LEARN2GHROW – РАСТ НА БИЗНИСОТ ПРЕКУ РАЗВОЈ НА ВРАБОТЕНИТЕ

од 24HR

Кофинансирана програма за менторство и коучинг за вовед и развој на вработените.

Во услови кога планирањето на бизнисот бара флексибилност и прилагодување кон промените во економијата, клучно е прашањето како подобро да ги планираме, развиваме и насочуваме вработените? Компаниите кои имаат воспоставени програми за вовед и развој на вработените низ менторство и коучинг можат да посведочат дека многу полесно и поефикасно се прилагодуваат кон потребите на бизнисот, особено во последниот период со пандемијата.

На овие теми направивме интервју со Наташа Ивановска и Биљана Велевска, консултанти за организациски развој. На 21 септември ќе бидат дел од отворениот он-лајн вебинар на тема “Раст на бизнисот преку развој на вработените”, како најава за новата програма LEARN2GHROW. На вебинарот ќе говорат и експерти за човечки ресурси од компании кои сериозно применуваат менторство и коучинг и имаат програми за развој на вработените. https://ime.org.mk/mk/hrwebinar/.

Од каде идеата за оваа програма?

Скоро сите компании укажуваат на недоволно квалификувани и мотивирани кандидати за работни места за кои имаат потреба. Бројноста на пријавените за една позиција исто така драстично опаѓа. Кај голем дел од компаниите забележуваме слаби внатрешни ресурси за регрутација, избор и обука на нови вработени, недоволна експертиза, компетенции и ресурси за прашања поврзани со тимовите. Исто така, има недостаток на политики за управување со вработените, што резултира во висок процент со напуштање на компанијата и трошоци за регрутација и вовед на нови вработени. Како компаниите да се вртат во круг.

Се забележува и потреба од обука на вработените за компетенции кои не се стекнуваат низ формалното образование, а се клучни за работното место. Често нема дефинирани политики и процедури за управување со човечките ресурси, што се покажа особено важно во условите произлезени од Covid 19. Прашањата се комплексни, но за среќа, за голем дел од нив има одговор.

Што нуди програмата LEARN2GHROW?

Специјализираната програма поднаслов “РАСТ НА БИЗНИСОТ ПРЕКУ РАЗВОЈ НА ВРАБОТЕНИТЕ” нуди поддршка на мали и средни компании во Македонија во областа на управување со човечките ресурси. Базирана е на реални искуства со над сто компании со кои сме работеле во изминатите дваесет години. Исто така, вклучуваме примена на светски практики и методологии кои ги пренесуваме на клиентите, со цел ефикасни и одржливи ефекти.

Програмата ќе поттикне воспоставување инклузивни практики за управување со човечките ресурси, со фокус на менторството и коучингот на новите вработени. Докажано е дека овие пристапи овозможуваат побрзо вклопување на новите вработени, поголема продуктивност и мотивираност и со тоа подобри резултати и одржлив развој на компаниите. Фокусот на младите и инклузијата на жените, како и на други  целни групи во програмата ја потенцира потребата од современи пристапи за раководење со вработените, во кои спаѓаат менторството и коучингот. Низ програмата ќе се обработуваат придобивките кои компаниите ги имаат при усвојување инклузивни политики за човечки ресурси.

Што точно ќе добијат компаниите?

Програмата започнува со анализа на потребите на компанијата во делот на вовед и развој на вработените, потоа се фокусира на развој на менторска програма за клучни позиции со обука на назначени ментори од компанијата, изработен Прирачник за управување со човечки ресурси, обука за менторство и коучинг како современи методи за развој и задржување на вработените, поврзување со универзитетите за привлекување практиканти и идни вработени. Ќе добијат солидна основа за поголем раст на бизнисот!

