пријатни работни простории, шанса да градат кариера и слобода сами да си го организираат работниот простор онака како што тие сакаат, сакаат катчиња за креативни паузи,  тим билдинзи и многу други поволности.

Знаејќи го ова, ако вашата компанија сака да биде привлечен работодавач за милениумците,  треба да ги прилагоди работните места и кариерните системи кон нивните потреби и да биде инвентивна при креирање на мотивациските алатки. Како Milenial friendly се сметаат оние компании кои освен пријатната работна средина, креираат ротациони програми што на вработените им обезбедуваат мобилност и им даваат можност преку разни тренинзи и индивидуален план за развој и надоградување врз база на индивидуално поставени цели, да пробаат различни кариерни стази за да стигнат таму каде што најдобро се вклопуваат.

Милениумците сакаат да учат, да напредуваат и да бидат препознаени

Вложување во тренинзи и обуки е исто така неопходно бидејќи милениумците сакаат да напредуваат и битно им е да им се каже што се очекува од нив и каква поддршка ќе имаат во текот на работата. Тие не сакаат да им се наредува и да бидат казнувани, туку да бидат водени, тренирани, обучени и мотивирани и само така ќе се вложат себеси во остварување компаниските цели. Затоа обуките им се висок приоритет, тие преферираат обуки и развој повеќе отколку парични бонуси.

Менаџерите мора се поставуваат помалку менаџерски повеќе лидерски, да раководат со личен пример, бидејќи милениумците во нив гледаат ментори, а не противници, и ако се воодушеват од нив, ќе се стремат  да бидат што подобри и да го достигнат нивното ниво

Адаптирањето кон барањата на милениумците можеби ќе ви звучат радикално и бараат влог на многу пари и време, но ако работодавачите не  ја ценат нивната индивидуалност, и желбата да бидат препознаени, тие нема да се чувствуваат удобно во работната средина и тоа ќе побараат друго место каде што ќе го вложат својот талент и потенцијал.

Милениумците не можат да живеат без технологија

Интернетот на милениумците им овозможи свет без граници. Тие бараат и споделуваат информации преку интернет, лично и професионално се поврзуваат преку социјалните мрежи.

Добар работодавач што знае да ја искористи таа нивна технолошка инфлуентност, ќе им овозможи флексибилност на работното место. Нив не им одговара ограничено работно време, не им пречи да ви одговорат на е-маил ноќе или за време на викенд, тие можат да завршат својата работа од било каде, од парк, од кафуле, плажа или аеродром, но нема да ги спречите да напишат порака на пријател или да си купат нешто преку Интернет во текот на работното време.

За среќа, тие нема да направат проблем и ако им сугерирате да поработат на своите меки вештини, па без проблем ќе посетат обука за деловна комуникација или за јавен настап, на пример.

Уредете ја вашата веб страна така што милениумвите ќе имаат полесен пристап до информации за вашата компанија, за  вашите бизнис цели и визија, и олеснете го начинот на регрутирање преку неа, ставете силен акцент на најновите технолошки алатки и присуството на социјалните медиуми и бидете сигурни дека ќе го привлечете вниманието на талентираните милениумци.

За авторот:

Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...