понеделник, јуни 8, 2026
Почетна ИнтервјуКОГА PR И HR ЗБОРУВААТ СО ИСТ ЈАЗИК: ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАНИ НЕДЕЛКОВА КУЗМАНОСКА

КОГА PR И HR ЗБОРУВААТ СО ИСТ ЈАЗИК: ИНТЕРВЈУ СО СТЕФАНИ НЕДЕЛКОВА КУЗМАНОСКА

by 24HR

Во современиот бизнис свет, границите помеѓу одделите сè повеќе се бришат. Маркетингот повеќе не е само приказна за производи и услуги, исто како што човечките ресурси одамна не се сведуваат само на регрутација и администрација. Денес, компаниите што оставаат најсилен впечаток на пазарот се токму оние што успеваат да изградат единствена приказна  и за своите клиенти и за своите вработени.

Токму на пресекот помеѓу комуникациите, брендирањето и работата со луѓе се наоѓа професионалниот пат на Стефани Неделкова Кузманоска. Со повеќе од девет години искуство во маркетинг, односи со јавност, employer branding и организациски комуникации, таа денес ја предводи маркетинг и комуникациската стратегија на Микросам, македонска компанија која веќе со децении успешно се позиционира на светската сцена како лидер во областа на напредните композитни технологии и роботика.

Нејзината кариера е пример дека најсилните брендови не се градат само преку реклами и кампањи, туку преку луѓето кои стојат зад нив. Од работа со медиуми и јавноста, преку искуство во човечки ресурси и заштита на лични податоци, до комуникација на најголемите светски саеми и индустриски конференции, Стефани гради професионален пристап кој ги поврзува сите делови на организацијата во една заедничка приказна.

Во време кога компаниите се натпреваруваат не само за клиенти туку и за таленти, прашањата за employer branding, искуството на кандидатите и автентичната комуникација стануваат сè поважни. А токму тука се отвора и едно клучно прашање: дали HR и PR навистина можат да функционираат одделно?

Со Стефани разговараме за поврзаноста меѓу маркетингот и човечките ресурси, за улогата на комуникацијата во привлекувањето таленти, за важноста на менторството и континуираното учење, како и за тоа како еден македонски бренд успева успешно да комуницира и да се натпреварува на глобалниот технолошки пазар.

На DisruptHR зборувавте на тема која станува сè поактуелна во последно време, а тоа е поврзаноста помеѓу PR и HR. Зошто сметате дека искуството на кандидатите за време на процесот на вработување денес е подеднакво важно како и искуството на клиентите?

Сè уште премногу често забораваме дека кандидатите кои аплицираат за работа во нашите компании не се само биографии на хартија. Тие се, или во одреден момент можат да бидат, и наши клиенти, партнери или амбасадори на брендот. Ако вложите огромна енергија, труд и буџети за да изградите слика на успешна, модерна и open-minded компанија, а потоа кандидат кој поминал неколку кругови на интервјуа не добие ниту најобично известување или искрен одговор, тогаш целата таа слика „паѓа во вода“.

 Затоа на DisruptHR го најавив моето излагање како „Hiring како PR криза“. Искуството на кандидатот е првиот вистински тест за тоа дали вредностите што ги промовираме на социјалните мрежи се реалност или се само убаво спакуван маркетинг. Човечкиот пристап, транспарентноста и почитта кон туѓото време вредат многу повеќе од која било скапа кампања.

Често велите дека не верувате во „силоси“ помеѓу одделите. Како изгледа успешна соработка помеѓу Marketing, PR и HR и што добива компанијата кога овие функции работат како еден тим?

Традиционалното делење на одделите каде што секој си ја гледа само својата работа е веќе минато, или барем би требало да биде. Кога човечките ресурси и маркетингот работат изолирано, се случува дисбаланс, па или имаме прекрасни внатрешни приказни кои никој надвор не ги слуша, или совршено спакувани надворешни пораки кои внатре во компанијата немаат реална поткрепа.

Успешната соработка изгледа како еден постојан и природен разговор. На пример, соработниците од човечки ресурси ги знаат нивните успеси, родендени и моментите кога славиме нови пресвртници во тимот, што всушност го претставува она вистинско емотивно јадро на компанијата. Маркетингот и PR одделот ја имаат вештината и естетското чувство тој материјал да го преточат во приказна која ќе инспирира. Кога овие функции дишат како еден тим, компанијата добива автентичност и изградува Employer Branding кој не е вештачки креиран од некоја агенција, туку е органски израз на самата организациска култура.

Работите во високотехнолошка индустрија која често се соочува со предизвикот да привлече млади инженери и таленти. Колку е важна автентичната и човечка комуникација во процесот на привлекување нови генерации професионалци?

