Колумна на Катерина Ангелковска-Магистер по менаџмент, експерт во областа на човечки ресурси
Лошото менаџирање и недавање важност на давањето feedback на вработениот за неговата работа може да го доведе вработениот во заблуда, па дури и до носење одлука за заминување од работното место.
Ова се случува кога вработениот работи со својот полн капацитет, не штедејќи се себе си, а притоа не знае дали е на добар пат во остварување на целите, или треба комплетно да ја пренасочи својата енергија.
Воедно вработениот не знае дали и каде греши и дали му е потребно коригирање, или пак во што е добар и треба да продолжи да работи на ист начин и со ист интензитет.
Давањето повратна информација е од огромна важност за секој вработен, и тоа поради повеќе причини.
Една од нив е подобрување на перформансите на вработениот, преку идентификација и споделување на неговите силни и слаби страни.
Редовната и конкретна повратна информација, на вработените им овозможува да ја разберат својата ефективност и областите што треба да ги подобрат. Ова им помага да ги прилагодат своите стратегии и техники за подобрување на сопствените перформанси.
Давањето feedback помага и во поставувањето јасни цели и очекувања од вработениот, и ги насочува вработените кон успешно совладување на истите.
Воедно на основа на добиената повратна информација, компанијата може да изработи персонализирани планови за обука кои одговараат на специфичните потреби на секој вработен. Исто така споделената повратна информација помага и во откривање на областите за обука и развој, што води до постојан раст и унапредување на вештините на вработените, што води и до прогрес на Компанијата.
Позитивната повратна информација, им дава на вработените потврда за нивната работа и ги мотивира да продолжат да работат со добри перформанси и понатака.
Не секогаш претпоставениот е во позиција да сподели позитивна критика, но каква и да е таа, сепак е подобра од воопшто несподелена информација за работењето. Конструктивната критика, кога е добро формулирана и соодветно споделена, може да биде корисна за личен и професионален раст, што допринесува за поголемо задоволство при работењето.
Таа истовремено дава и насоки за можностите за напредување и развој на кариерата на вработените и може да помогне во идентификацијата на потенцијални лидерски улоги или кариерни промени, во вистински правец.
Јасната повратна информација помага во дефинирање на патот за унапредување и напредок во организацијата.
Редовната повратна информација може да помогне и во идентификување на потенцијални проблеми и предизвици уште во рана фаза, што овозможува навремено нивно решавање.
Само со проактивна комуникација и решавање на проблеми преку повратна информација, се намалува можноста за конфликти и недоразбирања во тимот.
Затоа, менаџери, непосредни раководители, бизнис партнери, не ја одбегнувајте примената на оваа алатка, во раководењето на Вашите луѓе !
Не заборавајте дека повратната информација е клучна алатка за унапредување на индивидуалните и тимските перформанси, за развојот на вработените и непосредна поддршка во успешното работење на тимот и компанијата, од која сте дел.
За авторот:
Катерина Ангелковска
Магистер по менаџмент, експерт во областа на човечки ресурси
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.