ОД ДОВЕРБА ДО РЕЗУЛТАТИ: ИНТЕРВЈУ СО МИРЈАНА ЦВЕТКОВСКА ЗА ПРИЗНАНИЕТО „НАЈДОБАР РАБОТОДАВАЧ“

од 24HR

Во време кога задоволството на вработените станува сè поважен фактор за одржлив успех, особено во индустријата на технолошки решенија каде што конкуренцијата за таленти е жестока, Инфинум Македонија се закити со титулата „Најдобар работодавач 2024“ – признание што доаѓа директно од самите вработени. Истражувањето беше спроведено преку платформата Pulser, со 100% анонимна анкета и унифицирана методологија според меѓународни стандарди, што само ја зголемува тежината на ова признание.

Компанијата е дел од глобалната ИТ групација Инфинум, позната по развој на дигитални продукти за светски брендови како Philips, Porsche, Nike и Virgin. Од 2021 година активна и на македонскиот пазар, Инфинум се позиционираше како компанија што не само што нуди професионални предизвици и врвна технологија, туку и вистинска грижа за вработените – преку флексибилни модели на работа, култура на доверба и поддршка, и политики што одговараат на реалните потреби на луѓето.

Зад оваа успешна приказна стои Мирјана Цветковска, генерален директор на Инфинум Македонија – искусен HR професионалец и бизнис консултант со повеќе од деценија искуство во градење тимови, процеси и култури што се одржливи. Денес таа го води тимот низ стабилен раст и континуирано подобрување – со визија што ја става човечката страна на работата во центарот.

Со неа разговаравме не само за престижната титула, туку и за она што не се мери лесно, најмалку видливиот, а сепак најважен дел од она што ја прави една компанија посакуван работодавач – вредностите, културата, секојдневната грижа, професионалниот развој, а над сè – довербата што ја градат одвнатре, со секој вработен, секој ден.

Признанието „Најдобар работодавач 2024“ не е награда што се добива со апликација или маркетинг – тоа е глас што доаѓа од внатре, од оние што секојдневно живеат и работат во една организација. Фактот што сите вработени доброволно и анонимно го споделиле своето мислење преку Pulser ја прави оваа титула уште повредна. Како вие лично ја доживеавте оваа награда – и што мислите дека кажува за Инфинум Македонија како работна средина?

Кога како компанија доброволно се пријавивме да го спроведеме истражувањето на задоволство и ангажираност на нашите вработени преку Pulser, примарната цел беше да добиеме искрен фидбек за тоа што функционира добро и треба да го чуваме и зајакнуваме, а уште повеќе за тоа што може да се развива и понатаму, што за мене е исклучително вредно бидејќи доста често се случувало да имплементираме доста од предлозите и идеите кои доаѓаат од терен, токму врз основа на фидбекот од луѓето. Иако, во Инфинум е пракса редовно да спроведуваме интерни анкети и истражувања на задоволство, како и редовни состаноци со секој вработен, сакавме да видиме дали и методологијата Pulser која се користи и во други земји и индустрии, ќе го потврди фидбекот што и претходно го имавме и секако да видиме каде стоиме на пазарот, со оглед на тоа што платформата нуди и benchmark извештај. Секако, бевме свесни дека доколку ги исполниме критериумите – исполнетост од минимум 85% од вкупниот број на вработени и согласно остварениот резултат, може да се квалификуваме за признанието Најдобар работодавач, на тоа гледавме само како на логична последица на остварениот резултат, а не како цел сама за себе.

Првото нешто што за мене беше пријатно изненадување, беше 100% стапка на пополнетост на анонимната анкета, што е показател дека сме создале култура во која луѓето се грижат доволно за да го споделат своето мислење и, што е најважно, имаат доверба дека истото е слушнато и се зема предвид во креирање на соодветни акции. Понатаму, високиот резултат од мерењето на задоволство и ангажираност ни покажа дека одиме во добра насока и дека сме успеале да создадеме здрава и пријатна работна средина и квалитетни услови за работа, што навистина се гледа и вреднува од оние кои се најважни – нашите вработени.

