Максимизирање на резултатите доаѓа само преку отклучување на потенцијалот

од 24HR

Интервју со Зорица Поповска – професионален тренер, НЛП Тренер и бизнис коуч – која ќе биде дел од програмата на првиот Коучинг форум на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Во пресрет на првиот Меѓународен Коучинг форум кој Македонската асоцијација за човечки ресурси го организира на 4 и 5 јуни, 24HR разговараше со Зорица Поповска која ни открива што сѐ не очекува на еден од најголемите коучинг настани во 2021 година на тема „Нов код на значајни промени“.

Зорица, вие ќе бидете дел од првиот интернационален Коучинг Форум во организација на Македонската Асоцијација за Човечки Реурси. Кажете ни нешто за себе.

Јас сум Зорица Поповска, НЛП Тренер и бизнис коуч. Покрај тоа што сум активно вклучена во работењето на Сенсум Тренинг и Коучинг, последните години дедицирано работам како професионален тренер, НЛП Тренер и бизнис коуч. Примарен фокус на мојата работа е развој на личното лидерство, подршка на личниот и професионален развој преку откривање и реализирање на скриениот потенцијал на поединците и тимовите. Работам со оние кои навистина се грижат, кои сакаат да растат, да се развиваат и да направат позитивна разлика во светот во кој живееме.

Подржувањето на луѓето да го постигнат најдоброто за нив е една од моите главни цели. Преку стекнување на лична смисла за насока во животот, разрешување на внатрешните конфликти и менаџирање на личната промена, ние се движиме кон состојба на кохерентност. Кога ја имаме оваа состојба ние сме едно со она што сме, нема конфликт и стрес. Пристапуваме на најдоброто што можеме да бидеме.

Како долгогодишен член на МАЧР и член на Огранокот за коучинг, ќе земам учество на првиот Коучинг Форум ”New Code of Meaningful Change” каде покрај останатите колеги коучеви од Македонија и до странство, ќе имам можност да зборувам на темата Коучинг за високи перформанси (High-performance coaching).

Што значи коучинг за високи перформанси?

За мене тоа е повик, начинот на кој го применувам коучингот за да бидам подршка на индивидуите и тимовите да достигнат повисоки нивоа на изведба, да бидат најдобри што можат да бидат, да го откријат и реализираат својот полн потенцијал, својата моќ, да најдат поголемо значење и смисла во се што прават.

Сите ние сакаме да бидеме подобри во тоа што го правиме и да го одржуваме тоа ниво, да имаме континуитет на подолг рок. Тоа значи да правиме подобро од вообичаено, низ долг временски период. Да го одржуваме нашиот потенцијал, да го одржуваме нашиот успех, енергијата, креативноста, нашите резултати.

Базиран е на претпоставката дека поголем дел од ограничувањата и лимитите во нашиот потенцијал не е поради другите луѓе и околности, туку поради непродуктивните стратегии кои сме ги научиле и кои се целосно внатре во нас. Ако постојано работите ги правиме на ист начин, ние ќе имаме и исти резултати. Kоучингот (особено НЛП базираниот коучинг пристап) помага при откривање на тие востановени шеми на однесување и создавање избор, креирање на нови опции кои не водат кон постигнување на она што го сакаме.

Кај коучингот за високи перформанси, не станува збор за перфекција, туку за лична извонредност преку јакнење на силните страни и таленти. Како луѓето можат да го постигнат нивното најдобро и да го одржат тоа ниво. 

Вообичаено она што го набљудуваме, ако разговараме за бизнис контекст, гледаме како некој ги користи карактеристиките и елементите на ситуацијата за да ги креира резултатите кои ги креира, но исто така гледаме и како тие ги креираат своите ограничувања, своите проблеми, своите препреки и потоа кои се алтернативите на тоа.

Гледаме како клиентот ги врамува темите на таков начин што недостасуваат очигледните можности, очигледните информации. Зависно од контекстот стилот е различен, но секогаш е околу развој на самосвесноста и можностите.

НЛП е дел од интервенциите кои ги применувам во работа со клиентите. НЛП е наука за структурата на субјективносто иксуство и нашето искуство има структура која ја носиме во секоја ситуација која ја искусуваме. Во основа тоа што го правам води кон тоа личноста да стане свесна за своите патерни (обрасци) на повеќе нивоа. Тоа креира мудрост и избор за личноста. Креира јаснотија околу правецот во кој се движи личноста и посветеност на тој пат.

Што значи да се реализира човечкиот потенцијал? Зошто е важно да го ослободиме потенцијалот?

Сите ние располагаме со неограничен природен потенцијал, но тоа не значи дека истиот го користиме целосно. Верувам дека секој човек, без оглед на културолошките разлики има потенцијал да ги реализира своите цели. Таа идеја ме инспирира и тоа е причината поради која сум тренер и коуч. Потребно е трпение, ентузијазам и длабока верба дека секој има потенцијал за учење и дека луѓето ги имаат сите потребни ресурси за да се случи саканата трансформација и промена.

Во секој од нас постои потенцијал за одличност. Сократ зборувал за ова во смисла на “еntelechy”. И ова значи потенцијалот во нас, секое живо битие, секој аспект во природата. Ќе употребам метафора, всушност потенцијалот на желадот  е да постане големо дрво даб. Желадот не може да се развие во јаболково дрво, може да порасне само големо дабово дрво. Така е програмирано. И верувам дека ние сме програмирани на ист начин за одличност. Тоа е специфичен вид на мотивација, себе детерминираност, внатрешна и витална сила која го насочува животот и развојот за да стане се што може. Сите ја имаме оваа сила. Да креираме работи кои изгледаат речиси невозможно. Ние сме екипирани со внатрешни ресурси за да го постигнеме тоа што го сакаме.

