Виртуелен личен бренд – Кој/а сум јас на интернет?

од 24HR

Колумна на Проф. д-р Даниела Карадаков – професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси.

Дали сте размислувале некогаш за вашиот виртуелен личен бренд? Дали сте свесни за сликата што ја оставате за вас на интернет? Дали сте направиле некогаш истражување за тоа Kој/а сум јас на интернет? ?

Ова се неколку прашања кои може да ве насочат да започнете да размислувате за вашиот виртуелен личен бренд.

Мора да признаеме дека дигиталната ера ни отвори многу можности со цел полесно да се себепретставиме пред одредена целна група. Таа целосно ни го промени начинот на комуницирање и поврзување со другите луѓе. Така што ние, свесно или несвесно, преку интернетот започнавме да градиме одредена виртуелна слика за себе.

Виртуелниот личен бренд претставува алатка за претставување на себеси и поврзување со другите луѓе преку интернет. Иако ова е неограничена можност, сепак треба да размислиме за тоа кои и какви информации споделуваме за себе, затоа што нашиот дигитален отпечаток ќе не следи каде и да одиме, без разлика каде се наоѓаме.

Ние имаме можност да бираме: или целосно да го игнорираме или под наша контрола да го развиеме нашиот виртуелен личен бренд. Преку него може да ја прикажеме нашата личност, нашето однесување, интересите кои ги имаме, да споделуваме информации за нашиот развој, достигнувања, напредок. Ние сме тие кои одлучуваме кои информации ќе ги направиме достапни за надворешниот свет и како истите ќе ги пласираме. Тоа може да го правиме поради различни цели: со цел да комуницираме со одредена целна група, да се поврземе со некои луѓе, да одржуваме врски и односи, да оствариме некакви лични или деловни цели, а може да го правиме и со цел да се издвоиме од останатите, да си помогнеме во професионалниот или кариерниот развој и сл. Онлајн сликата за себе може да ја градиме и со цел да стекнеме лична моќ, да развиеме и споделиме вредности, да влијаеме на подигнување на нашата лична репутација, да ја покажеме својата експертиза, разликите со другите и сл.

Виртуелниот личен бренд може да биде од витално значење за нас и на професионално ниво. Преку него всушност ние се претставуваме пред сегашните или потенцијалните клиенти, работодавачи, соработници и сл. Преку него на некој начин ја создаваме сликата за тоа како сакаме другите да не гледаат. Имаме можност да ги истакнеме предностите и страстите, а тоа може да ни помогне другите луѓе да ни веруваат дека подобро не познаваат. Ова значи дека може да бидеме и „мета“ на проверка од страна на регрутерите или проверката да биде дел од селективниот процес во рамки на вработувањето.

Во професионалниот свет, личниот бренд е сликата што другите ја гледаат за нас и впечатокот што другите го добиваат за нас. Создавањето на личен бренд бара добра саморефлексија и интроспекција. Доста луѓе имаат проблем да се опишат себеси, па повеќе преферираат да споделат какви сакаат да бидат. Тој не е реален личен бренд, тој е посакуван личен бренд. Овој сегмент претставува повеќе точка на размислување и проверка од страна на организациите, од страна на другите – дали и колку веруваат во она што ние го споделуваме за нас.

Треба да разбереме дека личното брендирање всушност е исто што и личниот маркетинг. Тоа претставува тековен процес на развој и одржување на репутацијата и впечатокот што го градиме за нас во средината.

На оваа тема, оваа година, спроведов истражување во кое учествуваа 200 испитаници (Целосните резултати од истражувањето се објавени во научен труд). Согласно добиените резултати се заклучи дека 94% од испитаниците се свесни дека преку интернетот учествуваат во градење на својот личен бренд, но 85% од испитаниците никогаш не направиле истражување за тоа кои се тие на интернет, односно не направиле проценка на нивниот виртуелен личен бренд. Градењето на слика за себе на интернет најчество ја прават заради: вмрежување, создавање на вредности и јакнење на довербата и кредибилитетот. Како фактори кои ги сметаат како клучни за успех во градење на виртуелен личен бренд ги издвојуваат: автентичноста, посветеноста и кредибилитетот. Во однос на тоа кои виртуелни канали ги користат за градење на својот виртуелен личен бренд, испитаниците ги наведоа во најголем процен социјалните медиуми, издвојувајќи ги LinkedIn, Facebook и Instagram, потоа личната интернет страница, статии/ натписи/ трудови објавени на интернет портали и сл. Овие канали во најголем процент ги користат со цел да се поврзат со луѓето, да остварат некои деловни цели, да ги одржат социјалните врски и односи, како и да си помогнат во својот кариерен развој. Најчесто споделувани информации на интернет, според опфатената група на испитаници, се: информациите за кариерата и работното искуство, информации за учество на настани, информации за лични достигнувања, фотографии и сл. Факт е дека во иднина се очекува сите повеќе да бидеме посветени на градењето на нашиот виртуелен личен бренд, а за тоа потврдува и податокот што 84.1% од испитаниците би вложиле повеќе во својот виртуелен личен бренд во иднина.

Сепак, многу е важно да не заборавиме кои сме, да имаме здрава самокритичност, соодветна зрелост и самоконтрола на она што го споделуваме за нас на интернет.

За авторот:

Проф. д-р Даниела Карадаков е професор на БАС Високата школа во наставната област Менаџмент на човечки ресурси. Таа бележи богато наставно, обучувачко, и менаџерско искуство. Активна е како професор, обучувач, консултант и истражувач во полето на менаџментот на човечки ресурси, личниот менаџмент, организациското однесување и комуницирање, интерперсоналните односи, организирањето на настани и сл. Од 2012 до 2021 година ја вршеше функцијата директор на БАС Високата школа, каде за нејзината успешна работа сведочат две посебни признанија: Признание за оживотворување на мисијата на БАС, добиено во 2015 година од страна на основачите на БАС и Признание за жена менаџер во 2018 година, добиено од страна на Агенцијата Марили. Прв автор е на две изданија: Личен менаџмент и Практикум по личен менаџмент во издание на БАС. Во текот на својата кариера има објавено бројни стручни и научни трудови, научни трудови со импакт фактор, а исто така активно учествува и на домашни и меѓународни стручни и научни собири.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...