ИНТЕРВЈУ (дел 4)

од 24HR

Колумна на Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner

Откако ги составивме CV-то и мотивационото писмо и аплициравме на саканото работно место следи најважната фаза во процесот на вработување: интервјуто. Го примивме долгоочекуваниот повик од компанијата и сега што следно треба да направиме? Најдобро што можеме да се подготвиме за интервјуто за да бидеме токму ние најдобриот кандидат за тоа работно место. Податоци за компанијата можеме да најдеме на интернет на нивната официјална страница, од вести, печатени медиуми, од лица кои се веќе вработени во компанијата, Glassdoor платформата и слично. Пожелно е да се знаат мисија и визијата на компанијата, нејзината дејност, организационата структура и доколку имате „внатрешни информатори“ – политиките кои се спроведуваат во компанијата. Следен чекор што треба да се преземе е да се осигураме за точната локација на компанијата и доколку не сме сигурни да отидеме претходно за да знаеме отприлика колку време би ни било потребно за да стигнеме навреме на интервјуто. Доцнење на интервју воопшто не е препорачливо. Доколку сепак се случи некоја непредвидена ситуација заради која ќе задоцните најдобро би било да се јавите за да го најавите своето доцнење. Се препорачува да пристигнете на местото каде што ќе се спроведува интервјуто 5-10 минути порано од закажаниот термин.

Изгледот треба да биде пристоен. Доколку аплицирате во компанија каде што има донесено кодекс за деловен изглед пробајте да изгледате така. Доколку немаат кодекс на облекување може да се носат и фармерки, меѓутоа не треба да бидат скинати, премногу широки или премногу тесни. Одбегнувајте да носите сандали, налани, папучи, патики или високи обувки на платформа. Се препорачува уредна фризура и природна боја на коса (одбегнувајте да одите на интервју со зелена или розева боја на коса-воопшто не делува ниту сериозно ниту професионално). На интервју за работа не е соодветно да се носи ниту проѕирна облека, животински принтови, кратки здолништа, блузи со длабоко деколте, тренерки, хеланки, гардероба во јаки бои, нападен накит и слично. Како женските, така и машките треба пристојно да изгледаат.

Навреме пристигнавме на местото каде што ќе се спроведува интервјуто. Што е следно? Не пречекува претставник од комисијата која што го спроведува интервјуто. Се поздравуваме. Бидете културни со сите вработени во компанијата. Многу е голема веројатноста по завршување на интервјуто регрутерот да го/ја праша рецепционерот за вашето однесување додека сте чекале и тоа многу да влијае на понатамошниот избор на соодветен кандидат за работното место.

Во салата каде што се спроведува интервјуто препорачливо е да се поздравите (ракувате) со сите членови на комисијата. Тремата сведете ја на минимум. Домашната работа си ја завршивме. Ја проучивме компанијата, образованието го имаме, знаењето исто така, сега е на ред на самодовербата да стапи на сцена и самоуверено да одговараме на поставените прашања.

ТИПОВИ НА ИНТЕРВЈУ

Интервјуто претставува традиционален метод на селекција на кадри во организациите кој денес зазема сè поголем замав и станува најчест, понекогаш и единствен метод на селекција. Наједноставно, интервјуто можеме да го дефинираме како разговор со конкретна цел. Времетраењето на интервјуто зависи од сериозноста и комплексноста на празното работното место. Кога станува збор за релативно рутински работи, тогаш се доволни 20 – 30 минути, а за посложените работи потребни се 30 – 60 минути. Во практиката, максималното времетраење на едно интервју е обично околу еден час.

Интервјуто создава корисна можност за размена на информации, при што се овозможува донесување на одлуката дали да се понуди или не едно работно место на соодветен кандидат, но и донесување на одлуката да се прифати или не понуденото соодветно работно место.

Според степенот на структурираност постојат следниве видови интервјуа: структурирани, полуструктурирани и неструктурирани.

Структурираното интервју е такво интервју кај кое се користи сет од стандардизирани прашања кои им се поставуваат на сите кандидати по истиот редослед. Значи, секој кандидат ги добива истите основни прашања, така што се олеснува споредбата меѓу различните апликанти, посебно кога станува збор за голем број апликанти. Кај овој вид на интервју на интервјуерот му се овозможува однапред да подготви прашања поврзани со работата, а исто така и да создаде стандардизирана форма на евалуација на одговорите на сите кандидати. На овој начин се зголемува валидноста и квалитетот на самиот селекционен процес. Структурираните интервјуа можат да заземат различни форми, но суштинските карактеристики се исти и тие вклучуваат: чувство за правец и цел, при што точно се знае што интервјуто се обидува да извлече како информација од кандидатите; се прави обид да се предвиди како кандидатите би се однесувале во работна ситуација; се користи темелен и конзистентен пристап на ист начин со сите кандидати; евалуаторите се тренирани за процесот кој се применува и кандидатите се оценуваат користејќи една иста скала на оцени.

