За новите родители и сите компании:Како до надминување на предизвиците по породилното отсуство?

од 24HR

Враќањето на работа по породилното отсуство е значаен период и за новите мајки и за компаниите, вообичаено придружен со високо ниво на стрес и несигурност од двете страни.

Овој текст се обидува да даде реален увид во она што се случува и насоки за усогласување на потребите и очекувањата. Текстот се базира на резултати од истражувања кои комбинација на искуството на авторот како психолог и професионалец во областа на организациска психологија, првично без родителски обврски, потоа како менаџер за човечки ресурси и мајка на едно дете и сегашен основач и управител на компанија и мајка на две деца. 

Што се случува кај мајките кога се враќаат на работа по завршување на породилното отсуство? 

Вообичаено, ова се главните аспекти што се засегнати: 

  • Физички: Континуиран умор, недостаток од сон и намалена когнитивна функција, закрепнување од пораѓајот и хормоналната промена, реорганизација на доењето и справување со последиците од неговото намалување.
  • Социјални: Чувство на изолација заради намалена социјална интеракција, потешкотии во реинтеграција на работно место и воспоставување на добри односи со колегите.
  • Емоционални: Чувство на вина заради оставање на детето на друг згрижувач, зголемен ризик од депресија и анксиозност заради зголемената потреба и притисок за воспоставување на баланс помеѓу барањата на работата и новиот член на семејството. 
  • Професионални: Загриженост за тоа дека како нова мајка вработената ќе биде перцепирана како помалку посветена и помалку способна во споредба со машките и останатите колешки без деца, загриженост за пропуштени можности за развој и унапредување во тек на породилното отсуство, притисок брзо да се врати на претходните нивоа на продуктивност и перформанс, потреба од нови вештини заради промените настанати во текот на отсуството. 

Со кои предизвици се соочуваат компаниите?

Компаниите од друга страна, се соочуваат со следните предизвици: 

⚡ Продуктивност: Периодот на реинтеграција на работно место вообичаено е придружен со помала продуктивност на мајките по враќањето на работа од родителско отсуство.

⚡ Тимска динамика: Прилагодување на тимските улоги заради враќањето на колешката, привремено ги нарушуваат воспоставените работни текови во периодот на нејзиното отсуство, а потебите на новата мајка може да бараат прилагодување и на начинот на комуникација и координација помеѓу тимот.

⚡ Менаџмент: Управување со перформансите во овој период бара зголемен напор за остварување баланс помеѓу поддршката на мајката и работните стандарди, а за потребата од нови вештини што произлегуваат од отсуството се потребни време и ресурси. 

Јасно е дека периодот не е лесен за ниедна страна, но компании што проактивно се насочени на поддршка на мајките кои се враќаат на работа прикажуваат зголемување на процентот на нивно задржување на работа од 20+% (IBM, Deloitte, EY), 30% (SHRM), па дури и 50% (Google).

Подолу се наведени неколку предлози за она што можат да го превземат и мајките и работодавачите за да се задоволат потребите на двете страни, да се намалат негативните ефекти и да се обезбеди добросостојба и за новите мајки, и за останатите колеги и за компанијата во целост. 

Препораки за компаниите

  • Размислувајте долгорочно. 

Не очекувајте целосна продуктивност во првите месеци. Истражувањата покажуваат дека по враќањето од породилно отсуство има реален пад на продуктивноста, но дека е краткотраен. 

Грижата за децата им помага на мајките да бидат подобро организирани и полесно да носат одлуки. Бројките укажуваат дека по првичниот пад на продуктивноста, таа се враќа или на истото ниво или расте заради новостекнатите искуства.

  • Бидете свесни за феноменот „казна за мајчинство“. 

Голем број компании не ги земаат предвид новите мајки за унапредување заради претпоставките дека нема да бидат посветени на својата кариера, според некои истражувања дури и до 75% (Voice of Women). 

Во пазарни услови како моменталните, кога компаниите страдаат од недостаток на работна сила, оваа практика, освен што е очигледно неповолна за новите мајки, директно штети и на компаниите. 

  • Нормализирајте го породилното отсуство како редовна и очекувана појава наместо како причина за паника и незадоволство и дефинирајте процедури. 

Процедура за среднорочна и долгорочна замена на вработени освен што ќе ја намали неизвесноста кај вработената, колегите и менаџментот, дури и ќе обезбеди редовен тек на работа за сите идни породилни отсуства, но и подолгорочни боледувања што се исто така причина за сериозна загриженост. 

