Колумна на Катерина Ангелковска-Оперативен директор во Толлакс ДОО Скопје
Денес, во модерниот деловен свет, успехот на компаниите повеќе од било кога, не зависи само од стратегијата и ресурсите со кои тие располагаат, туку и од луѓето кои работат во нив. Затоа на интервјуата се почесто од кандидатите може да се слушне, дека покрај финансискиот дел, подеднакво важна е и атмосферата за работа, а за неа одговорни се токму вработените.
Во динамиката на модерното живеење често поминуваме повеќе време на работа, отколку дома. Со колегите надминуваме многу предизвици, ги споделуваме успесите, сочувствуваме во неуспесите, па така тие стануват тимот кој ни дава поддршка, инспирација и пријателство. Колегите се наши партнери на работа, а пријатели надвор од неа, градејќи врски кои траат многу подолго од работното време.
Токму тие се луѓето кои не разбираат кога зборуваме за стресот кој го чувствуваме од поставените рокови, знаат да ја препознаат потребата од кафе пауза во вистински момент, а знаат да ја споделат и радоста со нас од успешно и навреме реализираните задачи.
Ако “кликнеме” со луѓето со кои работиме, тие со текот на времето стануваат луѓе на кои може да се потпреме и секогаш да се обратиме, без разлика дали ни е потребен пријателски совет, или професионална поддршка. Така колегите стануваат нашето второ семејство, а во секое семејство се потребни здрави меѓусебни односи, базирани на доверба, почит и разбирање. Кога во рамки на компанијата ќе се создаде ваква здрава работна средина, неминовно е дека ќе се подобри продуктивноста и ќе се засили чувството на припадност и заедништво, помеѓу вработените.
Покрај емоционалната поддршка која ја добиваме од колегите, тие може да бидат и наш извор на знаење и инспирација. Соработката со тимот не охрабрува да учиме едни од други, полесно да ги прифаќаме новитетите и промените и поконструктивно да се справуваме со сите проблеми и предизвици на работното место.
Исто така, здравите колегијални односи влијаат на ангажираноста на вработените и водат до зголемена продуктивност. Кога вработените не се двоумат да побараат помош од тимот, се намалува времето потребно за реализирање на целите и се зголемува ефикасноста. Воедно во ваква работна култура вработените се подготвени да споделуваат идеи, да преземаат иницијативи и секако да водат конструктивни натпревари меѓу себе, кои ја носат компанијата на едно повисоко ниво.
Ваквите односи се најзаслужни за градењето на културата во компанијата. Кога постои почит и доверба во тимот, постои и поголема ангажираност и зголемена продуктивност, а ова води кон позитивно работно окружување во кое сите се ангажирани, задоволни и мотивирани. Позитивната работна атмосфера не само што влијае на задоволството на вработените, туку и привлекува и нови вработени, кои ќе сакаат да станат дел од ваков тим. Кога колегите имаат добри меѓусебни односи, истото придонесува и за намалување на флуктуацијата на вработените. Приврзаноста и лојалноста кон тимот и компанијата на долги стази ја намалува потребата од постојана потрага по нови вработени, континуирано регрутирање и обучување на нови кадри, што заштедува ресурси на долг рок.
Вака… луѓето со кои работиме стануваат нашето семејство, надвор од домот.
Затоа секоја работна организација треба да води грижа за овие навидум не толку важни работи, да биде посебно внимателна во креирање и негување на здрава работна средина , бидејќи “Големината на тимот е во хармонијата на неговите гласови, кои создаваат симфонија на успех”- Пабло Пикасо
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.