Како нашата работа ги „погодува“ децата?

од 24HR

Дали постои родител кој не се чувствува виновно кога ќе пропушти фудбалски натпревар или пијано концерт на своето дете поради работни обврски?

Како нашата работа влијае врз животот на нашите деца? Пред околу две децении, во една студија во која учествуваа околу 900 вработени на возраст од 25 до 63 години, двајца научници по име Џеф Гринхаус од Универзитетот Дрексел и Стјуарт Д. Фридман од училиштето Вартон ја истражуваа врската помеѓу работата и семејниот живот сакајќи да докажат како овие два аспекти на животот се и сојузници и непријатели.

Во моментов, кога од оправдани причини сме сведоци на зголемено внимание кон проблемите со менталното здравје како резултат на пандемијата и работата од дома, вреди да погледнеме дел од нивните откритија за тоа како професионалните одлуки на вработените влијаат врз емоционалниот живот на нивните деца.

Анализирајќи ги добиените податоци, Гринхаус и Фридман откриле дека емоционалното здравје на децата е повисоко кога мајката и таткото веруваат дека семејството треба да биде на прво место, без оглед на времето поминато на работа.

Исто така, тие велат дека децата се чувствуваат подобро кога родителите ја гледаат работата како извор на предизвик, креативност и уживање, без оглед на потрошеното време. Тие додаваат и дека на децата им е подобро кога родителите можат да бидат физички достапни за нив.

Според нив, детето има поголема веројатност да покаже проблеми во однесувањето ако таткото е премногу психолошки посветен на својата кариера, без оглед на тоа дали троши многу или малку време за работа. Истото се случува и кога неговата работа има силно влијание врз семејството и времето за релаксација, односно кога таткото не е психолошки присутен за своето дете. Од друга страна, колку е поголем степенот на задоволство на таткото од неговата работа, до толку е и помал ризикот од појава на проблематично однесување кај детето, повторно, независно од тоа колку време поминува на работа.

За мајката, од друга страна, имањето на авторитет и дискреција при работа е поврзано со ментално поздрави деца. Истражувачите откриле дека децата имаат корист ако нивните мајки имаат контрола врз тоа што им се случува на нив додека тие работат. Понатаму, кај мајките кои трошеле повеќе време на себе – на релаксација и грижа за себе – и не толку на домашни обврски, не е евидентирано лошо влијание врз нивните деца. Тука не станува збор за споредба помеѓу вработени мајки и домаќинки туку тоа што тие го прават во слободно време кога не се на работа. Ова значи дека не постои негативно влијание кога мајките не се со своите деца бидејќи тие добиваат шанса самостојно да се грижат за себе.

Прочитајте > Воркохолизам: Живееме за работа или работиме за живот?

Добрата вест во ова истражување е тоа што дел од карактеристиките на работниот век на родителите се, барем до одреден степен, под нивна контрола и можат да се менуваат.

„Бевме изненадени кога во нашата студија видовме дека времето на родителите поминато на работа и грижа за децата – променливи кои честопати многу тешко можат да се променат поради економските и индустриските услови – не влијаат врз менталното здравје на децата“, велат тие.

Авторите на студијата порачуваат дека потребни се повеќе вакви истражувања кои се занимаваат со истата проблематика бидејќи работата има се поголеми здравствени последици врз животот на вработените, но и на нивните деца.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...