Сепак, кога на самата церемонија Работодавач на годината, во организација на Вработување.ком, бевме прогласени како еден од добитниците на наградата Најдобар работодавач според вработените, тоа беше пријатно изненадување кое ни покажа дека не само интерно, туку и во однос на останатите компании на пазарот кои учествувале во истражувањето, Инфинум Македонија се афирмира како “employer of choice”.

Целиот тим, вклучувајќи ме и мене, сме исклучително горди и среќни со ова признание на сите заеднички напори за градење на здрава култура и доверба која е темелот и изворот на секој успех.

Кога компанијата се пријавува во истражување за задоволство на вработените, а потоа добива високи резултати во сите категории, тоа е знак за длабоко вкоренета доверба. Условите за работа, задачите, односите – сето тоа добило зелено светло од вработените. Во кои области добивте највисоки оценки и што сметате дека најмногу придонесе за тие позитивни впечатоци?

Предноста на Pulser е што обезбедува доста комплетна слика и оценување според низа аспекти на работното место и тоа: компаниска комуникација, организација на работата, предизвик на работните задачи, услови за работа, можности за професионален раст и развој, меѓучовечки односи итн.

Највисоки оценки добивме во категориите услови за работа, предизвикувачки работни задачи и меѓучовечки односи. Ова за нас е многу значајно, бидејќи покажува дека сме успеале да изградиме средина која нуди одлични работни услови, каде што задачите се интересни, интелектуално стимулативни и значајни, а односите меѓу колегите се искрени, емпатични и сите се подготвени да дадат меѓусебна поддршка и споделат знаење. Ваквата комбинација е редок спој и токму затоа сме особено горди.

Неколку фактори придонесоа за ваквите резултати: внимателниот избор на клиенти и проекти, што е заслуга на нашиот тим за продажба и топ менаџментот на компанијата, воспоставената култура на размена на знаење и менторство, како и континуираната грижа и вслушување на она што на луѓето им е најпотребно, што се однесува до дизајнирањето на пакетот на бенефиции и услови за работа. А кога се работи за меѓучовечките односи, заслугата е на целиот тим без исклучок, на тоа какви луѓе се, на вредностите кои ги споделуваат и на искреното чувство на припадност и грижа за компанијата, за што сум им посебно благодарна.

Многу компании велат дека „луѓето се најважни“, но не секогаш го покажуваат тоа на дело. Инфинум изгледа не само што го кажува, туку и го живее. Со флексибилни работни модели, поддршка за родители, транспарентна комуникација и култура на разбирање – грижата за вработените се чувствува секојдневно. Како ја одржувате оваа култура на доверба и грижа во секојдневното функционирање, особено во динамичната ИТ индустрија?

Точно е дека речиси сите employer branding кампањи се базираат на премисата „луѓето се најважни“, атрактивно формулирани вредности кои ги красат компаниските простории, реклами по медиуми, билборди, често коистење на флоскулата “ние сме семејство”, но исто така, честопати се случува тоа да остане само на хартија.

Иако, по вокација не сум маркетинг или employer branding експерт, досегашното искуство ми покажало дека најголема улога во градењето на долгорочна доверба има она што е и најтешко видливо, посебно за оние надвор од компанијата – изворна грижа и транспарентност – две работи кои луѓето непогрешливо ги препознаваат и знаат кога се искрени, а кога само популистички мерки.

Вредностите и културата во Инфинум ги градиме токму врз тие два принципа и кога се работи за нив нема компромис, туку доста практична и персонализирана поддршка и грижа – редовни состаноци со секој вработен, активно слушање на проблемите и потребите, агилност во преземање на акции за брзо и ефективно адресирање на тие проблеми и потреби, редовни анкети за задоволство и постапување според фидбекот, континуирано и транспарентно информирање на вработените за статусот, искрена и директна комуникација дали е нешто можно или не, зошто, кога итн., грижа за сечиј професионален раст и развој низ смислени процеси за следење на перформансите и псотавување цели, како и зрело лидерство да се образложи секоја промена и одлука и поширокиот контекст кои довеле до нив. Сето тоа води до цврст и здрав однос на доверба со секој вработен, што, на крај на денот, е и најголемата сатисфакција и најсилниот ветар во грб за нас како лидерство да продолжиме да работиме кон реализација на компаниската стратегија, секогаш имајќи предвид дека предуслов за тоа е добро дизајнираната people стратегија.

