Промената е во сржта на коучингот

од 24HR

Интервју со Елена Антоновска – професионален сертифициран коуч на Интернационалната коучинг федерација и тренер, како и еден од предавачите на првиот Меѓународен Коучинг форум кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни во организација на МАЧР.

Нејзиното членство во Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) датира од пред неколку години, но поголем удел во истата има со формирањето на огранокот за коучинг при МАЧР, каде искрено се инволвира со ширење на коучинг културата, со една цел, а тоа е градење на стандарди во коучингот и примена на истиот на овие простори. И бидејќи промената е вечна тема, за која честопати луѓето прашуваат како да направат промена, нејзиното учество на претстојниот Меѓународен Коучинг форум кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни 2021 година на тема New code of meaningful change! What is your legacy? ќе го одбележи токму со таа тема: Коучингот – Наука за промената.

Зошто наука за промената?

Можеби еден од клучните фактори за ситуацијата во која светот се наоѓа е стравот од промена. Всушност, како да луѓето тешко се менуваат само поради фактот дека не можат да замислат поинаква иднина и робуваат на навиките, на она што е познато, на зоната на комфорот.

Тоа секако има позадина во биологијата, физиологијата и во науката за мозокот и нервниот систем (neuroscience), а и во човечката еволуција низ историјата, вклучувајќи го и денешното време. Резултатите од ова се гледаат во начинот на функционирање на луѓето и секојдневниот живот.

Коучингот користи научни методи кои опфаќаат лингвистика, вербална и невербална комуникација, визуелизација, провокација на кинестетички доживувања, креирање на искуство, и е базирано на се што денешната наука знае за функционирањето на мозокот и умот, психологија и енергија.

Во таа смисла, како што се развива и науката, така се развива и коучингот, што значи дека иако структуриран како метода, тој апсолутно се прилагодува на индивидуалните потреби на клиентите. Постојано се развива, што е многу важно, бидејќи и самиот се заснова на принципите на постојана промена, прилагодување и усовршување врз база на познавањето на човечкото однесување.

На пример, голем дел од знаењето кај коучот се однесува на односот со клиентот и на едно од најважните откритија во историјата на неврологијата што ја смени нашата концепција за тоа како работи мозокот: огледални неврони. Тие учествуваат во процеси како што се учење на комплексни однесувања преку набљудување и разбирање на однесувањето на другите преку емпатија.

Истрагата на овие неврони стана еден од основните столбови за разбирање на феномени како што се импликацијата на емпатијата во развојот на социјалните вештини, изградбата на културни шеми и за тоа како однесувањето се пренесува преку генерации и како се генерираат однесувања, индивидуално и на ниво на група.

Сето ова и многу други компоненти кои коучингот ги користи, ни укажува дека самата метода не е само модерна алатка, која е измислена заради погрешни причини.

Коучингот е навистина моќен инструмент за поддршка, мотивација, предизвик и промена кај клиентите, доколку знаете да го користите и се држите до златните стандарди на ИКФ.

Колку е важно да се менуваме?

Најважно 😊 Додуша, можеби да се менуваме не е адекватниот израз, туку да се вратиме на себеси и да го откриеме личното патешествие и сопствениот начин на кој ќе функционираме. Да бидеме свои, автентични, да излеземе од рамките кои не нé собираат и не се наши.

Луѓето се социјални битија, меѓу останатото, што кај нив развива потреба да припаѓаат на некој систем, да се прифатени од околината и да се признаени. Истовремено, нормите за ова имаат висока цена, бидејќи сите ние често се обидуваме да се вклопиме во системи кои не се направени по наша мерка. Резултатот е голем напор, без корисни ефекти и оддалечување од себеси. Сакајќи да оствариме контакт со околината, губиме контакт со себеси.

Во тој контекст, важно е лично да се откриеме и оствариме, да одредиме кои се нашите вредности, да се водиме по нив и да си поставиме цели кои нас ќе ни донесат чувство на достигнување, исполнетост и успех.

