Согласно член 1 од Законот за работните односи, работните односи се уредуваат со Законот за работните односи и друг закон, колективен договор и договорот за вработување. Работните односи се воспоставуваат со склучување на Договор за вработување меѓу работодавачот и работникот.
Договорот за врабоување претставува акт со кој се заснова работниот однос и акт со кој се уредуваат правата, обврските и одговорностите врз основа на вршењето на работата од работниот однос.
Согласно македонското законодавство, во врска со формата на договорот се предвидува дека Договорот за вработување задолжително се склучува во писмена форма.
Што се однесува до содржината на Договорот за вработување, нашата правна, законска рамка во врска со содржината на Договорот за вработување е утврдена во член 28 од Законот за работните односи и секој склучен Договор за вработување мора да ја содржи содржината на овој член од Законот.
Договорот за вработување согласно член 28 од Законот за работните односи, треба да содржи:
- податоци за договорните страни, нивното живеалиште, односно седиште – за работодавачот и работникот
- датум на стапување на работа – датумот на стапување на работа е битен елемент, бидејки од тој ден започнуваат да се остваруваат правата, обврските и одговорностите од работен однос и правата од задолжително социјално осигурување. Доколку датумот на стапување на работа не е определен со Договорот за вработување, како датум на стапување на работа се смета наредниот ден од датумот на потпишување на Договорот за вработување, а работникот се пријавува во Агенција за вработување на РСМ на датумот на потпишување на Договорот за вработување
- назив на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување – треба да се одреди називот на работното место, како и податоци за видот на работата и работните задачи со краток опис на работите кои ќе ги врши работникот, а на која основа е актот за организација и систематизација на работодавачот
- одредби за обврската на работодавачот да го информира работникот за ризичните работни места и посебни стручни квалификации или познавања или неопходен посебен медицински надзор, во согласност со закон, со наведување на посебните ризици кои според законските прописи можат да бидат последица од работата – согласно Законот и подзаконските прописи за безбедност и здравје при работа, кога станува збор за работно место кое спаа во ризичните работни места
- место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место, се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот – овој податок се однесува на географското место на кое работникот треба да ги извршува работните задачи
- време на траење на работниот однос, кога е склучен договор за определено време – задолжителен елемент на Договорот за вработување на определено време со кој задолжително треба да се определи времетраењето на работниот однос
- одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време – работното време е едно од основните права од работен однос и во секој договор мора да се назначи односно да се уреди дали се работи за работен однос за полно или пократко работно време ( неполно работно време)
- одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време – се определува времетраењето на дневното работно време со назначување кога започнува и кога завршува дневното работно време, како и дали рабтата во текот на неделата е организирана во петодневна, шестодневна работна недела или во смени, со тоа што мора да се запази времетраењето на работното време на неделно ниво од вкупно 40 часа неделно
- одредба за висината на основната плата која се изразува во паричен износ, која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување – висината на основната плата мора да биде изразена во паричен износ
- одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор – назначување на закон и колективен договор во кои се утврдени надоместоците кои му припаѓаат на работникот
- одредба за годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор – кој не може да биде помал од законски утврдениот минимум од 20 работни дена за цел годишен одмор
- наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот – да се наведат општите акти кои се применуваат кај работодавачот а во кои се доуредени правата и обврските од работниот однос.
Покрај горенаведените задолжителни елемнти кои треба да ги содржи еден Договор за вработување, истиот може да содржи и други права и обврски определени со Законот за работните односи и друг закон и колективен договор.
Она што е од суштинско значење е дека со Договорот за вработување не можат да се определуваат помали права од правата утврдени со Закон. Ако договорот за вработување содржи такви одредби, тие одредби се сметаат за ништовни и се применуваат соодветните одредби од Законот. Во Договорот за вработување не треба да се превземаат конкретни одредби од Законот или општите колективни договори во кои одделни прашања конкретно и целосно се уредени бидејки Законот и колективните договори непосредно се применуваат. Со Договорот за вработување треба да се уредат оние прашања за кои Законот за работните односи и колективниот договор упатуваат истите да се уредат со Договорот за вработување.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.