Колумна на Елена Милеска – Специјалист за човечки ресурси во IT компанијата X3m Labs
Конфликтот е нормален дел од секојдневието, без разлика дали е во приватниот или професионалниот живот. Конфликтите на работното место најчесто се случуваат поради тоа што членовите на тимот не се согласуваат во однос на начините на решавање на предизвиците со кој секојдневно се соочуваат – различни гледишта, различни начини за решавање на проблемите, или различни карактери помеѓу членовите на тимот. Одредени конфликтни ситуации може да бидат позитивни, како на пример одредена конкуренција помеѓу членовите на тимот за постигнување на целите. Но, негативниот конфликт, како булинг може да им наштети на поединците и да го наруши тимското работење.
Реалноста е дека коренот на повеќето конфликти e резултат на лошата комуникација или не можноста да се контролираат емоциите. Но конфликтите може и треба да бидат менаџирани и решени.
Откако ке се случи првиот конфликт во тимот, помислте на него и анализирајте го. Ова ке ви помогне да го разјасните проблемот и брзо да дојдете до решението. Најбитно е да дефинирате:
- Што го предизвика конфликтот?
- На кого сте лути?
- Дали можеби настанатиот конфликт се должи на мискомуникација помеѓу членовите на тимот ?
- Како може конфликтот да биде решен ?
Откако ке го анализирате конфликтот тргнете кон негово решавање:
Не чекајте или не го ставајте конфликтот „под тепих„ – соочувањето и решавањето со конфликтот кој се појавил го охрабрува и насочува тимот кон изнаоѓање решенија, превенира други конфликти кои може да се појават и нивна ескалација.
Зборувајте за однесувањето, не за личните карактеристики на индивидуата – дискутирајте за фактите и избегнете да го насочувате вниманието кон бихејвиоралните патерни на индивидуата.
Неутрализирајте ги дискусиите – медијацијата на конфликтот може да трае подолго, но потребно е да се користи ефективна комуникација во тимот и да се размислува кон решение на проблемот. Користете јазик кој ке спречува префрлање на вина и дозволете му на секој член од тимот да се изјасни.
Бидете креативни – да се најде решение што ќе ги задоволува сите, потребна е креативност и напорна работа. Бидете внимателни и не попуштајте едноставно за да избегнете судир или да одржувате привидна хармонија.
Слушајте внимателно – oд суштинско значење е да му дадете целосно внимание на лицето што зборува и не само при конфликтна ситуација туку и во текот на работата. Не ја прекинувајте другата личност. Бидете сигурни дека ја добивате пораката што колегата има намера да ја испрати. Поставувајте појасни прашања ако е потребно. Може да побарате од другата личност да повтори централна идеја или да ги измени своите фрустрации на начин што ќе ви донесе смисла.
Здравиот начин на решавање на конфликтите ги насочува членовите на тимот на нови начини на размислување и може да биде клучен во водењето на тимот напред кон нови предизвици, а самиот конфликт може да биде најдобриот катализатор за промени. Најдоброто решение на конфликтите доаѓа во форма на отворени разговори, дебати и бреинсторминг сесии.
За авторот:
Елена Милеска е специјалист за човечки ресурси во IT компанијата X3m Labs. По вокација е дипломиран психолог на Филозовски факултет Скопје, а позади себе има околу 3 години работно искуство во човечки ресурси.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.