Дел од активностите се групни, за сите учесници, а дел се индивидуални коучинг сесии.Како резултат, компаниите учесници можат да сметаат на следните резултати:

  • Забрзување на процесите на вклопување на нови вработени во тимот, со фокус на инклузија на млади и жени
  • Зголемување на посветеноста и учинокот
  • Намалување на обртот на вработени/ повисок процент на задржување
  • Раст на бизнисот низ финансиски индикатори
  • Поставени политики кои ќе бидат основа на сите активности во областа на управувањето со вработените

Исто така, компаниите ќе остварат поблиска комуникација со факултетите од каде доаѓаат нивните идни вработени за реализација на пракса со можност за вработување на најдобрите.

За кого е наменета програмата?

Програмата е наменета за сите компании кои имаат визија за развој и утврдени потреби за стручна поддршка за управувањето и развојот на вработените, а ги исполнуваат слeдниве услови:

  • Компании со македонска сопственост (со основачки удел е над 51%)
  • Постоење на компанијата над 3 години
  • Број на вработени – минимум 20
  • Годишен обрт над 1.000.000 денари, во последната фискална година
  • Капацитет да назначат до 3 лица за активно учество во проектот и спроведување на активностите во компанијата, од кои:
  • едно лице е на ниво на носење одлуки (сопственик, менаџер на ЧР и сл)
  • минимум две лица кои ќе се обучуваат за интерни ментори по програмата за менторство на нови вработени, избрани според зададени критериуми

Пријавувањето за вебинарот е на следниот линк. https://ime.org.mk/mk/hrwebinar/. Учеството е бесплатно. HRWebinar-от и Програмата “LEARN2GHROW” ги спроведуваат ИНСАЈТ Груп и САМЕРИМПЕКС ИМПУЛСИ со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) и Проектот Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@mk), во партнерство со Стопанска комора на Северна Македонија. Регистрацијата за учество е на следниот линк:

Дополнителни информации:

Наташа Ивановска – natasa.ivanovska@insight.mk; 078 44 99 23

Биљана Велевска – biljana@impulsi.com.mk; 070 25 28 12

Наташа Ивановска

Сертифициран обучувач, бизнис коуч, консултант за човечки ресурси и маркетинг

Повеќе од дваесет години искуство на менаџерски позиции во компании специјализирани за човечки ресурси и развој на кадар, маркетинг и односи со јавност. Во 2011 ја основа ИНСАЈТ Груп, компанија за личен и организациски развој www.insight.mk. Ескпертизата вклучува организациски развој на компании преку развој на вработените, воспоставување процеси и системи за работа со човечкиот капитал за постигнување на бизнис целите и овозможување одржлив развој. Таа е Мастер обучувач и фасилитатор на Core Strengths (SDI), DISC  Flow консултант, Сертифициран меѓународен фасилитатор за кариерен развој (Global Career Development Facilitator GCDF), Сертификат за Бизнис Коучинг на Нобл Менхентен Коучинг од Англија.

Биљана Велевска

Деловен развој и специјалист за човечки ресурси

Биљана Велевска раководи со компанијата Самеримпекс Импулси која опфаќа широк спектар на услуги од доменот на деловниот развој и управувањето со човечките ресурси. Таа е професионалец со 20 -годишно искуство во процесно консултантство, обуки, менторство и коучинг. Пионер во воведувањето на менаџмент за човечки ресурси и практики за човечки ресурси во македонските мали и средни претпријатија, пионер и активист за кариерен развој. Високо ориентирана во имплементација на најдобрите соодветни алатки и техники кои го поддржуваат развојот на претпријатието и поединецот. Откако ќе се воспостави соработка со клиентот, трае со години врз основа на основната вредност „посветеност кон извонредност“. Како активно, квалитетно управувано, општествено одговорно лице има испреплетена кариера и во проекти поврзани со формално образование и обука на наставници, градејќи силна врска помеѓу потребите на компаниите и компетенциите на идната работна сила.

Велевска има германска титула магистaр по Европски менаџмент и сертификати за престижните методологии GENOS Emotional Inteligence, Core Strengths, DISC Flow, GCDF, NLP, NM Coacing. Поседува државен сертификат за обучувач на возрасни и за обучувач на обучувачи за возрасни. Основач е и член на Управен одбор на Асоцијацијата на советници за кариера (АСК).

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...