Отровниот противотров на успехот-hustle културата

од 24HR

Колумна на Викторија Дамчевска -Head of People Operations во GrabIT 

Работата е отелотворение на љубовта. И ако не можете да работите со љубов, ами само со одвратност, поарно откажете се и седнете си пред портите на храмот, па примајте милостина од оние што работат со радост. Оти ако печете леб со рамнодушност, печете горок леб што заситува сал половина од човековиот глад. Ако го презирате гмечењето на грозјето, вашиот презир пушта пелин во виното, а ако пеете небаре ангели, а не ја сакате песната, не им давате на човековите уши да го заушат гласот на денот и гласот на ноќта.

Калил Џибран, Пророкот (За Работата)


Да се биде вљубен во својата работа и да се најде целта е меѓу најголемите дарови што животот може да ви ги даде. Целта е она што ве води, она што ве тера да се вложите дополнително, тоа е она што го создава вашиот фокус и може целосно да ве обземе и да ве преплави. „Најдете ја работата што ќе ја сакате и никогаш нема да работите ниту еден ден во животот“.

Но, дали е навистина толку едноставно?

80 часа неделно? Зошто не 100?

Илон Маск во 2018 година на Твитер напиша: „Никој никогаш не го сменил светот работејќи 40 часа неделно“ мислејќи на вработените во Тесла кои работеле 100 часа неделно. Тој,исто така, кажа дека спиел исклучиво во неговата канцеларија кога имал проект да заврши и дека можете да постигнете двојно повеќе од оние кои работат 50 часа ако работите 100 часа неделно и дека нивото на болка експоненцијално се зголемува по 80 часа работа неделно. Можете дури и да работите 130 часа неделно, ако стратешки планирате кога да спиете, кога да се туширате и колку често одите во тоалет.

WeWork ја промовираше идејата дека не треба да престанувате со работа кога сте уморни,треба да престанете кога ќе доработите. Познатиот претприемачки инфлуенсер Гери Вајнерчук постојано бомбардира со воспевањето на форсирањето, прекумерната работа и високите аспирации и амбиции. Преработувањето стана животен стил преку идејата дека само работата може да ви даде чувство на достојност и цел. Мора да бидете на 100% цело време, за да успеете.

И не е само Гери таков. Го отворате LinkedIn и ве демнат објави за континуирани достигнувања, постојано преработување, бескраен циклус на форсирање. Вашиот поранешен колега штотуку го заврши милијардитиот курс овој месец. Вашата пријателка која работи по 15 часа на ден е унапредена по втор пат годинава. LinkedIn стана Инстаграм на работниот и деловниот живот: гледате само успешни приказни, нема неуспеси, има само совршени кариери (За некои вистински примери на луѓе опседнати со hustle културата на LinkedIn, кликнете овде). Новогодишните резолуции се полни со цели за кои ќе ви требаат години да ги постигнете. Видов дури и оглас за работа со главното барање „да се биде hustler“. Сè стана бесмислено натпреварување, неодржливо на долг рок и се чини невозможно од него да се излезе како победник. Или се откажуваш, почнуваш да се прашуваш што не е во ред со тебе, се чувствуваш виновен што не работиш толку напорно или глумиш додека не успееш.

Паузите се за мрзливи луѓе. Така?

Hustle културата е начин на размислување, менталитет кој е доста вообичаен и нималку нов. Тоа е глорификација на пренапорното работење, на ревносното извршување на својата работа, често по работното време, тоа е целосна посветеност на вашата работа, а истовремено занемарување на другите аспекти од вашиот живот. Без никаков одмор, без опуштање, постојано вклучени, постојано зафатени. Рамнотежата помеѓу работата и животот во ова сценарио не постои.

Ако ви е тешко да се исклучите, ако не земате денови одмор, ако се чувствувате виновни за секој неодговорен мејл добиен по работното време, ако постојано го проверувате вашиот мејл дури и кога сте на плажа со вашето семејство или пријателите, ако чувствувате дека сте вредни и достојни само кога сте завршиле нешто или сте ги достигнале вашите цели, ако не сте посветиле време на вашите хобија или семејни активности поради вашата работа, можеби токму вие сте жртва на hustle културата. И тоа не е нешто за фалење, дури и ако ја работите работата што ја сакате, во компанија што ви го исполнува чувството на припадност или на позиција што ви дава цел.
Според едно истражување направено од Deloitte, над 40% од вработените се чувствуваат исцрпени, под стрес и преоптоварени, доживувајќи замор и проблеми со менталното здравје. Може да најдете навистина ужасни приказни за луѓе кои го изгубиле своето здравје поради hustle културата и успеале некако да си ги враќаат животите по непријатно научената лекција.
Преработете се, заработете милиони. Преработете се, срамота е да уживате во слободното време. Преработете се и се гледаме на врвот со другите што се преработуваат како нас, преморени и неспани.

