Интервју со Филип Новаковски – експерт за лидерство и организациска психологија и еден од предавачите на единствената македонска Академија за Employer Branding на ВИТА ИНСТИТУТ.
На Академијата за Employer Branding на ВИТА ИНСТИТУТ која започнува на 25 февруари 2021 година ќе имате можност да слушнете за искуството на Филип Новаковски – организациски психолог, коуч и експерт за развој на лидерство кој има разновидно, меѓународно искуство како консултант за развој на лидерска стратегија и управување со различности и инклузивност. Во разговор со 24HR, Филип ќе ни открие зошто лидерството е толку важна тема кога станува збор за креирање на вистинската стратегија за employer branding.
На кој начин додавате вредност во рамки на Академијата за Employer Branding со практичен пристап во обработка на темата лидерство, која е навистина голема тема?
Брендот на еден бизнис е манифестација на колективното однесување, ставовите и целите кои тој бизнис ги споделува со светот. Лидерството е главниот лост со кој оваа манифестација се формира, менува и овозможува да постои од почеток до крај. Со прости зборови, дејството Брендинг почнува, трае и завршува со лидерство. Без разлика дали градите инклузивна култура, го рафинирате пристапот кон регрутација, ги зајакнувате процесите за менаџирање на перформанси, или правите целосна трансформација, на еден или на друг начин, вие сте во лидерска позиција. Вие сослушувате, иновирате, влијаете, ангажирате други – вие лидерувате. И сето тоа што вие го правите со и преку другите, и врз другите, директно влијае на тоа како останатиот надворешен свет ја перцепира и оценува вашата организација, односно вашиот бренд. Затоа, многу е важно не само ШТО, туку и КАКО и НА КОЈ НАЧИН ќе го креирате својот бренд, односно „КАКО вие како Лидер?” За тој дел, важно е познавање на основите на лидерство, и потоа, преку искуствено учење, запознавање на вашиот сопстевен стил и лидерски потенцијал, и на крај согледување на лидерството кое е потребно во вашата организација би креирале автентичен лидерски пристап и бренд. Колку повеќе и подлабоко се запознавате со потенцијалот во вас и вашите лидери, толку посвесно ќе менаџирате со промените и процесите на вашиот бренд и неговата манифестација. Тоа ви дава поголема контрола врз променливите, и во крајна линија ја максимизира вашата способност да изградите силен, примамлив и успешен бренд. Академијата за Employer Branding е одличен форум каде заедно ќе зачекориме кон тоа како стратешки да го градите вашето лидерство, а воедно и вашиот бренд.
Како се мери лидерството во една компанија, односно како се идентификуваат лидерските стилови?
Луѓето на лидерски позиции ствараат, но исто така и уништуваат организации, како и нивниот бренд и репутација. Од оваа причина, многу е важно да се гледа на лидерството како критичен стратешки елемент од големите цели на една организација. Во исто време, секоја организација е како организам, уникатна и различна, со свои искуства, суштинска цел, мисија, луѓе. Како уникат, секоја организација бара специфични видови на лидерство или лидерски профил со карактеристики и бихевиорални сидра или параметри кои се во склад со суштината на организацијата тоест организмот. Од системска перспектива, секој организам се прилагодува на својата околина, па така и организацијата. Најважен дел од процесот на идентификување на лидерски параметри и мерење на истите почнува од детално разгледување на бизнис околината. Со други зборови, лидерскиот профил на една организација зависи колку од стратешките приоритети, вредности, мисија, визија на организацијата, толку и од трендовите во индустријата, противниците и конкуренцијата, и други надворешни реалности со кои истата се соочува. Има доста модели на лидерство и лидерски потенцијал во светот, меѓутоа во даден момент, секоја организација има различни потреби и притоа приоритети кои ако не се идентификуваат на време може да резултираат во изгубени ресурси на време, финансии, а воедно и на таленти во организацијата. За успешен дизајн на лидерски профил на една организација потребен е колаборативен пристап и вклученост на клучните лидери во организацијата, и неизоставно HR лидерите. Овој пристап обезбедува дефинирање на лидерсото однесување кое е мерливо, со кое се сите запознаени и кон кое сите се стремат., Воедно, како производ на ваквиот колективен инпут и посветеност се лидерски вредности кои се во склад и ги поддржуваат вистинските стратешки цели и приоритети на организацијата. На изглед звучи скапо и тешко изводливо, но цената која еден бизнис ја плаќа за неуспешно лидерство или бирање на погрешен лидер на позиција е неспоредлива.
Кои начини се најделотворни за развивање на лидери и лидерска култура во компаниите?
Executive Coaching е е метода која е една од најзастапените и најуспешните за развивање на ефективноста на лидерството, лидерските тимови, градењето на лидерска култура, како и за развој на целокупниот лидерски потенцијал на индивидуално, тимско и организациско ниво. Коучингот помага во подигање на самосвесноста и самоефикасноста, две карактеристики кои се позитивно корелирани со ефективноста на лидерство. Leadership Team Development програмите, кои се комбинација на коучинг и консалтинг, се исто така алатки кои помагаат во градење здрави и позитивни динамики во тимовите на извршните лидери или менаџери. Во склоп на овие програми спаѓаат individual leadership assessment и leadership academy кои се работат преку психолошки интервјуа, анализи и работилници со цел максимизација на лидерскиот потенцијал и ефективност. Лидерите кои се дел од овие програми доаѓаат до спознавање на сопствените вредности и сопствените модели на однесување и мотивирање и добиваат алакти за да се унапредат себеси како лидери, како и да ги унапредат своите тимови и организации. Зборував претходно за лидерски профили. Практично и важно е вградување на организацискиот лидерски профил како дел од процесот на преглед на перформансот на вработените. Тоа е воедно начин преку кој се овозможува лесно следење и фокус на лидерството преку 360 прашалници (пример) и што е најважно, се овозможува формирање на СВЕСНО лидерство како навика и пракса во организацијата.
Какво е вашето искуство со дијагностика и развој на организациското лидерство?
Моето искуство како лидер, консултант и организациски психолог го изградив преку работни и животни искуства во САД како и во Македонија. Покрај управување со тимови, менаџирање проекти и инволвираност во делот од иновации и истражување, како најзначајни би ги одвоил искуствата како консултант и аналист за градење на лидерска стратегија. Со други зборови, најважни и најубави ми се искуствата каде уживав во работата со лидери на највисоки и најниски нивоа во организацијата со кои заедно поставувавме високи цели и преку работа постигнувавме одлични резултати на индивидуално и организациско ниво. Моето искуство е обемно и се простира преку многубројни проекти во бројни Fortune 500 и FTSE 100 компании и во различни индустрии како ИТ, фармација, финансиска,, private equity, мода, маркетинг, алкохол, биотехнологија, градежна, енергетска и комунална индустрија. Меѓу нив, тука би ја издвоил работата со Leadership assessment на највисоките лидери во Fortune top 40 фирма од финансиската индустрија, како и креирање на целосен лидерски профил, работилници и assessment на топ лидери во Fortune top 200 фирма во индустријата за дигитални производи, дигитализација и ИТ. Она што навистина ме мотивираше работејќи со овие компании и лидери е она што заедно креиравме модели на однесување кои даваа брзи резултати, задоволство за сите вклучени, и најмногу, нови лекции и предизвици кои непрестано се преточуваа во нов прогрес и подобар начин на соработка и разбирање меѓу луѓето и лидерите во овие организации.
Во тек е формирање на новата група на Академијата за EMPLOYER BRANDING, повеќе инфо тука:
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.