Работодавачите најчесто донесуваат одлуки за вработување исклучиво врз основа на компетентност и бараат кандидати чие искуство се совпаѓа со листата на желби со идеални особини. Време е за промена на пристапот!
Состојбата со работната сила брзо се менува. Регрутирањето станува предизвик за компаниите, и пронаоѓањето на кандидати кои се „соодветни и на културата на компанијата“ е сè поважна компонента во процесот на вработување. Компаниите сè потешко наоѓаат вработени кои ги исполнуваат критериумите кои ги бараат. Многу значајно за бизнисот e да ги надмине овие модерни пречки за вработување и да пронајде работна сила која не е само усогласена со моменталните потреби на компанијата, туку има способност да се приспособува и да ги реализира долорочните цели?
Зошто да вработите вработени со потенцијал а не само со искуство?
Доколку се одбијат кандидатите што не се вклопуваат во параметрите за нивото на вештини и искуство што првично се поставени за отворената позиција, може да се пропушти совршениот кандидат. Да речеме кандидатот поднесува апликација за оглас за работа за која се бара тригодишно искуство. Кандидатот има само една и пол година искуство, па веднаш се отпишува за позицијата пред воопшто да се погледне остатокот од неговата биографија, да се види неговата проактивност, желба и возбуда за работа во компанијата, дополнителните активности и труд кои ги има вложено преку практикантска работа, волонтирање, да се направи проценка за вклопувањето во организациската култура и увид во сè друго што може да понуди за компанијата.
Искуството не е секогаш мерило за перформансите – доколку кандидатот постигнал некаков успех на друго место, тој исто толку лесно може да го направи тоа и во друга компанија. Претходното искуство не секогаш гарантира одредено ниво на перформанси. Вработен кој ја работи истата работа во иста индустрија подолг временски период може да биде презаситен и да нема резултати, да стагнира во поглед на личен раст и развој. Донесувањето на големо знаење на маса е одлично, но немањето страст кон професијата и немањето мотивација може да го пренесе во компанијата. Една од главните придобивки од вработувањето на некого без искуство е поседувањето на свежа перспектива, високо ниво на мотивација, љубопитност и желба за учење на нови вештини. Ова го поттикнува бизнисот да расте и да продолжи да обезбедува повеќе вредности за компанијата наместо да стагнира.
Вештините се учат, ставот не – вработениот без искуство приоѓа со позитивен став кон работата и кон учењето и совладувањето на работата, додека пак вработен со подолго искуство треба да се менува и совладува нешто ново, ако не постои мотивација, тој не е погоден кандидат за културата на компанијата, без разлика дали има 30 години или 30 минути искуство. Со укажување на можноста за вработување на кандидати со мало или без искуство, може да се откријат амбиции кои ги прават подобро ангажирани. Сите компании сакаат сениори вработени, чекор напред во тоа се компаниите кои сами создаваат сениори, препознавајќи го талентот и желбата да се биде во компанијата и ангажирајќи вработени со потенцијал.
Вработените без искуство полесно се прилагодуваат, вработен кој сè уште не ги развил сопствените навики и процеси, честопати е полесно да го прилагодите на новата култура на компанијата и на начинот на извршување на задачите. Прилагодливоста е многу важна особина, додека пак ангажирањето на вработен со подолго искуство не е лесно да се преобликува и често е потребно подолго време за да работат поинаку.
Вработените без искуство носат иновации, напредокот на секој бизнис често се потпира на нови и свежи начини на размислување. Секако, кандидатите со долгогодишно искуство во својата индустрија ќе излезат со возбудливи, креативни и иновативни идеи но, постои и шанса да го виделе и направиле сето тоа претходно. Некој што влегува во компанија за прв пат може дури и да изненади со нови иновативни идеи и способност да се размислува надвор од кутијата е вештини што му се потребни на бизнисот.
Корист од желбата и страста кон работата е особено точно ако вработувате некој кој штотуку ја започнува својата кариера, давајќи шанса на некој што нема никакво искуство, само што излегол од училишна клупа, сетирајќи го во духот на компаниската култура може да му се помогне да се чувствува ценето, да се идентификува со компанијата, да развие чувство на припадност и лојалност кон компанијата, да се потруди да докаже дека сте ја донеле вистинската одлука и да ја оправда довербата. За да се совладаат потребните вештини, потребно е и многу труд што само по себе гарантира и вработени на подолги стази. Со вработување на некој кој покажува вистински ентузијазам кон работата, може да ги поттикне и другите членови на тимот и да се зголеми нивото на продуктивност и мотивација.
Денешните работодавачи учествуваат во создавањето и негувањето на следната генерација работници, кандидатите ги привлекуваат компании кои нудат можност за обука и развој. Ако ги тргнеме настрана „традиционалните“ критериуми за вработување, можеме да најдеме совршени кандидати, кои може да ги трансформираме во топ перформери и вработени кои можат да донесат одлична нова енергија во компанијата.
Да се изгради добар тим е комплексна работа. Со активна улога во регрутирање на кандидатите и утврдување дали кандидатот е квалификуван за позицијата, она што може да го заклучиме на крајот на денот е доколку кандидатот има кој да го менторира, има тим што несебично дели знаења и помош, кандидатот има желба да научи, тогаш може одлично да се вклопи во корпоративната култура, да напредува во знаењата и вештините, да расте и да се развива заедно со компанијата и нејзините вредности, да не се чека на идеален кандидат туку идеалниот кандидат да се создаде.
Give someone new chance to shine…
За авторот:
Лилјана Бојковска е ИТ регрутер и Магистер за управување со човечки ресурси на Факултетот за туризам и менаџмент во Скопје. Во својата кариера била дел од компании со динамични HR системи, а во моментов работи како Partner Relation Manager во ИУТЕ Кредит Македонија – позиција која има многу допирни точки со HR.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.