Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Човечкиот ум е најпрекрасното и најужасното место на светот. Сиот напредок, сите пронајдоци, целиот раст и развој што како човештво сме го доживеале, му го должиме нему. И сите стравови, кошмари, црни сценарија, исто. И, знаете што? Нему ама ич не му е гајле за тоа. Ама ич! Не е тој тука да нѐ воодушеви или фасцинира. Баш му е гајле за траумите кои, ради него, ги носиме дури и во соништата, поради кои се будиме на сред ноќ и, со срцето во вратот, проверуваме – сигурно ли нема некој под креветот. Или во плакарот. Или до прекидачот за светлото, па штом ја испружиме раката за да ја вклучиме ноќната ламба, ќе не фати за прстите (ова беше злонамерно, за да го замислите, признавам J)..
Негова задача е да нѐ заштити. Да го обезбеди животот во нас. Што, кога, зошто, како, небитно. Тој ќе се потруди да нѐ заштити по секоја цена, макар тоа значело “Бегај, нешто не е во ред со ситуацијава!” во моменти кога свесното Јас сѐ уште не знае дали и од каде доаѓа опасноста, или “Бори се, загрозен си!” дури и во моменти кога нема директна опасност, но, ете, тој одлучил дека треба да се бориме (и расправаме и докажуваме и викаме…) или “Стој, замрзни тука, да не си сторил ни чекор, потребно ми е време ова да го процесирам”. Неговото Височество Човечки Ум.
Е како да ја постигне целта? Да обезбеди заштита на (по негово мислење) ова лудо, непослушно, непретпазливо суштество? Со меморирање на обрасци, извлекување на заклучоци и повторување на истите до бесвест.
“Се сеќаваш на тогаш кога возевме со точакот, ти не ме послуша да одиме по патеката и тргна низ паркот, па налета да дупка? Кога падна од точак пред сите тие луѓе и со кал на бермудите возеше до дома? Е, затоа сега мора да ме слушаш! Возење само по означени патеки, јасно! Или, оди пеш, ко сите нормални!” се дере. И “глуп еден!” може да додаде.
Или “Се сеќаваш ли кога аплицираше за работа во ХХ фирма и не те ни викнаа на разговор? Па потоа со денови беше разочаран? А ти реков дека сите се подобри од тебе!”
Или “Ти се допаѓа тој/таа, нели? Да не сакаш да му/и се јавиш, м? Прв да пишеш, а? Сакаш да ти се смеат, нели? Ќе те игнорираат, кој ќе те трпи да плачеш! Или уште полошо, нема да те игнорираат, па ќе се залеташ и, на крај, ќе патиш уште повеќе кога ќе те остават. Седи си мирен тука!”
Не е лесно со нашиот мал тиранин, нели? Мислиш, сѐ е во ред, сѐ е мирно, и, еве го, ќе излезе со некакво предупредување, некаков сомнеж, некакво страшилиште. “Дали мислиш дека си доволно добар?” ќе повторува, без оглед на ситуацијата. “Ти мислиш дека си доволно добар за тоа работно место?” ќе прашува, “па сум видел стопати подобри од тебе, не се занесувај!” ќе шепоти. И не само на работа, ќе ти се протне во најинтимните делови од Тебе, и на најмало наоблачување во врската, ќе започне со “Ти реков! Нели ти реков дека не си доволно добар/добра за него/неа! Погледни се во огледало! Знаеш колкумина поубави има од тебе! Позабавни бре, да му е мерак на човек со нив да разговара! Што имаш ти, кој/а си ти, зошто некој воопшто би сакал да е со тебе, кога ништо добро немаш да понудиш!”
Зошто сево ова? Пак, со истата цел, да нѐ спречи да сториме нешто што би нѐ довело во некаква, според него, ризична ситуација, од која не баш добро знае да нѐ избави. Не сака новости, ѓубрето, тој би да нѐ заклучи во некаков подрум и да не мрднеме од таму, само за да не паднеме по скалите, одејќи кон светлоста.
А тоа, неговото “Дали мислиш дека си доволно добар?” не значи ништо. Ама баш ништо. Што е “доволно добар”? Она што за една ситуација е добро, во друга е катастрофално лошо. Ако ја проценуваме златната рипка врз основа на параметри зададени од верверичка, ќе сфатиме дека е ужасна – не умее да се качува по дрвја, не знае каде да најде желади и лешници за зима, врска нема каде да ги сокрие, и не само тоа, нема да може ни пет минути да дише, а воздухот убав, чист, планински. Неспособна една!