Во индустрија како нашата, каде што се работи со современа роботика и автоматизација, премногу е лесно да се падне во замката на претерано технички и студен јазик. Меѓутоа, помладите генерации инженери одамна не бараат само добри машини, туку бараат смисла, заедница и средина каде што ќе бидат слушнати. Затоа автентичната комуникација е нашиот најголем адут. Младите веднаш препознаваат кога нешто е извештачено или премногу деловно.

Кога одиме на универзитетите за да разговараме со потенцијалните практиканти и студенти, не настапуваме од позиција на недопирлив корпоративен гигант. Разговараме отворено, како луѓе кои нудат простор за нивните идеи, но и простор за грешки од кои заедно ќе учиме. Нашата порака е дека зад секој голем инженерски успех во светот стои заедница од колеги кои меѓусебно се поддржуваат. Луѓето се привлекуваат со луѓе, а не со ладни корпоративни ѕидови.

Микросам е редок пример на македонска компанија која успешно настапува на најголемите светски саеми и индустриски настани. Како се гради и комуницира бренд од Македонија пред глобална публика?

Да се позиционирате како лидер на глобалниот пазар во специфична област како композитната индустрија бара огромна стратешка подготовка, висок степен на прецизност, но и многу храброст. Кога сме на големите светски саеми, како што е JEC World во Франција или CAMX во Соединетите Американски Држави, ние не се натпреваруваме само со производи, туку со репутација и стекната доверба.

Брендот пред глобална публика се гради преку постојано и секојдневно докажување на стручноста. Тоа значи беспрекорна координација која секогаш почнува од техничките соопштенија за медиуми што ги пласираме на светско ниво, продолжува преку уредноста и дизајнот на штандот, па сè до начинот на кој ги презентираме нашите комплексни решенија пред меѓународните експерти. Клучот е во тоа да покажете дека македонскиот инженеринг и знаење не заостануваат ниту милиметар зад светските стандарди, задржувајќи ја притоа нашата флексибилност и посветеност на клиентот како главна предност.

Во текот на кариерата сте работеле во маркетинг, PR, HR и заштита на лични податоци. Која е највредната лекција што ја научивте работејќи низ толку различни професионални области?

Највредната лекција е дека без оглед на тоа дали пишувате соопштение за медиуми, дефинирате интерни процедури или креирате стратегија за привлекување таленти, во центарот на сè секогаш е Човекот. Оваа шареноликост во мојот кариерен пат ми помогна да го надминам тесното гледање само на сопствениот оддел и ме научи секогаш да ја согледувам целата слика во компанијата. Токму затоа, кога работам на маркетинг стратегија, јас веднаш размислувам како тоа ќе се одрази врз вработените внатре во тимот, а кога се занимавам со прашања од човечките ресурси, ја гледам пошироката јавна слика и пораката што ја испраќаме надвор. Ова динамично искуство ме научи на вистинска емпатија и на тоа дека најуспешните деловни решенија секогаш се оние што се усогласени, хармонични и еднакво ги штитат интересите на бизнисот, но и достоинството на секој поединец.

Често се зборува за важноста на континуираното учење, но многумина го оставаат на втор план по почетокот на кариерата. Колку менторството и постојаното надградување биле важни за вашиот професионален развој?

Дипломата е само почетна точка, но вистинското учење започнува кога ќе закочекорите во реалниот деловен свет. За мене, формалното образование доби вистинска тежина дури преку практичните искуства и инспиративните програми како Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, каде што целосно се проширија моите хоризонти за тоа што значи стратешко водење и визија.

Но, она што навистина ја прави клучната разлика во кариерата е менторството. Јас имав среќа во мојот развој да добијам несебична поддршка и насоки од прекрасни професионалци и маркетинг специјалисти. Менторот не е тука само за да ве научи на занаетот, туку да ве поттикне да размислувате критички, со интегритет и секогаш да останете љубопитни. Без тој постојан стремеж за надградување и без луѓето кои веруваа во мене и во мојот потенцијал, денес немаше да го имам овој отворен пристап кон професијата.

Ако треба да издвоите една работа што компаниите мора да ја направат денес за да останат привлечни и за клиентите и за идните вработени, што би било тоа?

Бидете реални и бидете автентични. Луѓето, како клиентите така и вработените, се уморни од совршени и филтрирани корпоративни приказни или пак од ветувања кои лесно се кршат. Креирајте бренд кој е усогласен и хармоничен, каде што она што го зборувате на социјалните мрежи и во медиумите е точно она што го живеете внатре во канцелариите секој ден. Кога постои таа кохезија, довербата се гради сосема природно, а довербата е единствената валута со која се привлекуваат лојални клиенти и врвни таленти.

Related Posts

Leave a Comment