Транспарентни плати „најскапата”​ придобивка што вашата компанија сѐ уште не ја нуди

од 24HR

Во време во кое кадарот во секторот што се чини дека „го врти светот” е парадоксално сѐ уште под цена, вашата ИТ-компанија од соништата ви ги нуди сите придобивки што можете и не можете да си ги замислите, освен основната што во идеален случај би ги сменила нештата во вистински правец – транспарентност на платите. И секако, се прашувате дали е тоа најважното прашање во општество кое неодамна се соочуваше со висока стапка на невработеност, за одеднаш да има недостиг на кадар и тоа во сектор кој продуцира можеби и најголем број на дипломци во моментот?

Секако дека перцепцијата зависи од перспективата, гледана главно временски. 

На пример, ако во моментов сте ИТ-студент кој не ни мора да дипломира за да дојде до соодветна пракса во посакуваната област, до прекрасна компанија и среќно место за работа и напредок – вие стоите на место од кое со брзина на светлината сте веќе вработен, па дури и добри две-три години, ако сакате да бидете лојални на можноста што сте ја добиле и ако верувате во идеалите за кои работите. Во поинаков случај може и да броите во календарот или на LinkedIn бројчаникот навршување на една или, преку сила, две години, по што ќе се сметате за доволно искусен да го почнете своето „патување“ низ кариерата, односно по линијата на растот на платите. Понатаму веќе патот што го одбирате зависи од вас, а и од компанијата на која ѝ се брза!

Од стојалиштето, пак, на веќе изграден професионалец во својата област, нештата може да бидат видени поинаку и ниедна придобивка од типот на социјални настани или ваучери не е веќе доволно привлечна колку крајната финансиска компензација како и времето кое го посветувате за квалитетен живот подалеку од овој, професионалниот.

И ако ги сумирам заклучоците низ годините на прашањето „зошто фрекфеноста на промена на компании сѐ повеќе се зголемува“, сите придобивки, заедно со несоодветноста на старата компанија на иста страна, не натежнуваат колку привлечноста на висината на компензацијата на другата на вагата. На крајот од „трендот”, што упорно продолжува и се надградува со нови и уште понови придобивки, придружени со основниот договор за работа, драги компании, работодавачи и основачи на бизнис идеите, сите оние што сакате да ги задржите своите ценети вработени, одговорот е јасен – платете ги доволно и подеднакво за својот труд и бидете транспарентни притоа, зашто тоа е најдобриот начин да им покажете дека ги цените. 

Ако зборуваме за изедначување на нивоата по работна позиција видени внатрешно компаниски, помножени со индивидуалниот придонес и квалитетна испорака, видено и во вертикална рамка по однос на техничкиот развој и во хоризонтална од аспект на личните вештини со кои вработениот располага, истовремено неизоставувајќи го дијагоналниот раст како резултат на промена на стапките на пазарот, можеме да зборуваме за вистинско вреднување на трудот и компанија што верува во луѓето како нејзин основен капитал.

Утврдувањето и отвореноста на нивоата на платите делува позитивно и по најважниот сегмент во кој се чини дека се сака да се вложи што повеќе, односно да се елиминира стресот на вработениот и да се подобри неговата психичка состојба. Ако навистина сакаме да ја урнеме мистеријата за компензацијата на колегата што работи понеквалитетно, а изгледа дека ужива ист статус, или обратно, да делуваме на мотивацијата со познавање на највисокот ниво на дострел во една компанија или позиција, утврдувањето на основна плата според нивото и позицијата во една организација или на ниво на сектор е начинот. И да, продуктивноста помножена со мистификација на финансискиот дострел по одредена позиција може да биде значајна, но на кратки патеки. На долг рок би се избегнале честите проверки на “волшебствата” на други компании, кои зад завесата и не нудат ништо поразлично и ново, освен мотивот на непознатото, а ги трошат ресурсите на сите засегнати странки. 

Точно е дека транспарентноста бара одговорност, професионализам и доследност, а што ќе ви се без тоа сите помошни и придружни позиции кои стојат помеѓу вас што ја поддржувате идејата на која работите и тие што ја спроведуваат, ако истите не се доволно професионални да направат соодветна евалуација на нивото на кое вработените влегуваат и на она на кое работат во вашите компании?

Само транспарентноста на платите во еден сектор, компанија, па и општество – може да го сопре напуштањето на истите, а со ангажирање на доволно едуциран кадар и вложување во доедукација на сите останати субјекти кои ја градат вашата компанија и работат на мотивација и евалуација на вработените, може да ги задржите најдобрите од нив! Сите останати обиди за декорирање на привлечноста на едно работно место ја губат својата вредност правопропорционално како и вие вашите вработени. Транспарентноста и отвореноста на секое ниво е одговорот што не излегува од мода, освен што трендовите знаат да се менуваат според потребите на оние што ги креираат, па среќа е што сме сите на истата движечка сцена и не можеме предолго да постоиме како паралелна димензија на пазарот на трудот.  

За авторот:

Биљана Талевска – People Expert во Squadron, одговорна за политика на вработување, кариерно советување, раст и развој во компанијата, вклучително за маркетинг стратегиите и градење на brand- awareness на истата.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...