Современото секојдневие на родителите денес изгледа многу поразлично од пред само неколку години, а далеку поразлично од 20-30 години. Помеѓу работните обврски, динамичното темпо на живот и желбата да поминат квалитетно време со своите деца, родителите сè повеќе внимаваат на изборите што ги прават особено кога станува збор за производи поврзани со здравјето, развојот и удобноста на најмалите.
Доколку порано изборот на детски обувки најчесто се сведуваше на дизајн и цена, денес сè повеќе родители истражуваат, читаат, споредуваат материјали и обрнуваат внимание на тоа како обувките влијаат врз природниот развој на детското стапало.
Токму со таква филозофија на македонскиот пазар пристигна Stabifoot белгиски бренд со долгогодишна традиција, препознатлив по обувките изработени од природна кожа и дизајнирани според barefoot принципи, со фокус на природно движење, удобност и квалитет.
Разговараме со Нина Цекиќ Костоска, претприемач и ексклузивен дистрибутер на брендот Stabifoot за Македонија и регионот, за тоа како денешните родители носат посвесни одлуки, што значи правилен избор уште од првите чекори и зошто довербата станува најважниот фактор при изборот на производи за деца.
Како започна приказната со Stabifoot и што Ве убеди дека токму овој бренд треба да биде дел од Вашето портфолио?
Приказната со Stabifoot започна многу природно – како родители и како луѓе кои секојдневно работат со производи за деца, постојано баравме бренд кој навистина става акцент на здравиот развој на детето, а не само на изгледот.
Денес на пазарот има огромен избор на детски обувки, но многу малку брендови навистина размислуваат за тоа како обувката влијае на стапалото, држењето на телото и природното движење на детето.
Токму тоа нè убеди кај Stabifoot – нивниот пристап е насочен кон правилен развој, удобност и квалитетни материјали, без компромис! За нас ова не е само уште еден детски бренд, туку производ зад кој навистина стои филозофија што ја поддржуваме и што сметаме дека сите треба да ја поддржат.

Денес пазарот е преполн со детски обувки. Што го прави Stabifoot поразличен од останатите брендови?
Stabifoot не е бренд што се води само од трендови и визуелен изглед. Главната разлика е што секој модел е дизајниран со фокус на детското стапало и природното движење.
Обувките се лесни, меки, флексибилни и му дозволуваат на детето стабилност и слобода при движењето – нешто што е особено важно во најраните години кога стапалото и мускулатурата активно се развиваат.
Воедно, обувките се изработени од 100% природна кожа, која му овозможува на детското стапало да дише, обезбедува поголема удобност и природно прилагодување при движењето. Тоа е особено важно кај најмалите деца, бидејќи квалитетните и природни материјали директно влијаат на комфорот и здравиот развој на стапалото.

Последниве години сè повеќе родители зборуваат за barefoot концептот. Што всушност значи тоа и зошто е важен за правилниот развој на детето?
Barefoot концептот се базира на идејата детето да се движи што е можно поприродно, односно обувката да не го ограничува стапалото, туку да му овозможи да функционира како кога би било босо.
Тоа значи флексибилен ѓон, лесна обувка, доволно простор за прстите и природно движење при одење.
Во најраната возраст, стапалото активно се формира и токму затоа е многу важно обувката да не создава притисок или неприродна позиција. Кога детето има слобода на движење, подобро се развиваат мускулите, балансот и стабилноста.
Сè повеќе педијатри, физиотерапевти,ортопеди и родители денес обрнуваат внимание на ова, затоа што првите обувки играат клучна улога во понатамошниот развој на стапалата на децата.

Колку денешните родители се поинформирани кога станува збор за изборот на први обувки и производи за деца?
Искрено,неможеме да се пофалиме дека свеста е на високо ниво кај нас, но од ден во ден, година во година успеваме да ја кренеме свеста кај родителите за приоретизирање на здравјето на децата при избор на детски продукти.
Навиката да се гледа само дизајнот или „цврстината“ на обувката, се обидуваме да ја промениме, за денес родителите да сакаат да знаат од каков материјал е изработена, колку е флексибилна, дали има простор за прстите, како влијае на држењето и движењето на детето.
Со ваков пристап свеста за детското здравје и правилниот развој навистина расте.
Освен квалитетот и функционалноста, Stabifoot има и многу внимателен пристап кон производството и материјалите. Колку современите родители денес размислуваат и за одржливост?
Иако генералното мислење е дека малку се зборува за одржливост кај нас, сепак морам да признаам дека денешните родители не бараат само убав производ, туку и безбеден, квалитетен и одговорно произведен.
Материјалите што доаѓаат во контакт со детската кожа се многу важни, особено кај најмалите деца. Затоа родителите сè повеќе внимаваат дали производот е изработен од безбедни и квалитетни материјали, колку трае и дали навистина вреди.
Наша цел како компанија е да бидеме гласни за бенефитите од квалитетните производи, за промоција на истите и за жал за водење на најтешката битка наречена конзумеризам!
Кои се Вашите планови за развој на брендот во Македонија и регионот?
Нашата цел е Stabifoot да стане препознатлив бренд кај родителите кои сакаат квалитет, удобност и здрав пристап кон развојот на детето.
Планираме постепено проширување на асортиманот, поголема едукација за barefoot концептот и присуство на повеќе настани, соработки и платформи каде можеме да разговараме со родители и да ја подигнеме свеста за важноста на квалитетни детски производи кои не штетат на детското здравје.
Веруваме дека во регионот има сè повеќе родители кои бараат ваков тип производи и сакаме Stabifoot да биде бренд на кој ќе му веруваат на долг рок.
По успешното лансирање во Македонија, следна цел на која активно работиме е проширување на брендот во Бугарија и Србија.