Излезно интервју – зошто е паметно да го направите

од 24HR

Автор на колумната е Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Излезно интервју е разговор што компанијата го организира со вработениот што најавил заминување од работа. Голем број на компании воопшто не го прават, а голем дел од оние што го прават, го прават про-форма, затоа што некој наложил дека треба да биде одработено. Грешка. Излезното интервју, доколку се одработи како што треба, доколку се постават вистинските прашања и доколку се направи добра анализа на добиените одговори, може да биде одлична алатка за откривање на внатрешните процеси во компанијата, да се откријат слабостите на менаџерскиот тим, да се испита задоволството од платите и останатите надоместоци, да се дознаат условите што ги нудат конкурентните компании и тн.

Кога се прави излезно интервју?

Ако излезното интервју го направите веднаш по добиената најава за заминување од работа, може да биде прерано, бидејќи вработениот е се уште под притисок на одлуката што ја донел и веројатно одговорите ќе бидат премногу емотивни. Воедно, пред него е цел месец отказен рок во кој треба да доаѓа на работа и да контактира со колегите, така што, веројатно, нема да биде ни доволно искрен околу причините за заминување.

Ако чекате излезното интервју да го правите во последната недела, неколку дена пред заминување, веројатно ќе биде предоцна, бидејќи работникот ментално го завршил процесот, со мислите е на новото работно место, така што, вашите прашања веќе не му се битни и нема да вложи напор во нивното одговарање.

Препорака – излезното интервју направете го две недели пред истекот на отказниот рок.

Кој го прави излезното интервју?

Некои компании практикуваат излезното интервју да го прави директниот претпоставен на вработениот во заминување, што е грешка. Ако се потсетиме на она дека вработените заминуваат од лоши шефови, а не од лоши работни места, преку излезното изнтервју можете да добиете увид во атмосферата што владее во некој оддел, што во случајот, доколку интервјуто го прави директниот претпоставен, ќе биде пропуштено.

Личност од втора линија на менаџмент (претпоставен на директниот претпоставен) е добар избор за некој што треба да го направи интервјуто, затоа што е доволно оддалечен хиерархиски од вработениот, има увид во состојбите во одделот, а од друга страна, може да внесе измени во функционирањето, доколку на интервјуто добие одредени сознанија. Секако, личност од Човечки ресурси е секогаш добар избор.

Најважно е личноста што го прави интервјуто да биде некој во кој вработениот има доверба, личност со висока емоционална интелигенција, која ќе умее да воспостави контакт, да ги постави вистинските прашања, да умее да ги чуе одговорите и секако, да знае каде, во каква форма истите да ги насочи по завршувањето на интервјуто.

Кои прашања треба да ги поставите на излезното интервју?

Постојат повеќе начини на кои можете да го направите интервјуто (по телефон, лично, во форма на образец и сл.) но сепак, најдобро е да го направите лично, со неколку однапред подготвени прашања, како:

  • Која е главната причина поради која си заминувате од компанијата?
  • Дали сметате дека ви беа обезбедени потребните услови за работа на работното место?
  • Каков беше вашиот однос со претпоставениот?
  • Каков беше вашиот однос со колегите?
  • Што најмногу ви се допаѓаше на вашето работно место?
  • Што не ви се допаѓаше?
  • Зошто би не’ препорачале како работодавач на своите пријатели (или зошто не)?
  • Што требаше да стори компанијата за вас, за вие да останете на работното место?
  • Што беше пресудно за да прифатите вработување во нова компанија?
  • Какви квалификации/карактерни особини би требало да бараме кај личноста која ќе го добие вашето работно место?

И секако, многу, многу ситни потпрашања кои ќе ве однесат до целта – добивање на добри и квалитетни информации од прва рака за функционирањето на одделот, за начинот и стилот на менаџирање, за атмосферата на работните места, за потребата од дополнителни вложувања во вработените, за конкурентноста на компензациониот пакет кој компанијата го нуди во однос на другите компании и тн.

На крајот, интервјуто завршете го пријателски, бидејќи сепак, се разделувате од некого кој ви бил колега одредено време, добро ги познава приликите во фирмата и доколку се чувствува почитуван, може да биде амбасадор на компанијата во надворешниот свет, и покрај тоа што не работи веќе во неа.

Што со информациите од излезните интервјуа?

И, најважно – што со информациите од излезното интервју? Доколку не се добро прикажани, анализирани, насочени кон соодветните места (менаџментот на одделот, компанијата, одделот за Човечки ресурси) и доколку не предизвикаат активности во смисла на подобрување на функционирањето на истите, тогаш, залудно сте трошеле време на излезно интервју.

At last but not at least – излезното интервју, посебно кога се прави за вработен со висок потенцијал, кој би имал добра иднина кога би останал во вашата компанија, треба да ве натера да се запрашате – зошто не сте го направиле овој разговор многу порано? Зошто сте дозволиле да дојде до излезно интервју?

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија.

0 коментар
6

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...