Оваа постојана спирала на размислување, со добивање ништо или многу малку за возврат,може да го стави вашето тело во fight or flight начин на функционирање. Без одмор, без прекини, само исцрпеност која ни претстои.
Лесно е да се стане зависен од hustle културата, со постигнување на малите достигнувања,кои стануваат како мала доза на дрога што краткотрајно ќе ви даде чувство на гордост, ќе ве поттикне и ќе ве мотивира да продолжите понатаму, но обична лага е дека ако работите двојно повеќе од вашите соработници, ќе постигнете дупло. Истражувањата покажуваат дека продуктивноста всушност опаѓа по 55 часа неделно.
Понекогаш обемот на работа се зголемува и има потреба од останување прекувремено за да се испочитуваат роковите. Но, ова не треба да биде нешто што се случува редовно. Неодржливо е да се очекува дека сите ќе бидат со максимална продуктивност секој ден,16 часа дневно, седум дена во неделата, без да страдаат од исцрпеност или прегореност.Дали ги гледаме луѓето како потрошни ресурси на краток рок или партнери на долг рок?

Отровно-деструктивниот hustle менталитет

Промовирањето на преработувањето како дефолт начин на работа е исклучително токсично. Сум чула секакви приказни: вработени кои биле јавно пофалени што не зеле слободни денови. Никогаш. Или вработени кои се оцрнуваат јавно као нетимски играчи, само затоа што не биле желни да останат секој ден по 5, 6, 7 часа прекувремена работа неплатено.
За чудо, во споредба со компензацијата, токсичната култура може да ги зголеми шансите вашите вработени да ја напуштат компанијата дури за 10,4 пати. Негувањето на hustle културата може да го намали моралот на вработените, да ги направи компетитивни, да не си веруваат еден на друг, што може да доведе до анксиозност, стрес и депресија. Тоа може негативно да влијае на брендот на компанијата и да доведе до зголемување на флуктуацијата. Вреди ли?

Понатаму, иронично, докажано е дека луѓето кои прават паузи се подобри во обработката на информациите, памтењето, креативноста и, генерално земено, попродуктивни од нивните колеги што не го прават тоа. Да се одморите и да му дозволите на вашиот мозок да се опушти не е знак на мрзливост, туку знак на одговорност.
Quiet quitting, феномен кој во некои аспекти претставува алтернатива на давањето отказ, е една од пасивните последици на hustle културата, односно вработени кои не се неангажирани, но не се ниту активно ангажирани, кои нема да вложат екстра напор, кои нема да кренат рака за време на состаноците, кои нема да преземат дополнителни обврски, туку само ќе си ја завршат својата работа од 9 до 5, извршувајќи ги задачите за кои биле вработени. Премногу форсирање и притисок врз луѓето може да ги сведе на „саатогледачи“, вработени кои само чекаат да помине работното време, помалку психолошки вложени во нивната работа, намалувајќи го нивната организациска припадност и лојалност. Мотото „Работи напорно или оди си дома“ се претвора во „работи напорно и потенцијално изгуби интерес за својата работа“.
Ако сте работодавач, притискањето на вашите луѓе да заработат повеќе пари на долг рок ќе ве натера да изгубите пари. Вашите вработени или ќе ја напуштат вашата компанија, ќе подлегнат на синдромот на прегорување, ќе се оттуѓат, ќе имаат физички или ментални последици поради постојаниот стрес или ќе станат помалку вложени во работата и ќе бидат помалку продуктивни.

Како да се создаде вистинската рамнотежа?

Одењето на одмор не треба да биде опционално за вработените. Се разбира, планирањето кога да се земе е една работа, но фалењето на вработените што не зеле никогаш одмор не треба да се случи.
Менаџерите треба да водат преку давање пример. Очигледно е дека ако вие како менаџер никогаш не земате одмор, постојано работите дури и кога сте болни, дека вашите вработени нема да се чувствуваат удобно да побараат одмор или да се опуштат.
Промовирајте култура која ја нагласува важноста од повремено исклучување од работата како начин да станете уште попродуктивни и пофокусирани.

Создадете средина во која луѓето ќе можат искрено да ви кажат дали обемот на работа ги преплавува и направете да се чувствуваат вреднувани и видени. Не дозволувајте вашите луѓе тивко да се откажат, разговарајте со нив и активно слушајте.
Наместо да имате exit интервјуа, за да научите од вашите грешки откако ќе биде малку доцна, правете „stay интервјуа“ и покажете интерес преку охрабрување и омоќнување.

Кариерата ретко е само начин да се платат сметките, речиси секогаш има значење и цел.Но, тоа не е единственото нешто што е важно во нашите животи. Сѐ е до рамнотежата.
Како што вели Стивен Кинг: „Ставете го вашето биро во ќошот и секогаш кога ќе седнете таму да пишувате, потсетете се зошто не е во средината на собата. Животот не е систем за поддршка на уметноста. Обратно е“.
Работата е навистина отелотворение на љубовта. Но, постојаното прекумерно работење до исцрпеност може да ве натера да ја замразите.

За авторот:

Викторија Дамчевска е HR професионалец со неколкугодишно искуство во регрутација и менаџмент на човечки ресурси. Моментално работи во GrabIT како Head of People Operations. Има магистрирано на Сити Колеџот при Универзитетот Шефилд на отсекот EMBA in HR.

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...