Психолозите зборуваат за внатрешниот критичар, за гласот што го слушаме и кој ни ги повторува сите овие нешта. Она што, како родител, ме ужасна во моментот кога го прочитав, беше, дека гласот на внатрешниот критичар кој го слушаме цел живот, е гласот со кој родителот ни се обраќал во детството. И родителот ја има таа улога – да го заштити чедото од ризични ситуации, од стрес, од проблеми. Да му го спаси животот. И, несвесно, со: Немој! Не таму! Не можеш ти тоа! Не се ни обидувај! Пази, ќе паднеш! Пази, ќе ти се смеат! Пази! Пази! Пази! ги крати крилјата на ластовичката кој уште не го направила својот прв лет. И, збор, по збор, врзува терет од камења за нозете, да не случајно летне високо, да не ја оддуваат ветриштата, да не падне на тврдо…
Како да се носиме со ова? Од каде да ја земеме самодовербата која ќе умее да му каже на гласот “Па што ако паднам! Па што ако не успеам! Се исправив еднаш, летнав еднаш, зошто мислиш дека не ќе можам пак!”?
Еден куп тренери за личен развој ќе се обидат да работат со вас за да ја постигнете вербата во себеси. Ќе ви кажат да ги запишувате успесите што сте ги постигнале и да си ги читате кога самодовербата ќе ви падне на ниско ниво. Ќе ви кажат да не го слушате гласот на критичарот, да го игнорирате, да се осмелите да одите против него. Ќе ви кажат да вежбате разговор со себе, да си се обраќате на ист начин како што се обраќате на суштеството (двоножно или четвороножно) што најмногу на светот го сакате. Ќе ви кажат да ги “омекнувате” изјавите на критичарот, да ги преформулирате во нежни, полни со разбирање изјави… Count your blessings, ќе ви кажат. И, сето ова ќе помогне, секако. Позитивниот став кон себе се вежба. Сѐ до првата поголема препрека. До првата дупка надвор од патеката во која ќе паднете и ќе се најдете до гуша во кал. И, ете ти го пак него “Не, бе, не! За кој зборувам јас! Ти реков да не одиш оттука! Ти кажав да седиш дома! Ти кажав дека за ништо не те бива! Едноставно, неспособен си и тоа е!”
Бре. Во оваа борба сте вие против себе. Гласот кој сака да ве заштити од сѐ, од светот, па дури и од вас самите, против свесното Јас, кое умее да процени кој е гласот на критичарот, што му е целта, кои му се стравовите и грижите, да одлучи дека се претерани, нереални и да постапи спротивно на него. Да каже “Да. Доволно сум добар/добра. Го можам јас ова. Умеам. И ако не успеам, ништо страшно, ќе пробам пак”. Да каже “Знаеш што? Баш ми е грижа дали некој ќе се смее! Не ми значи ништо калта на бермудите! Нека бидам одбиен/а, не е проблем”..
Може да ви кажам нешто? Никој не е доволно добар во несоодветна средина! Верверичката е катастрофално лоша за живот во аквариум. Но, што бара верверичка во аквариум? Или златната рипка на дрво?
Ајде сега пред огледало. Ако се чувствувате дека сте недоволни, ако функционирате во атмосфера на незадоволство секој ден, ако некој упорно се труди да ви каже дека не сте доволно добри, и покрај сиот ваш напор, покрај сѐ што правите, што се обидувате да научите, сторите, можеби, не е до вас. Можеби е до нив. Можеби тие не се доволно добри за вас.
Сетете се, кога цвеќето не расте, не цвета, и покрај целата грижа за него, можеби не е до почвата, заливањето, грижата. Можеби правите сѐ најдобро, но, ете, местото, едноставно, не е за него. Ќе го преместите до прозорецот, ќе го допре утринско сонце, ќе живне, ќе се разбуди, ќе ги испружи рацете кон небото, ќе расцета најубаво на светот. Му требало сонце.
Најдете го вашето сонце. Компанијата која ќе умее да ги види и вреднува вашите квалитети. Шефот што ќе го препознае и ќе го гради вашиот потенцијал. Најдете ја средината во која вашата различност ќе биде почитувана и славена. И, дигнете ги рацете кон небото! Цветајте!
За авторот:
Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.