Колумна на Афродита Кермичиева Пановска-Кариерен коуч и HR Менаџер
Изгледа навистина парадоксално. Компаниите вложуваат многу пари и напори во регрутирање на нови вработени и се трудат интензивно да привлечат нови таленти. Истовремено, често не вложуваат доволно во постоечките вработени за да се осигураат дека ќе побараат разговор пред да дадат отказ.
Но зошто е тоа така?
Недостиг на доверба
Често вработените имаат чувство дека нивните грижи и проблеми не се земаат сериозно. Недостигот на доверба и чувството дека не се слушнати доведуваат до тоа да не гледаат смисла во барањето разговор. Започнуваат да бараат нова работа и едноставно заминуваат.
Страв од негативни последици
Многумина стравуваат дека отвореното разговарање за проблеми или незадоволство може да доведе до негативни последици, како што се дискриминација, недостиг на можности за напредок или дури и отказ.
Невидливи промени
Ако вработените во минатото веќе зборувале за проблеми без да се направат промени, нивната мотивација да се обидат повторно опаѓа.
Културни бариери
Во некои компании, директната комуникација за проблеми или незадоволство не се охрабрува или дури се смета за табу. Во истата вработените знаат дека нема можност да се адресира нивното незадоволство.
Недостиг на комуникација
Често, едноставно нема редовни и отворени канали за комуникација помеѓу вработените и менаџерите. Недостасуваа редовни разговори еден на еден, како и анонимни канали за давање повратна информација.
Како можат компаниите да го спречат ова?
Создавање на доверлива атмосфера и поттикнување на психолошка безбедност
Менаџерите треба активно да им пристапуваат на вработените, да слушаат и да покажуваат вистински интерес за нивните грижи.
Поттикнување на транспарентност и отвореност
Отворен систем за повратни информации каде вработените можат без страв од реперкусии да го изразат своето мислење е од суштинско значење.
Спроведување видливи промени
Кога ќе се спомнат проблеми, компаниите треба брзо и видливо да реагираат за да покажат дека повратните информации се земаат сериозно.
Редовни разговори за повратни информации
Преку редовни, структурирани разговори, проблемите можат да се препознаат и решат рано.
Кариерен развој и кариерен коучинг
Компаниите кои инвестираат во кариерен развој и кариерен коучинг ги поттикнуваат своите вработени да останат долгорочно. Кариерниот коучинг помага во идентификување на силните страни и развивање на планови за личен и професионален раст.
Менаџерот како коуч и препознавање на рани знаци
Менаџерот како коуч е критичен за задржување на вработените. Тој/таа треба да ги препознава раните знаци на незадоволство и да преземе проактивни мерки. Овие знаци можат да бидат:
- Намалена продуктивност
- Промени во однесувањето
- Намалено учество во тимски активности
Кога менаџерите ќе ги препознаат овие знаци, можат да интервенираат и да понудат поддршка и решенија пред ситуацијата да се влоши.
На крајот, и двете страни имаат корист од отворен и доверлив дијалог. Вработените се чувствуваат ценети и слушнати, а компаниите можат да ја намалат флуктуацијата и да создадат продуктивна работна средина. Инвестирањето во кариерен развој и менаџерите како коучеви е клучно за долгорочен успех и задржување на талентираните вработени.
За авторот:
Афродита Кермичиева Пановска
Кариерен коуч и HR Менаџер
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.