На тој начин, ние креираме живот за себе каков што ни припаѓа, и лично и професионално. Личното прифаќање и признавање води и кон општо прифаќање и признавање. Достигнувањата попатно доаѓаат сами по себе и во балансирана и хармонична форма.

Сето ова создава критична маса на луѓе кои се среќни, исполнети и имаат поширока визија за околината и светот. Ваквите луѓе се социјално и општествено одговорни, бидејќи ја разбираат личната одговорност и личниот избор како неминовност за подобри луѓе и подобар свет.

Како промената е поврзана со нашиот придонес пошироко?

Социјалната карактеристика создава потреба за конекции со другите луѓе, од кои не треба само да добиеме и земеме, туку и да дадеме и споделиме. Целиот наш живот нема значење доколку сме изолирани и сами и доколку тој нема еколошка димензија (работи за личното и колективното добро).

Ние сме сите поврзани и претставуваме некој дел од целината или системот (семејството, општеството, компанијата, човештвото). Како запчаници во еден часовник. Синхронизираното работење на запчаниците го условува прецизното функционирање на часовникот. Во спротивно часовникот нема да работи или ќе работи чудно.

Со оваа метафора можете да го претставите секој систем. Во смисла, ние сме прво луѓе и првенствено е потребно да изградиме и усвоиме лични, човечки вредности, а потоа да градиме вештини и компетенции, бидејќи ако не си човек, не си ни вработен, ни менаџер, ни лидер. Нашата улога е да се подржуваме меѓусебно. Неопходно е да се почитуваме и прифатиме како луѓе, да го осознаеме своето место во системот, а потоа синхронизирано да функционираме во рамките на тој систем, со разбирање дека секој запчаник има своја улога во него. Во оваа метафора нема место за его, а показател за тоа е светот во кој живееме.

Па коучинг прашањето „Што сакам јас?“ добива смисла само ако поставиме и едно друго прашање, а тоа е „Кој има бенефит од тоа?“ и „Како тоа ќе придонесе на системот во кој функционираме, а и пошироко?“

И не само тоа. Можеби нема да ги доживееме резултатите или плодовите на нашиот живот или работа. Можеби тие ќе дојдат долго по завршувањето на нашиот физички живот и на некој начин ќе не надживеат. Какви плодови сакаме да оставиме зад себе? За идните генерации. За нашите деца, кои сите се наши. Во каков свет сакаме да живееме и што ние правиме по тој повод? Како можеме да придонесеме за една поинаква иднина и еден подобар свет?

Тоа се прашања кои ни даваат смисла и значење, кои го одредуваат животниот пат, ни даваат визија и не прават свесни битија. За да добиеме одговори и да преземеме акција, мора да се менуваме.

Вашата вредност е слободата. Таа е она за што се залагате. Што мислите со тоа?

Слободата доаѓа одвнатре е мотото на Арс Луцида. Како и сите наши вредности.

Иако навидум живееме во слободен свет, прашањето е дали е тоа навистина така?

Слободата не се однесува само на автентичност и себство, туку значи свест и моќ да се креираат нешта од бенефит за сите. А моќта носи одговорност.

Коучингот го потенцира токму тоа. Одговорност за сопствениот живот, за околината, за сегашноста и иднината, и за акциите кои ги преземаме. Го потенцира потенцијалот, квалитетите и ресурсите на луѓето и создава обврска и право да се преземе одговорност за себе и да се биде слободен, да се биде човек во вистинската смисла на зборот.

Ви благодарам за можноста и посакувам заеднички да градиме една поинаква иднина за сите.

Агендата за дводневниот настан можете да ја погледнете на следниов линк.

За учество на форумот можете да се регистрирате на следниов линк.

Доколку веднаш сакате да набавите Early Bird влезница за форумот, Ве замолуваме да го следите следниов линк.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...