Зошто е исплатлива инвестицијата во развојот на вработените

од 24HR

Колумна на Билјана Дескоска – административен директор и менаџер за човечки ресурси во Алајанс Уан Македонија

Изборот на вистинската личност во процесот на селекција од потенцијални кандидати за пополнување на работно место е пресуден како за понатамошниот учинок на вработениот, така и за резултатите што компанијата може да го очекува и бара од него.

Поради тоа темата на регрутација и селекција на најсоодветни кандидати за вработување сосема заслужено го добива потребното внимание кај професионалците од областа на управување со човечки ресурси.

Овој напис ги пренесува досегашните практики и искуства во нашата компанија токму во оваа област, при што селекцијата на најсоодветни кандидати ја поврзуваме со стратешкото планирање на потребите за работна сила, како и со активностите за развој на вработените.

Со следење на очекуваните промени во редовите на постоечките вработени можеме да ги предвидиме потребите од нови вработувања кога одредена позиција ќе биде испразнета со пензионирање на вработени кои ќе ги исполнат потребните услови. Од друга страна, при стратешкото планирање се осврнуваме и на потенцијална потреба од креирање на нови работни позиции кои ќе треба да се пополнат во блиска иднина.

Навременото утврдување на потребите ни овозможува да избереме потенцијални кандидати за пополнување на позициите од постоечките вработени нудејќи им можност за соодветна обука или дополнителна едукација со цел да се оспособат за извршување на работните задачи на новото работно место.

Постапката за избор на кандидати не е целосно формализирана, но тоа не било пречка да имаме успешни приказни на вработени чијшто потенцијал бил препознаен и кои го прифатиле предизвикот да вложат повеќе енергија и време во својата надградба.

Во изминативе десетина години имаме бројни успешни приказни кои ни потврдуваат дека ваквата практика носи добивка и за компанијата и за вработените. Како најкарактеристични би ги издвоила следните: од работник до раководител на контрола на квалитет, од административен асистент до специјалист за човечки ресурси, од работник до раководител на обработка.

За некои од овие случаи патот до унапредувањето траеше повеќе години, но посветеноста кај вработените кон работата, нивната желба за напредување, како и нивната лојалност кон компанијата ги доведе до кариерен пат за којшто на првиот ден од вработувањето веројатно не ни помислувале.

Се разбира дека компанијата вложи и финансиски средства за нивната едукација и им ја даде потребната поддршка за обука низ работа придружена со соодветно менторство.

Инвестицијата е веќе исплатена со тоа што добивме вработени кои освен што имаат капацитет да ја извршуваат работата со новостекнатите знаења и вештини, одлично ја познаваат компаниската култура и непречено се вклопуваат во работната средина и на новото работно место. 

За авторот:

Билјана Дескоска е административен директор и менаџер за човечки ресурси во Алајанс Уан Македонија, Кавадарци и во ова својство е одговорна за развивање на стратегијата за човечки ресурси во изминатите 16 години. Таа иницираше и управуваше со дизајнирање и имплементација на сеопфатен систем за управување со учинок насочен кон развој на вработените. За понатамошно подобрување на перформансите на вработените, Билјана има спонзорирано и реализирано различни обуки и тимски коучинг на различни нивоа во организациската структура.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...