5 силни знаци дека вашиот кариерен раст не го сфаќате сериозно

од 24HR

Кариерниот раст може да изгледа како доста контроверзна тема во моментов. Дали навистина може да имате раст во кариерата среде глобална пандемија? Некои луѓе може само да превртат очи на оваа помисла или едноставно да ја игнорираат затоа што се чини невозможно. Но, што ако тоа не е така?

Без разлика дали сте „фрлени“ во неочекувана потрага по работа или пак потајно ја барате вашата нова работа, кариерниот раст треба да биде вашиот најголем приоритет. Ако тоа не го направите приоритет, ризикувате да станете стагнантни, или уште полошо, да направите чекор назад во вашата кариера кога тоа можеби не е нужно.

Но, дури и да е приоритет, можеби тоа не го сфаќате толку сериозно. The HeadHunter Македонија споделува пет суптилни знаци кои го забавуваат вашиот кариерен раст.

Вие сте во круз-контрол или режим на паника

Глобалната пандемија втурна многу луѓе во круз-контрол или режим на паника. Ако сте во круз-контрол, сигурно си велите дека сега не е време за ненадејни потези. И покрај тоа што веќе некое време сакате да ја промените работата, веројатно се уверувате себеси дека е најдобро да ја држите главата спуштена се додека не дојдат подобри времиња. Доколку сте во режим на паника, тогаш голема е веројатноста да не размислувате стратешки за следниот чекор во вашата кариера. Можеби се чувствувате како да треба да зграпчите сè што ви се нуди, без да процените што е тоа што го сакате или кои се различните начини на кои може да придонесете за вашата следна компанија.

И круз-контрол и режимот на паника се штетни за вашиот кариерен раст. Круз-контрол можеби ќе ви помогне да се чувствувате посигурно, но ве држи во стагнација. Функционирањето во режим на паника може да ве спречи да ги согледате сите начини на кои можете успешно да ја насочите својата кариера и да ве натера да изберете рута по која можеби не треба да одите.

Не знаете каков кариерен раст посакувате

Кариерниот раст изгледа различно за секого, особено во моментов. Тоа може да значи повеќе менторство, повеќе пари, повеќе можности за лидерство, повеќе обуки и развој, поголем импакт, нови предизвици, нова индустрија, подобро работно опкружување… и листата продолжува и продолжува. Можеби не ги сакате сите тие работи одеднаш. Можеби нема да можете да ги добиете сите овие работи во моментов. Но, важно е да препознаете кои од тие работи се најважни за растот на вашата лична кариера, така што берем ќе се обидете да се насочите кон нив.

Тоа е како кога ќе одлучите дека сакате специфичен автомобил и одеднаш почнувате да го гледате тој автомобил каде и да одите. Но, ако немавте одлучено, никогаш немаше да забележите дека тој автомобил поминува покрај вас. Исто е и со растот на кариерата, ако не знаете што сакате, нема да имате јасен фокус за да се движите напред и веројатно ќе се помирите со ситуацијата затоа што не знаете на што да обрнете внимание или што да прашувате во процесот на барање работа.

Се потпирате на погрешни работи

Премногу е лесно во моментов да се размислува за негативни работи. Но, кога станува збор за растот на вашата кариера, особено кога барате работа која ќе ја придвижи вашата кариера напред, знајте дека негативните мисли 100% ќе ве држат заглавени во место, без оглед на тоа колку би било убаво да ја добиете работата што ја посакувате. Ако постојано се прашувате: „Што ако не ја добијам работата?“ наместо „Како можам да ги зголемам шансите за да ја добијам работата?“ тогаш трошите премногу енергија занимавајќи се со негативни веројатности наместо да се фокусирате на позитивните.

Наместо да се потпирате на погрешни мисли и да ги впивате сите негативни вести, започнете да обрнувате внимание на работите кои се движат како што треба. Отворете го вашиот LinkedIn профил и впијте ги успешните приказни за луѓе кои слават достигнувања и започнуваат на ново работно место токму сега, дури и ако се малку и далеку од вас. Да се оствари раст во кариерата не значи само да се прават вистинските работи, туку и да се имаат вистинските мисли.

Се потпирате на мотивација

Без оглед на тоа колку се добри нашите намери, мотивацијата е како оној пријател кој секогаш вели дека ќе се појави на забавата, но ретко кога навистина доаѓа. Кога сте загрижени дали ќе успеете да ги исполните вашите рокови, да не се заразите со коронавирус и да најдете нова работа, потребно ви е нешто посилно од мотивација доколку сакате кариерниот раст да стане ваш приоритет. Потребен ви е план. Кога имате јасен и стратешки план како да го добиете новото работно место што ќе ви го овозможи посакуваниот раст во кариерата подобро е да се потпрете на дисциплина и конзистентност, отколку на мотивација.

Немате стратегија за добивање поддршка

Постојано ги слушате луѓето како цело време зборуваат: „вмрежување, вмрежување, вмрежување“! Но, воспоставувањето на контакт со странци на LinkedIn очекувајќи совети од светска класа и врвни препораки без да се изгради вистинска врска или да се започне вистински разговор не е начин кој ќе ви гарантира успех. Поврзувањето со други професионалци и добивањето на поддршка од експерти или кариерни тренери, кога тоа е направено на вистински начин, може да биде катализатор за успех. Но, ако немате поим како да го направите тоа, ако масовно испраќате е-пошта до луѓето без никакво размислување и ако мислите дека добивањето на поддршка од некој кариерен коуч е луксуз, а не неопходност, тогаш не го сфаќате сериозно растот на вашата кариера и треба да размислите за промена на вашиот пристап.

Слушнете ме јасно и гласно: Сè уште е потполно возможно да добиете нова работа што ќе ја придвижи вашата кариера напред, дури и во овие моменти. Но, тоа започнува со вас. Ако знаете дека сте виновни за една од овие пет работи, тоа е добра вест! Тоа значи дека има многу простор за подобрување и дека сè уште имате моќ да ја придвижите вашата кариера во позадоволителен правец.

Автор на статијата е Јулијана Миновска, HR Директор на The HeadHunter во Македонија

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...