Неструктурираното интервју е во голема мера непланирано, со минимална подготовка. Ваквиот пристап овозможува широка слобода при изборот на темите за разговор. Така, со различни кандидати се водат различни дискусии, во зависност од ситуацијата, при што разговорите се пријателски и лесно се добиваат посакуваните информации. Сепак, овој вид интервју има доста недостатоци, бидејќи овде не е можна систематизација и рангирање на одговорите на кандидатите, може и да се превидат клучни аспекти на вештините кои се поседуваат и сл. Тоа е така затоа што не се поставуваат истите прашања и можноста за погрешен избор се зголемува.

Полуструктурирано интервју – се наоѓа помеѓу првите два облика т.е. има одреден број на однапред планирани и подготвени прашања, додека останатите прашања му се препуштени на спроведувачот на интервјуто. На овој начин се овозможува собирање дополнителни информации како и одреден степен на флексибилност.

Интервјуата се разликуваат и по бројот на интервјуирани кандидати и спроведувачи на интервјуто:

Индивидуално интервју – претставува непосреден разговор меѓу два учесника во процесот и тоа спроведувачот на интервјуто и кандидатот. Тоа е, несомнено, најзгодниот начин на интервјуирање за кандидатот, бидејќи му овозможува подобро да се фокусира и да разговара само со една личност, а покрај тоа кандидатот може и послободно да поставува прашања во врска со тоа што го интересира за работата или организацијата. Се смета дека овој вид интервју овозможува најдобро воспоставување односи меѓу двете страни при што кандидатот многу полесно може да воспостави контакт со интервјуерот и да го убеди дека тој ќе допринесе за организацијата. Сепак, постои проблемот на субјективитет, бидејќи само една личност донесува одлука.

Секвенционално интервју – се состои од низа на две или повеќе индивидуални интервјуа, едно по друго. Обично се завршуваат со психолог во одделот за човечки ресурси и со непосредниот менаџер. Често за сложени и менаџерски позиции се спроведуваат низа на интервјуа со повеќе менаџери.

Панел интервју – претставува интервју во кое повеќе интервјуери (група) разговараат со еден кандидат истовремено. Целта на ваквото интервју е со помош на повеќе оценувачи да се добие што пообјективна и попрецизна оценка за кандидатот. Меѓутоа, поради поголемиот број евалуатори апликантите може да се чувствуваат непријатно и да постои затегната атмосфера. Овде полесно се појавуваат неусогласености, поради постоењето на поголем број интервјуери.

Групно интервју – разговор меѓу еден или повеќе спроведувачи на интервјуто со група кандидати. Предност е тоа што може да се осознаат некои карактеристики на кандидатите како: самодоверба, агресивност и колегијалност и др., а недостаток е тоа што не е можно подетално запознавање и следење на однесувањето на секој кандидат посебно. Овде се издвојуваат кандидати лидери и следбеници при што лесно се открива кој во која група припаѓа.

Тимско интервју – каде што во интервјуто учествуваат, покрај професионалните кадри, и вработени во организацијата. Ова интервју претставува еден вид групно интервју и има особено значење за организациите кои претежно се потпираат на тимската работа.

Интервјуто може да се употреби во различни фази од процесот на селекција со различна цел:

Прелиминарно интервју – овој вид интервју е обично краток разговор и тоа на почетокот на селекциониот процес и се елиминираат оние кандидати кои воопшто не ги исполнуваат поставените критериуми и услови за соодветното работно место (овој вид на интервју е најчесто телефонско).

Дијагностичко интервју – има за цел преку подетален разговор со кандидатот да ги утврди неговите стручни и лични карактеристики т.е. нивната компатибилност со барањата на работата, социјалните односи и културата на организацијата. Во оваа фаза може да Ви биде дадена задача за решавање или некаков вид на тест за компатибилност.

Приемно интервју – овој вид интервју се реализира на крајот на селекциониот процес откако кандидатите ги минале сите останати селекциони методи. Најчесто ова интервју има за цел да ги информира кандидатите за работата и слично или, пак, доколку има кандидати со прилично еднакви потенцијали се врши конечната селекција.

Покрај погоре наведните видови според различни критериуми постојат и други видови интервјуа кои сè почесто се применуваат во организациите. Видови: стресно интервју, интервју со опис на претходно однесување, појадок или ручек интервју и слично.

ОДНЕСУВАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ИНТЕРВЈУ

  • Обезбедете „говорот на телото“ да ги пренесува вашите интереси и да биде адекватен на тоа што го зборувате;
  • Претворете ја нервозата во позитивна енергија, побрзо размислување и концентреција;
  • Додека говорите гледајте го соговорникот во очи;
  • Одговарајте искрено и спонтано;
  • Размислете пред да одговорите на прашањето;
  • Одговорете на секој дел од прашањето, немојте да ги избегнувате незгодните прашања;
  • Имајте хартија и пенкало за да забележите некои информации или прашања;
  • Внимавајте вашите одговори да се сложуваат со тоа што е наведено во професионалната биографија и другите документи;
  • Концентрирајте се на содржината на она што го зборувате, а не на гестовите;
  • Заинтересирајте се подетално за работата која ќе ја извршувате и можностите кои ги нуди организацијата;
  • Заблагодарете се на спроведувачот на интервјуто за времето кое ви го посветил;
  • Направете белешки по интервјуто за најважните точки, како водич за следното интервју.

Немојте никогаш:

  • Да употребувате жаргон или скратеници, туку стандарден литературен јазик (ова секако не важи во компании каде компаниската култура е порелаксирана и е воведен неформален начин на комуникација. Ова претежно се однесува на ИТ секторот);
  • Да употребувате шеги како одговор на прашање (доколку е воведен формален принцип на комуникација);
  • Да зборувате лошо за својот претходен шеф или претпријатие;
  • Да разговарате за платата на прелиминарното интервју;
  • Да прашувате повеќе за платата и погодностите, отколку за работата и можностите;
  • Да дозволите да оставите погрешен впечаток или да дојде до недоразбирање поради нешто што сте кажале;
  • Да одите на интервју неподготвени.

ГОВОР НА ТЕЛО

За време на интервјуто може да настанат бројни конфузии како резултат на говорот на телото на кандидатите и гестикулациите.

Положба на телото. Многу е важно кога на кандидатите ќе им биде понудено да седнат, да седат исправено, но, сепак, да изгледаат опуштено, што им дава самодоверба. Седењето со свиткани рамена укажува дека сме безволни и без енергија. Седењето на работ на столот ја покажува нашата нестрпливост. Положбата на главата исто така може да остави значаен впечаток. Доколку ја држиме исправено покажуваме авторитет, додека наклонета на една страна покажува дека сме отворена и пријателски расположена личност.

Поглед. Воспоставувањето на директен контакт со очите за време на интервјуто е задолжително. Сепак, ако не се употребува внимателно ќе остави негативен впечаток. Се смета дека оној кој слуша треба да одржува подолг контакт со очите од оној кој зборува. Обично се препорачува контактот со очите да трае најмногу 10 секунди кога зборуваме, а потоа да погледнеме настрана за потоа повторно да го воспоставиме истиот контакт.

Рацете. Рацете најдобро би било да ги држиме опуштено на масата или лабаво во скутот. Колку помалку ги движиме толку посигурни изгледаме. Мафтањето со рацете покажува дека сме несигурна личност. Допирањето на лицето или вратот исто така е негативо и може да укажува на тоа дека лажеме или сме напнати. Држењето на рацете преклопени може да се протолкува како дефанзивен потег.

Треба да се следи и однесувањето на интервјуерот. Ако се изгуби контактот со очите треба да се потрудиме повторно да го придобиеме неговото внимание. Доколку, пак, тој се наклони наназад тоа може да значи дека сме навлегле во неговиот личен простор, затоа се препорачува растојание од околу еден метар.

Важно е да се напомене и дека иако сте на интервју на некои прашања немате потреба да одговарате, односно некои прашања професионален интервјуер во никој случај не смее да ви ги постави. Во ЗРО утврдено е кои прашања не смејат да се поставуваат на интервју со оглед дека поставувањето би било основ за дискриминација на кандидатот.

Такви прашања се:

  • која е вашата брачна состојба?
  • дали планирате да го проширите вашето семејство?
  • на која вера или религија припаѓате/кое е вашето етничко потекло?
  • која е вашата сексуална определба?
  • која е вашата политичка припадност?
  • каква е вашата здравствена состојба?
  • што работат или каде работат вашите блиски, односно кој е социјалниот статус на вашето семејство?
  • каква е вашата имотна состојба?

Нешто што е особено важно е да го искористите моментот и Вие да поставите прашања на комисијата која што Ви го спроведува интервјуто. Ова остава впечаток дека се работи за сериозен кандидат. Посакувани прашања се: за колку време очекувате да се вклучам во целосното работење на мојата позиција, дали ќе ми биде доделен ментор кој што ќе го следи мојот напредок, што конкретно ќе ми бидат задолженијата, какви можности за раст и развој би имал јас како ваш вработен, кои технологии, алатки и ресурси ќе ми бидат достапни за да можам ефикасно да ја вршам мојата работа, доколку компаниската култура претходно не Ви била објаснета прашајте за неа, односно поставете прашања кои што Ви се важни за да сте свесни со какви предизвици би се соочиле доколку ја прифатите понудата за работа.

Се надевам дека овие совети навистина ќе Ви помогнат во Вашата понатамошна потрага по вистинското работно место.

За авторот:


Билјана Митева
,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...