Колумна на Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner
Потрагата по работно место од соништата е долготраен и предизвикувачки процес за сите активни баратели на работа. Следните неколку статии се наменети за активните баратели на работа, а со цел олеснување на целиот процес околу аплицирање на огласите, составувањето на CV и мотивационо писмо, типовите на интервјуа и конечно начинот на вербално и невербално комуницирање. Серијалот од статии ќе содржи објаснување на формата на огласот за вработување, како и методи за проверка дали одговараме на објавениот оглас. Во вториот дел ќе биде детално објаснето што треба да содржи CV-то и мотивационото писмо. Во третиот дел ќе бидат објаснети типовите на интервјуа и како би требало да се однесуваме кога сме на интервју. Верувам дека овој серијал од статии и совети кои се содржани во нив ќе ви бидат од корист и ќе ги примените при Вашето следно аплицирање и кој знае, можеби и навистина ќе ја добиете посакуваната позиција.
Што претставува огласот за слободно работно место?
Објавувањето на јавен оглас за пополнување на слободно работно место, согласно Законот за работните односи (ЗРО), претставува секое јавно објавување на потребата на работодавачот од работник, за пополнување на слободно работно место, без оглeд на тоа дали огласот се објавува во дневен печат или во други средства за јавно информирање печатени или електронски со наплата или во службата за посредување при вработување на веб страната на Агенцијата (АВРМ) без наплата.
Кога сме активни баратели на работа секојдневно читаме огласи од многу работодавачи од најразлични индустрии. Секој оглас е посебна приказна.
Што ни е важно да видиме/прочитаме на еден оглас за вработување?
Членот 23 од ЗРО ги дефинира задолжителните елементи кои што треба да ги содржи еден оглас:
– назив на работното место
– условите што се бараат за вршење на работата
– почетокот и завршетокот на дневното и неделното работно време
– распоредот на работното време
– паричен износ на основната нето плата или паричен износ од најнизок до највисок износ на нето плата за работното место за кое се бара работник
– рокот за пријавување кој не смее да биде пократок од 3 работни дена
– рокот во кој ќе се изврши избор
– точни податоци за работодавачот (назив, седиште, телефон, лице за контакт и адреса за доставување на апликациите).
Трендот на промовирање на брендот на компанијата во огласите за вработување се почесто се среќава и кај нас. Не ретко ќе прочитаме реклама за компанијата (кои се, што работат, дали е интернационална или национална компанија, број на вработени, условите и бенефициите што ги нудат на вработените, предизвиците со кои се соочуваат нивните вработени, како и можностите за нивно унапредување) пред да се презентира каков кадар компанијата бара. Исто така, многу често компаниите заедно со огласите за вработување објавуваат и изјави од вработените (testimonials) со кои го искажуваат своето задоволство од работењето во компанијата, нивниот кариерен развој и условите кои што ги нуди работодавачот. Ова е на еден начин стимул за пријавување на квалитетни кандидати во постапката на вработување.
Во последно време се поактуелна станува платформата Glassdoor каде што сегашните и минатите вработени во определена компанија оставаат коментари за конкретната компанија. Кај нас се уште не е широко распространето користењето на оваа платформа, но постојат компании кои можете да ги проверите. Ова особено се однесува на интернационалните компании кои вработуваат во нашата држава.
Огласите за вработување најчесто ги следиме на веб страните на компаниите, порталите за вработување како што се Vrabotuvanje.com.mk; Kariera.mk; Fakulteti.mk, социјалните медиуми LinkedIn, Facebook, Instagram и слично. Не ретко се случува и да добиеме понуда да доставиме апликација за вработување од вработен во некоја компанија која што има воспоставено програма за препорака (referral) за нови вработени.
Активно бараме работа и редовно ги следиме сите огласи кои што работодавачите ги објавуваат, но не секаде одговараме. Пред да испратиме апликација на еден оглас треба да си одговориме на следниве прашања:
– како знаеме дека тој оглас е за нас и дека ги исполнуваме предвидените услови?
– дали да испратиме пријава на повеќе работни места објавени во еден оглас?
Еве еден класичен пример: објавен е оглас за специјалист за човечки ресурси, меѓутоа нам не ни е доволно познато што точно работи специјалистот за човечки ресурси и кои се знаења треба да ги поседува. Најлесен начин да го проверите тоа е да ја отворите web страната https://www.onetonline.org/ и да ја впишете професијата за која се интересирате и на тој начин можете да дознаете кои услови треба да ги исполнувате за да одлучите дали Вашиот сет на знаења и искуство е компатибилен со барањата на позицијата.
Со појавата на вештачката интелигенција, преку AI моделите лесно можеме ова прашање да го надминеме, со поставување на конкретно прашање: дали моето искуство и компетенции одговараат на следнава работна позиција? Конкретно наведете ги искуството и компетенциите и пишете ги барањата за позицијата и AI моделот ќе ви одговори.
Топло Ви препорачувам доколку не сте сигурни дали ги исполнувате бараните услови во објавениот оглас да ги проверите Вашите компетенции и искуство пред да испратите апликација во компанијата, на еден од предложените модели и на тој начин да се заштитите од разочарување доколку не поминете во следната фаза на процесот на селекција на пријавени кандидати.
За авторот:
Билјана Митева,менаџер за човечки ресурси во Семос ДОО Скопје,магистер по економски науки,NLP Practitioner.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.