Тајна формула за успешен HR Менаџер постои и се нарекува „4C“

од 24HR

Кои карактеристики се од круцијално значење за успешен Менаџер за управување со човечки ресурси?

Светското Друштво за управување со човечки ресурси, (Society for Human Resources Management /SHRM), кое брои над 275.000 членови во повеќе од 160 земји, дефинираше таканаречени „Четири Ц (4С)“ основни услови што еден менаџер за човечки ресурси треба да ги задоволи за да биде успешен.

1.COMPETENT (компетентен)

Професионалец во областа на управување со човечки ресурси треба да биде не само компетентен во својата област, но исто така треба да биде вистински бизнис професионалец, особено во стратешкиот придонес, познавање на бизнисот, придонесот на човечки ресурси, личниот кредибилитет и поседување на  технолошки сознанија.

2.CURIOUS (љубопитен)

Менаџерот за човечки ресурси мора да биде љубопитен истражувач, да знае што се случува не само во рамките на компанијата и во нејзината деловна средина, туку и да е запознаен со глобалната перспектива на индустријата во чии рамки делува компанијата во која работи, со начинот на работењето на конкуренцијата, преку следење на истражувањата на пазарот во определената област, какви промени се очекуваат во иднина во областа на технологијата и информациите. Без тие сознанија тој тешко ќе создаде успешна Програма за планирање и развој на човечки ресурси.

3.COURAGEOUS (храбар)

Оваа работа не е за оние кои „немаат храброст“. Секојдневните корпоративните скандали од целиот свет го потврдуваат фактот дека не сите организации се „почитувачи на законот“ и дека „не секогаш ја работат вистинската работа“. Истражувањето кое беше спроведено од страна на Светското здружение за управување со човечки ресурси во 2003 година покажа дека 53% од анкетираните менаџери за човечки ресурси го чувствуваат притисокот на други вработени или менаџери кои ги загрозуваат компаниските етички бизнис стандарди со цел да постигнат определени бизнис или лични цели. За да се спротивстави на овој вид на притисок, професионалец за управување со човечките ресурси во секторот мора да има храброст да ја направи „вистинската работа“ и да ја стави во втор план безбедноста на својата позиција кога тоа е во интерес на другите вработени кои би можеле да бидат загрозени од таквите одлуки. Поставување на моделот на корпоративно етичко однесување и барање тој да се почитува создава отворени, искрени и лојални работници, што резултира со подобрување на нивните перформанси и повисока продуктивност.

4. CARE ABOUT PEOPLE (грижа за луѓето)

Менаџер за човечки ресурси кој има големо знаење во својата област не може да успее во оваа професија ако не „ги сака луѓето“, односно ако не покажува значителен интерес и разбирање за диверзитот на вработените во компанијата, третман на секој вработен како посебна и уникатна индивидуа што ќе придонесе да донесе правилни стратешки одлуки. Грижата за луѓето значи промовирање на достоинствена работа, приоритет, што ја намалува флуктуацијата, ја зајакнува посветеноста на вработените кон компанијата и нивното чувство на припадност кон неа и помага да се изгради корпоративна култура на почитување на човековите права, која ја унапредува бизнис стратегијата.

Секоја модерна компанија мора да има сектор или оддел за управување со човечки ресурси или барем еден постојано вработен професионалец од таа област. Компанијата, која како менаџер за човечки ресурси има лице со „4Ц“ може да очекува дека тоа значително ќе придонесе да се постават вистинските луѓе на вистинско место што ќе придонесе, на секој вработен, работата да му причинува задоволство и со леснотија да ги исполнува зададените цели.

Накратко, Менаџерот за управување со човечки ресурси мора да биде човек што влева доверба, човек кој сака да работи со луѓе и кој има доволно трпение, такт и разбирање, човек за кој проблемите се предизвици кои може и умее да ги надмине. Тој, исто така, мора да биде човек со визија, човек од акција, посветен кон остварување на целите на компанијата, за да може таа своја увереност и посветеност да ја пренесе на секој вработен и на тој начин да го мотивира кон градење на својата лична кариера, но и да придонесе кон градењето на имиџот на компанијата како работодавач.

За авторот:

Билјана Чкламовска е Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Има 10 годишно искуство во јавна администрација на разни позиции во АВРМ, а хонорарно предава „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...