Управувањето со човечките ресурси е еден од најголемите предизвици на 21-от век

од 24HR

Интервју со Маријана Столевска Тасиќ – Специјалист за човечки ресурси во голема интернационална трговска компанија.

Таа е  млад ентузијатист, вљубеник во правото и мотивиран и креативен експерт за човечки ресурси со долгогодишно искуство. По образование магистер по правни науки, кој секогаш се залага за правичност, транспарентност и љубезност во секојдневните односи и комуникации. Една од придобивките која ја има во својата улога на Специјалист за човечки ресурси е запознавањето со скоро секој човек во компанијата, зајакнување на односите и комуникацијата со нови луѓе и развивање на пријателства и создавање на пријатна работна атмосфера во која секој вработен се чувствува како вреднуван дел од организацијата. Запознајте ја Маријана Столевска Тасиќ во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Што е тоа што ве натера да се вљубите во човечките ресурси?

Креативноста во ХР областа и предизвикот за соработка  со различни профили на луѓе се едни од најважните работи кои ми се допаѓаат и заслужни да се вљубам во оваа професија. Понатаму, ми се допаѓа што оваа професија е многу динамична и постојано се менува, се со цел да ги подобри работните процеси, да ги мотивира вработените, без разлика дали се работи за нови стратегии или технологии. Управувањето со човечки ресурси е професија која може да им помогне на вработените во нивниот личен и професионален развој. Важноста на ефективните планови за обука и влијанието на нови технологии и алатки за човечки ресурси се истотака дел од битните практики во ХР областа. Парнерството на ХР менаџерите со менаџерите од највисоко ниво е од особено значење, за да точно се утврди потребата од кадар како и заедничко пронаоѓање начини за подобрување на процесите.

За да може да се постигнат поставените цели од компанијата и вработените, најголемиот предизвик за нас, ХР специјалистите е да ги имплементираме првично барањата на организацијата во однос на човечките ресурси, земајќи ги во предвид сите законски прописи, етички бизнис практики како и трошокот а притоа мотивираноста, посветеноста и продуктивноста на вработените да се одржат на највисоко ниво.

Од каде започна кариерната патека на Маријана?

Мојата кариерна патека е долгогодишна, брои повеќе од дванаесет години,  додека како специјализиран правник  во областа на човечки ресурси повеќе од десет години.

Вработена во голема интернационална трговска компанија како Експерт за човечки ресурси и Правник во која имам можност постојано да се надоградувам и учам нови практики за управување со човечки ресурси.

Интересот кон управувањето со човечките ресурси го имав уште како студент на Правниот факултет поконкретно во предметите кои  ја изучуваа трудовата област и успеав низ моето работно искуство да се специјализирам  во практична смисла токму во оваа професија.

Ги сакам предизвиците и тие се  заслужни двигатели во мојата професионална кариера да се здобијам со многу искуства во различни области поврзани со правото, особено во областа на човечките ресурси.

Спојот на извршување на  секојдневни обврски од областа на правото од една страна и со посебен акцент во човечките ресурси од друга страна се нови учења, достигнувања и одлично искуство за мојот професионален развој и кариера.

Најголем предизвик е и мојот дополнителен ангажман како член во совет на општина каде со гордост ги застапувам интересите на граѓаните.

Дали постои некое достигнување на кое сте особено горди?

Секојдневното зголемување и стекнување на довербата на вработените и мојата пристапност без ограничувања, за било какво нивно незадоволство, позитивна критика како и предлози  за подобрување на процесите, барање на заедничко решение за настанат проблем, кои се однесуваат на управувањето со човечките ресурси се моите секојдневни достигнувања кои ми преставуваат мотив, да можам да помогнам во одржувањето на балансот во односот  вработен-организацијата, се со цел да ги подобруваме постојано процесите и заеднички да создаваме пријатна работна атмосфера во која секој вработен со својот учинок во целината е вреднуван и почитуван еднакво во компанијата. Мотивиран работник секогаш ги постигнува целите повеќе од очекуваното.

Што би им порачале на сите кои размислуваат кариера во човечки ресурси?

Не постои поголема сатисфакција и задоволство од извршување на токму посакуваната професија. Работењето со различен тип на карактери е огромен предизвик, па постигнувањето на рамнотежа во таа комуникација и однос е посебно достигнување. Еволуција значи и менување и развој на луѓето а во бизнис современиот свет одржливата конкурентна предност се токму човечките ресурси па покрај првичниот самостоен развој, од особено значење е развојот на професионалните вештини, искуства и креативноста на вработените во организацијата. Управувањето со човечките ресурси е еден од најголемите предизвици за менаџментот во 21 век да може да одржи конкурентска предност и секој кој сака ваков предизвик треба да размислува за кариера во оваа професија.

Маријана Столевска Тасиќ за 24HR:

24HR го следам редовно и сум навистина задоволна од содржините. Toa e место кое ги обединува сите вљубеници во ХР областа и им овозможува размена на практики, искуства, современи алатки и техники на управување со човечките ресурси.

 
0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...