Балансот меѓу работата и приватниот живот станува сè порелевантен, особено во индустрии каде продуктивноста не зависи од физичко присуство туку од ментален капацитет и ангажман. Инфинум отворено го негува овој принцип преку конкретни политики, а не само декларативни изјави. Како изгледа овој баланс во пракса кај вас, и што покажуваат искуствата од тимот за влијанието на оваа флексибилност?

Кога се работи за флексибилноста и продуктивноста, нашиот став е дека едното не оди на штета на другото и дури и пост Ковид, се трудиме не само да ја задржиме туку и да ја зајакнуваме уште повеќе таа флексибилност. Праксата ни покажа дека довербата во вработените и овозможувањето слобода и флексибилност за местото и времето во кое ги извршуваат своите задачи е возвратена со уште поквалитетна работа и одговорност од нивна страна.

Во Инфинум вработените имаат целосна флексибилност да одлучат дали ќе работат од канцеларија или од дома, нема правила за задолжително присуство во канцеларија. Исто така, имаме внимателно дизајнирана политика на годишен одмор. Секој вработен, дури и без никакво претходно иксуство, почнува со најмалку 22 денови годишен одмор, со можност да растат до 30 денови, зависно од стажот и претходното работно искуство, како и со секоја година стаж во Инфинум.

Понатаму, свесни сме дека родителите се соочуваат со дополнителен предизвик што вклучува грижа за деца и поради тоа, добиваат дополнителни денови одмор, слободен ден за прв ден на детето во училиште / градинка, еднократен паричен надомест за раѓање или посвојување на дете, како и новогодишен надомест за подарок за секое дете посебно.

Дополнително, овозможуваме 12 денови боледување годишно, целосно платени од компанијата, можност за замена на неработен ден за друг ден, како и можност за носење на домашни миленичиња на работа.

Во хибридна или целосно флексибилна работна средина, поврзаноста меѓу луѓето не се случува сама по себе. Потребни се иницијативи, ритуали, и внимание на деталите што градат чувство на припадност. Од тим билдинзи до „bring your kids to work“ денови – Инфинум очигледно вложува свесно во ова. Кои активности најмногу го зајакнуваат тимскиот дух кај вас – и што научивте од тие моменти на поврзување?

Во право сте за констатацијата дека во услови на целосно флексибилна работна средина, одржувањето на тимскиот дух и поврзаност понекогаш може да е предизвик. Сепак, тоа не е невозможно, дури и во услови како што е случајот во Инфинум Македонија, кадешто имаме вработени кои живеат во други градови и кои работат целоснo remote.

Премисата од која поаѓаме е дека луѓето треба да доаѓаат во канцеларија или на одредени компаниски настани бидејќи сакаат и се чувствуваат пријатно, а не бидејќи има некое компаниско правило кое ги обврзува на тоа.

За таа цел, имаме секој месец буџет за fun & games активности во чиј избор учествуваат сите вработени и се трудиме да балансираме и обезбедиме разновидност за да има за секој по нешто и да се вклучени сите.

Покрај тоа, секој вработен во Инфинум Македонија има можност да учествува на два тим билдинзи во текот на годината – еднаш со тимот од Македонија и уште еднаш со глобалниот тим во кој припаѓа според технологија (Mobile, QA, Design итн.).

Тимскиот дух и размената на знаење се зацврстува и со овозможување на меѓусебно разбирање за тоа што работат другите тимови преку настанот наречен Showoff на кој проектни тимови ги претставуваат пред своите колеги проектите на кои работат, предизвиците со кои се соочуваат, проблемите кои ги решаваат, како и научените лекции и вредноста која ја обезбедуваат за клиентот.

Секој вработен има буџет за патување со кој може да патува во седиштето на компанијата во Загреб или други локации, како и две недели онбординг во Загреб после вработувањето.

