Зошто вработените во компанијата честопати се најдобриот избор за нова отворена позиција?

од 24HR

Колумна на Лилјана Бојковска – HR ентузијаст и Partner Relation Manager во IuteCredit Македонија.

Вработените во компанијата се најзначајниот ресурс кој го движи бизнисот. Но многу вработени можноста за раст и развој ја гледаат единствено надвор од компанијата во која работат, зошто најчесто не се вреднувани на начинот на кој треба да бидат и согласно ангажманот и трудот кој го инвестираат во работата.

„Во компаниите многу често тлее огромен потенцијал на вработени кои имаат поголема можност да напредуваат доколку ја напуштат компанијата“. Една од најчестите причини за напуштање на претходниот работодавач е немањето можност да се напредува и недавањето на можност на постоечките вработени и истото кандидатите го комуницираат уште на првото интервју како свое очекување од компанијата, можноста за напредок.

Многу демотивирачки на целиот работен колектив влијае кога се отвара позиција во компанијата за која има високо квалификувани вработени во областа а работат на позиции кои реално би биле пополнети и со вработени со пониско образование во борба за егзистенција за семејството. Најголема грешка што ја прават компаниите е што не си ги познаваат своите вработени. Доколку немаат изграден систем за вреднување и унапредување на вработените, честопати се изненадени кога ќе ги видат своите постоечки вработени како аплицираат на огласите за позициите кои ги објавуваат. Тој истиот вработен добива надреден кој треба да го воведе и обучи во работата а за кратко време новиот колега треба да му дава насоки, инструкции во работата и да го контролира и оценува за истата. Така се создава конкуренција и страв за работното место и многу фрустрации кои носат кон намалена продуктивност, конфликити и често резултираат со напуштање на работното место, барање множности во друга компанија каде ваков вработен со релевантно искуство е одличен пакет и е дочекан со раширени раце за подобра плата и далеку подобри услови за работа.

Ретко која компанија има изградено систем за градење на своите вработени и давање на предност за пополнувањето на новите позиции преку отворање на интерни огласи. Често пати постоечките вработени се во сенка и не се забележани поради другите кандидати, кои што доаѓаат однадвор аплицирајќи на огласи или преку препораки, кои можеби и се одлични, но понекогаш и понесоодветни за позицијата.

Во огромен напор да се привлечат таленти на пазарот на труд, не се гледаа дека компанијата има огромен потенцијал од вработени, кои чекаат на таа животна можност да блеснат во компанијата, да ги покажат своите потенцијали и да си го реализираат сонот и она кон кое тежнеат, воедно да ја осигураат иднината на своето семејство и да го зацврстат чувството на припадност кон компанијата, која се грижи за нив како и тие за неа. Компаниите преферираат да увезат таленти за позициите кои ги отвораат без да си ги осознаат капацитетите на своите вработени, образованието, желбите и амбициите кон кои целат. Голем потенцијал се крие во вработените во компанијата кои и сами по себе се база на таленти кои и чекаат можност за градење на кариерни патеки.

Добрата работа во унапредувањето на вработените е што компанијата добива формирана личност, совршено интегрирана во тимот и вклопена во организациската култура на компанијата. Со пополнување на позиција со вработен од компанијата се добива човек кој е лојален, посветен и има сè што е потребно за да биде уште подобар, позадоволен и вработен на долги стази. Заедно со него и другите вработени гледаат дека компанијата ги гради и се грижи за нивниот кариерен развој.

Во тој случај треба да се ловат таленти во постоечките вработени, да се развиваат и растат заедно со компанијата. Унапредувањето е градење на веќе постоечки колега, дел од семејството, дел од тимот, кој добивајќи нова можност, која е добра и корисна воопшто и за неговиот личен раст и развој, но и за компанијата, претставувајќи му ја новата позиција на најдобар можен начин – како нов како предизвик и охрабрување да го прифати предизвикот како идеален за него. Укажувајќи му доверба за вложениот труд и давајќи му можност го покаже својот целосен потенцијал.

Вработениот е обликуван во компанијата според нејзините цели, мисија и визија. Ангажираноста и лојалноста се препознаени и вреднувани од страна на работодавачот укажувајќи му можност да расте заедно со компанијата и нејзините вредности.

За авторот:

Лилјана Бојковска е HR ентузијаст и Магистер за управување со човечки ресурси на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје. Во својата кариера била дел од компании со динамични HR системи, а во моментов работи како Partner Relation Manager во ИУТЕ Кредит Македонија – позиција која има многу допирни точки со HR.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...