Максимизирање на резултатите доаѓа само преку отклучување на потенцијалот.

Самиот израз “да се дојде до најдоброто од другите” и “вашиот скриен потенцијал” имплицира дека нешто повеќе лежи внатре во личноста кое чека да биде ослободено. Се додека менаџерот или коучот не веруваат дека луѓето поседуваат повеќе способности од тоа што моментално го изразуваат, нема да може да им помогне да го изразат. Мора да размислува во насока на потенцијал, а не само перформанса. Тука лежат слабостите на повеќето системи за евалуација. Луѓето се сврстуваат во кутии на изведба од кои е тешко да избегаат, перцепциите се изградени и преку нивните очи и преку очите на менаџерот.

Ослободувањето на потенцијалот нема само значајно да го подобри вашиот живот, туку ќе ги подобри и животите на сите околу вас.

За вистинска промена да се случи, потребна е промена на свеста на индивидуално ниво.

Во таа смисла, мислам дека јавната свесност за потенцијалот кој го имаме е најголема препрека за развојот. Повеќето немаат идеја за капацитетот од користење на потенцијалот на нашиот ум. Немаат идеја за својот внатрешен гениј и фактот дека е достапен цело време. Сега со најновите истражувања на мозокот, станува јасно дека дури и за 6 недели, со мозочната невропластичност ние многу ефикасно можеме да смениме кои сме и како гледаме на себеси во смисла на идентитет и верувања за себе. Без да бидеме цврсто врзани за она што ни се случило во минатото, не врзани за едукативниот систем, можеме да растеме и да се менуваме на секоја возраст.

Мојата работа, методологиите кои ги користам, меѓу кои невро лингвистичкото програмирање како врвна методологија за личен развој и лични промени, ја покажуваат моќта на уверувањата и ставовите на луѓето. Ова можеби се верувања за кои луѓето се свесни или несвесни, но силно влијаат на тоа што го сакаме, правиме и дали ќе успееме или не.

Покрај тренинзите со индивидулаци, работите и со бизнис лидери. Дали компаниите кај нас се отворени и заинтересирани за коучинг или светските трендови кај нас доцнат?

Би рекла дека и кај нас постои развиена свесност за потребата од постојан раст и развој како клучен елемент за обезбедување на долгорочна одржливост во постојано променливата надворешна средина. Луѓето во бизнисот, лидерите не се чувствуваат комотно за да се препуштат во моменталните улоги и успеси, туку се фокусираат на тоа како да постигнат поголема лична ефективност. Тоа е како да сме ги истражиле сите надворешни можности за обезбедување на компетитивна предност, која секако станува се понеизвесна и луѓето се свртуваат кон себе по свежи одговори. На тој пат коучингот како процес носи огромни бенефити.

Повеќето не се запознаени со коучинг процесот, но се заинтересирани за раст, за развој на потенцијалот, за оптимизација на ресурсите, за развој на лидери, за решенија, за развој и иновација, што всушност во основа се постигнува преку тренинг и доминантно преку коучинг.

Траеме онолку колку што работиме на сопствениот развој.

Бизнисот мора да ги гледа луѓето не како ресурси, туку како извори. Ресурсите се трошат, ги користите и ги нема. Изворот е како сонцето – виртуелно неисцрпно и континуирано генерирање енергија, светлина и топлина.

Нема помоќен извор на енергија во светот од внатрешно мотивирано и инспирирано зајакнато човечко битие.

Коучингот не е само техника или пристап која се применува во одредени ситуации и околности. Тоа е начин на менаџирање, начин на третирање на луѓето, начин на размислување, начин на постоење. Тоа секако бара развој на одредени квалитети и вештини.

Во светот коучингот е најбрзорастечка индустрија, не затоа што е тренд, туку затоа што произведува силни финансиски резултати.

Кои се клучните компетенции кои секој коуч треба да ги поседува?

Првата компетенција е љубопитноста и вистински топол интерес во клиентот. Способноста да ги отфрлиш сите твои лични мислења околу тоа што личноста треба да направи, да прави и само да се биде многу заинтересиран околу тоа како тие би дошле до нивниот резултат. Понатаму, верување во поетенцијалот на клиентот, компетенција во слушање, интерес и почит, потоа забележување како таа личност почнува нејзин развој и следење и асистирање на личноста на тој пат.

Што може публиката да очекува на овој прв Интернационален Коучинг Форум во организација на Македонската Асоцијација за Човечки Ресурси?

Одлична иницијатива на Асоцијацијата поради организирање на еден ваков настан кој ќе собере заедно реномирани коучеви, коучинг едукатори од странство и од нашата држава. Коучинг форумот е неверојатна можност за учење и можност да се слушне за новите коучинг истражувања, да се споделат искуства со коучинг експерти кои директно можат да се применат во животот и работата.

Организациите се соочуваат со промени како никогаш порано, со недостаток на таленти и улогата на лидерите станува уште попредизвикувачка.  Поради тоа, коучинг пристапот како можност за развој и за обезбедување на високи нивоа на перформанси во организациите е порелевантен од кога било досега.

Агендата за дводневниот настан можете да ја погледнете на следниов линк.

За учество на форумот можете да се регистрирате на следниов линк.

Доколку веднаш сакате да набавите Early Bird влезница за форумот, Ве замолуваме да го следите следниов линк.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...