Не се заборавени и најмалите членови, децата на вработените, и за нив редовно организираме велигденски, новогодишни дружења, специјални денови во кои можат да дојдат во канцеларија и да видат каде и што работат нивните родители.

Покрај сите овие иницијативи, тимскиот дух најмногу се базира на веќе воспоставената соработка, долгогодишно заедничко работење на дел од тимот што ги претворило освен во колеги и во пријатели, како и одличната интеграција и прифаќање на поновите членови во тимот. Доказ дека за нас ова е правилен пристап е фактот што имаме вработени кои, без разлика на временски услови и оддалеченост од канцеларија, се постојано доброволно физички присутни.

Во Инфинум секој вработен има индивидуален развоен пат, со јасно дефинирани можности и ресурси. Тоа значи дека личниот раст не е оставен на случајност, туку е стратешки поттикнат. Како го поддржувате професионалниот развој и кариерната мобилност во тимот – и како овие можности влијаат на задржување на таленти?

Секој вработен во Инфинум има индивидуален план за развој и цели кој е резултат на „progression framework“ кој дава јасно дефинирани критериуми за напредок по технологии и нивоа, уште од самиот старт. Овој „progression framework“ не е преземено универзално решение, туку специјално развиено во и за Инфинум, следејќи го нашиот работен процес и бизнис модел и е жива материја т.е. предмет на континуирано подобрување и приспособување што се однесува на нивоа, компетенции, критериуми итн. кои го следат растот на компанијата и промените во бизнис процесите. Секој вработен уште пред да се вработи има извесност и јасност на кариерните патеки кои може да ги следи во Инфинум и кои се критериумите и предусловите за тоа.

Оваа година, го редизајниравме и процесот на следење и оценување на перформансите и поставување на развојни цели, вклучувајќи и поголема автоматизација преку имплементирање на специјализирана платформа за таа цел што води до уште поголема транспарентност и планирање на напредокот.

Вработените имаат опција и за „career switch“, односно можност за привремена или целосна промена на технологија или тим, индивидуални буџети за купување опрема, едукациски буџет за курсеви, книги, како и бесплатни часови по англиски јазик со професор во компанијата. Дополнително, можноста за работа на глобални проекти со светски брендови им носи исклучително драгоцено искуство и видлив развој.

Во 2023-та спроведовте значајни промени во менаџмент структурата – периоди што кај многу компании предизвикуваат нестабилност. Но вие го задржавте фокусот, довербата и мотивацијата. Тоа не се случува случајно. Како успеавте да го водите тимот низ таа фаза на трансформација, и што научивте за лидерството во тие моменти?

Во 2023 Инфинум Македонија доби нов HR менаџер, а 6 месеци подоцна следеше и преземање на позицијата генерален директор на компанијата. Успехот се должеше на внимателно планирана и постепено имплементирана промена, воспоставување на јасна, директна и транспарентна комуникација со целиот тим и градење доверба за многу кратко време. Секој вработен беше информиран за процесите и имавме отворени разговори за сите прашања, дилеми, грижи и идни планови. На секое прашање и предизвик, гледавме како можност за раст и подобрување.

Она што посебно ме радува е фидбекот на тимот дека и покрај значајните промени, во ниту еден момент не се почувствува дисконтинуитет во самото функционирање на бизнисот и канцеларијата, како и во тимската динамика и атмосфера.

Една година подоцна драго ми е што можам да кажам дека Инфинум Македонија е стабилен тим со цврста култура и задоволни вработени, подготвени за понатамошен раст и проширување. Исто така, огромна сатисфакција е што точно во трансформативна година, успеавме не само да ја задржиме таа стабилност, туку и уште повеќе да ги унапредиме условите што резултираше во признанието Најдобар работодавач.

Она што го научив во оваа година на предизвици е реафирмирање на она што го споменав и претходно – културата на доверба, вклучување на луѓето и активна поддршка е клучна за  задржување на стабилноста, а истовремено за зајакнување на чувството на припадност и сигурност кај сите вработени. Луѓето се исклучително интелегентни и отворени да ја прифатат секоја промена, секогаш кога истата е навремено, транспарентно и јасно образложена и кога во комуникација се пристапува отворено, искрено и директно.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...