Процедура или правилник за ревоведување на вработен во работата по подолго отсутство со задолжителни информации за добивање на поддршка е исто така препорачлива.

  • Понудете скратено и флексибилно работно време. 

Некои мајки реално нема да бидат во можност да се вратат на полно или фиксно работно време. Најчесто ова резултира со давање отказ. Наместо да се изгуби вреден работник, задржете го со скратено работно или флексибилно време. 

Можноста за скратено и/или флексибилно работно време, независно дали станува збор за нови родители или било кои други вработени, покажало меѓу другото: зголемено задоволство од работата, унапредување на балансот помеѓу работата и приватниот живот, намалени отсуства од работа, поголема стапка на задржување на работниците и зголемување на креативноста и иновациите во компаниите. 

Препораки за мајките

✅ Комуницирајте за сите ваши потешкотии и потреби и барајте заеднички начин за усогласување со компаниските потреби, колку порано толку подобро. 

Ако недостатокот на сон ви влијае на фокусот, треба да се потенцира и да се разговара со претпоставениот и колегите кои зависат од вашата работа. Повеќето колеги ќе имаат разбирање и ќе најдат начин да ви ја олеснат работата, а вие превземате одговорност и покажувате грижа за работната околина.

✅ Имајте предвид дека никоја состојба не е трајна. 

Мозокот се тренира, децата почнуваат да спијат, корпоративниот начин на функционирање се усвојува. Месеците поминати во грижа за основните потреби на новороденче и возење детска количка, не ја поништуваат способноста за комуницирање со клиенти, извршувањето комплицирани операции, водење состаноци или цели тимови.

✅ Прифатете ја промената. 

Не сте истата личност како пред да станете родител. Во ред е да ги немате истите интереси и ставови, во ред е да пропуштите afterwork забава. Во ред е во овој момент да не сакате дополнителни обврски, но исто така и да побарате и добиете можност за унапредување. 

Истражувањата покажуваат дека унапредување на мајките доведува до зголемување на нивниот перформанс, дури и надминување од 30% во однос на останатите колеги (McKinsey) и повисока ангажираност на работа (Gallup).

Осврт на татковците

Татковците не ја живеат истата реалност како нивните татковци и дедовци и сега значително повеќе се ангажирани во грижата и воспитувањето на децата.

Ако овие прекрасни татковци се поттикнуваат повеќе да се грижат за децата кога за тоа има потреба во работно време, ќе се намали притисокот врз мајките да се снајдат кога треба на пример детето да се носи на вакцина или кога е болно. 

Покрај очигледната улога на државата во овој поглед, компаниите можат да ги охрабрат младите татковци поактивно да се вклучат во боледувањата за нега на дете. 

Невообичаено за нашите услови, но да ги замислиме ефектите: компанијата (навидум непотребно) плаќа и/или само останува без работник за време на боледувањето кое го зема таткото за нега на дете наместо тоа да го прави компанијата каде е вработена жената. 

Ефектот за мајката на детето се гледа во поголема редовност на работа, полесно прилагодување и помали нивоа на стрес. А за моменталните и идни мајки вработени во компанијата која дала боледување на еден татко, ова може да биде причина за голема мотивација, лојалност и продуктивност. 

Колку би пораснале профитите ако активно се поддржат родителите? 

За крај, ако искрено размислуваме и се грижиме за иднината, ќе ги преземеме сите можни чекори за да обезбедиме поддршка на родителите при одгледување на децата. 

Во овој контекст, и мајките и татковците и компаниите имаат моќ и можност да ја обезбедат таа поддршка и да го олеснат и унапредат квалитетот и грижата за развојот на децата затоа што и е заедничка одговорност.  

Родители кои добиваат поддршка од работодавачот го немаат притисокот и стресот поврзан со работата, а тоа влијае на оптимално функционирање на мозокот, но и на општата добросостојба. 

Среќни родители се попродуктивни работници кои освен што имаат енергија и желба да им се посветат на децата, се посветени и успешни и во работата. 

Колку би пораснале профитите ако активно се поддржат родителите? 

Оние компании што успешно ќе ги применат овие практики, ќе можат и да ги измерат ефектите.

Автор: Ана Костовска

Извор:Working Mom

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...