Кој е крив

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Ако нешто ме нервира, тоа е прашањето Кој е крив. Мислам, добро си е прашањето, но некаде во втора, трета фаза, откако ќе ги згрижиш ранетите и повредените. Зезам. Ама навистина ме нервира!

Прво, затоа што никогаш не е еден, единствен настан што довел до проблемот, туку збир на настани, околности, случувања што тлееле, што долго пред тоа сме ги игнорирале, као, небитни се, види!, сѐ е ОК, сѐ функционира, глупости се тоа! Е, не биле.

Второ, затоа што, додека проблемот е на сцена и не е битно кој е крив, битно е да се стори сѐ, за да има што е можно помали последици.

Трето, никогаш, ама никогаш не постои еден виновник, што и да се случило.

Кога ќе се соочиме со некаков проблем, некако природно доаѓа адресирањето на одговорноста и, секако, исклучување на себеси од листата обвинети, нели. Размислуваме тесно, ограничено само на конкретниот настан, испитуваме кој бил во моментот присутен, што направил, што не направил, што кажал, што испуштил да каже, зошто направил така, а не вака и тн. Се фокусираме на настанатиот проблем, на штетниот настан, на тоа што е тука и овде, а отстапува од нормалното одвивање на нештата и бараме виновник, некој кој треба да биде посочен, казнет, бараме вештерка која умее да лета на метла и да предизвикува бура, па ете, сега конечно имаме и докази, ја виделе сведоците, можеме со мирна душа да ја запалиме на плоштад.

Ќе ја запалите вештерката, не дека не, како тоа што го правеле вашите пра-пра-пра дедовци неколку века наназад. Но, може да ви кажам нешто? Бурите и натаму продолжуваат да се појавуваат, иако вештерката ја нема.

Драги мои, не е проблемот во вештерката, проблемот е во системот што ја создал, во средината што го поддржала нејзиното постоење, во сите тие луѓе околу неа што не успеале да ѝ кажат да се фокусира на носење сонце, кога надвор е студено и мрачно и зимата сака да ни ја украде душата; или предизвикување дожд, кога летото се обидува да ја спржи земјата и да ни го пеплоса трудот.

Во мојата кариера сум сретнала многу луѓе што раководеле со процеси, оддели, вработени. Сум сведочела промена на неколку раководни лица на еден ист оддел.  Резултатите од работењето секогаш биле различни. Оние со слаби резултати, секогаш имале изговор – вработените не се доволно ангажирани, стручноста е на ниско ниво, процесите се вакви или такви, работните услови не знам какви.. Сите биле виновни, цел свет против нив, а тие, кутрите, сами. Секако. А истите тие вработени, истите тие машини, истите тие процеси пред само некое време, со друг раководител, умееле да работат и да носат резултати. Сакам да кажам, што и да се случи, тргнете од себе. На списокот на виновни, првото место е секогаш резервирано за вас. Да, за тебе, лично.

Зошто, ќе речете, кога јас сум сторил сѐ што сум можел за да обезбедам нормално функционирање на процесите. Можеби во тоа “сѐ што сум можел” лежи маката. Веројатно, не било доволно. Можеби инструкциите не биле доволно јасни. Можеби процедурите не биле доволно прецизни. Можеби не сте контролирале на време. Можеби не сте слушале што ви кажуваат. Можеби не сте размислувале превентивно. Можеби сте избрале несоодветни луѓе за конкретната позиција. Можеби не сте ги обучиле како што треба. И уште еден куп слични “можеби”.

Накратко, виновни сте затоа што сте дозволиле.

Велат, вината е секогаш сираче, никој не ја признава за своја. Но, исто така велат, и за љубов и за војна треба двајца.

Кога ќе започнете со истражување, ќе сфатите колку многу нешта само сте претпоставувале дека се во ред. Оттаму тргнете.

И, мојата омилена паралела – приватниот живот и релациите кои ги градиме. Колку сме самокритични? Виновно ли е секогаш детето (лоша оцена на училиште, кавга со другарчиња, однос со некој конкретен наставник), или можеби, ние не сме работеле доволно со него? Виновни ли се секогаш нашите родители, или, можеби, ние не сме биле доволно јасни за нештата што ни се битни во животот?

На сите овие прашања, природно доаѓа она – Зошто луѓето заминуваат? Виновна ли е секогаш конкуренцијата, пазарот, случувањата во економијата, или, сепак, ние не правиме нешто доволно за да останат?

Можеби, уште позначајно прашање е – Зошто луѓето остануваат?

Како компании, најчесто сме фокусирани на заминувањата. Организираме излезни интервјуа за да сфатиме зошто вработениот заминува, па ги испитуваме и проверуваме одговорите што сме ги добиле, во надеж дека ќе сфатиме што не е добро, па да го поправиме.

Кога последен пат сте прашале вработен зошто останува во компанијата? Веувам дека одговорите би биле многу интересни, ако се искрени. Сега сите помислувате на одговори од типот: задоволен сум од платата, бенефициите што компанијата ги нуди се подобри од останатите компании, имам добра рамнотежа меѓу приватниот живот и работата и сл., а всушност, можеби ќе чуете: работното место ми е во близина, колегите ми се добри, градинката/училиштето на детето ми е на пат кон работа, не сакам да учам нови нешта на ново работно место, се плашам од промени, останувам по навика, бидејќи долго работам тука, добро стојам со шефот и тн. Некогаш, нискиот turn-over на работна сила не значи и високо задоволство од тоа што го нудите. Како што процентот на луѓе што се во брак/врска не е еднаков на процентот на луѓе што се среќни во брак/врска, нели.

Ако се сеќавате од Физика, постои концепт на инерција, која, парафразирано, тврди дека телото ќе остане во иста положба, сѐ додека на него не дејствува некаква надворешна сила. Преведено на HR јазик, вработените ќе останат во компанијата, сѐ додека некоја сила не ги натера да заминат.

Или, да парафразирам уште еднаш, луѓето во вашиот живот ќе останат, сѐ додека нешто не ги натера да заминат.

Кога и да барате виновник за она што ви се случува во компанијата/животот, сетете се за кого е резервирано првото место од листата виновници. И, сторете сѐ што треба .

За авторот:

Весна Коруноска е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...