ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ СО Д-Р МИТОВ:BURNOUT И СТРЕС НА РАБОТНОТО МЕСТО–ТИВКИ НЕПРИЈАТЕЛИ НА ЗДРАВЈЕТО

од 24HR

Што го троши здравјето?Дали често сте исцрпени уште пред да заврши денот? Дали чувствувате стрес кој го носите со себе и дома, без можност за одмор? Дали burn-out синдромот полека го гаси вашиот ентузијазам за работа и живот?

Со овие прашања се соочуваат сè повеќе вработени, без разлика на нивната професија или позиција. Во обид да ги разбереме и надминеме овие предизвици, со големо задоволство повторно разговараме д-р Александар Митов, истакнат експерт за здравје и благосостојба, кој со години го инспирира јавниот дискурс во оваа област.

На нашиот портал, д-р Митов веќе зборуваше за важноста на корпоративните програми за здравје, а темата за синдромот на прегореност (burnout) и неговото влијание врз вработените ја обработивме во повеќе текстови (прочитајте тука за документарецот „Среќниот работник“ и синдромот на прегореност), но овојпат фокусот е ставен на тоа како стресот, преоптовареноста и burnout синдромот ги исцрпуваат вработените и што можеме да направиме за да го надминеме тоа.

Д-р Митов, со своето богато искуство и податоци од научни истражувања, споделува како овие проблеми се манифестираат, кои се најчестите заблуди и што можеме да направиме за да го вратиме балансот во нашите животи. Без стереотипи и клишеа, ова интервју е за оние кои сакаат конкретни одговори и практични совети за подобро здравје, продуктивност и квалитет на живот.

Стресот на работното место е тивок предизвик со кој се соочуваат многумина, но неговото влијание врз здравјето често останува незабележано или потценето. Од вашата пракса, кои трендови и здравствени проблеми ги забележувате кај вработените како резултат на овој сè позачестен феномен?

За жал, стресот на работното место често е проблем за кој се мисли дека може да се игнорира, или да се остави сам од себе да се реши. Едноставно, се порекнува неговото присуство. Меѓутоа, ниту самиот од себе ќе се реши, ниту пак е точно дека може да се игнорира и притоа да нема последици. Тоа е првото нешто кое би сакал да го споделам, моето искуствено видување за односот кон самиот проблем на стрес на работното место.

Вториот погрешен став е дека: „стресот е очекувано присутен на работното место, и тука не може ништо да се направи”. Би се согласил  со првиот дел од оваа констатација, секако дека стресот е сопатник на речиси секоја работна позиција, во поголема или помала мерка. Но, верувам дека е целосно неточно дека сме немоќни пред стресот, и дека постојат и индивидуални, и корпоративни стратегии за справување со стресот и неговите ефекти.

Конечно, скриениот поголем ризик и опасноста од еден проблем да се направи најмалку два, е решавањето на стресот се дијазепами и останата терапија. Тоа не е правилниот пристап. За жал, ова е многу поширок општествен проблем кој ги надминува, но сепак силно ги засегнува компаниите. Справувањето со стресот само преку лекови носи реален ризик од создавање зависност од бензодијазепини и тоа само по себе преставува сосема нов и поголем проблем.

Burnout синдромот, односно синдромот на прегореност стана честа тема на разговор во глобални рамки, но кај нас често се игнорира или погрешно се разбира. Како овој феномен се манифестира во македонскиот контекст, што ви кажува праксата? Кои се првите предупредувачки знаци што не треба да ги занемариме, и што можеме да направиме за да реагираме навреме и ефикасно?

Burnout синдромот е крајниот резултат кој доаѓа после месеци или години игнорирање на проблемот на пролонгиран стрес на работното место. Тој е последица не само на стресот, туку и на начинот на живот на конкретната личност како и на личните техники на (не)справување со стресните ситуации. Овде е моментот за кој им помагам јас лично на поединците или на самите компании кои сакаат да го решат проблемот со еден системски пристап. Имено, на другиот крај од проблемот на burnout е развивање на резилиентноста (отпорноста) на одредена личност. Тука начинот на живот, исхраната физичката активност, добриот сон и техниките за релаксација, се подлогата на која се гради таа резилиентност. Значи постојат индивидуални стратегии кои може многу да помогнат во справувањето со стресот.

Од аспект на препознавањето, важно е да можеме и кај себе, но и кај останатите вработени во истата компанија да ги препознаеме знаците на синдромот на прегореност. За ова вреди да се инвестира во едукација на вработените бидејќи проблемот не е површен, и секако не се решава со површни техники.

Здравјето на тимовите е основа за успешна компанија, но многу работодавци сè уште не преземаат доволно конкретни мерки за справување со стресот на работното место. Што можат да направат компаниите за да создадат поздраво работно опкружување и да ги поддржат своите вработени?

Вложувањето во здравјето на вработените е класична вин-вин ситуација. Просто придобивките се толку големи што не можат да се споредат со настанатите трошоци со цел да се подобри благосостојбата на вработените. И тука не треба да ја откриваме Америка туку само да видиме какви се праксите на компаниите од западниот свет. Буквално нема да најдете една голема странска компанија која нема некаква програма за подобрување на благосостојбата на вработените. За среќа тој позитивен тренд доаѓа и кај нас. Со задоволство ќе ги пофалам Телеком, Костал, Стопанска Банка… како компании кои веќе работат на тој план. Важно е да се има свесност во менаџментот за оваа голема можност, а програмите секако може да се дизајнираат според потребите на секоја компанија.

Исхраната игра клучна улога во нашето целокупно здравје, но колку често размислуваме за нејзиното влијание врз стресот и енергијата на работното место? Како можат правилните навики во исхраната да ни помогнат да се справиме со предизвиците на секојдневната работа и доколку може да споделите конкретни совети?

Интересно е како лесно забораваме колку сите аспекти од нашето здравје се силно поврзани еден со друг. На пример, не секогаш е видливо дека недостатокот на сон може да придонесе за зголемување на телесната тежина. Механизмот е следен: намаленото ниво на енергија (заради ненаспаноста) ќе ни прави додатна склоност кон благото заради енергијата кое од него доаѓа. Секако, благото не е извор само на енергија туку и вишок калории. Вакви врски постојат стотици на број. Затоа не можеме де поправиме исклучиво еден аспект од нашиот животен стил, а останатите аспекти да ги игнорираме. Не може, настанува верижна реакција и еден по еден ќе влезат во дисбаланс. Затоа стресот е зависен и од тоа колку сме наспани, дали сме вежбале, дали храната ни прави скокови на шеќерот во крвта и низа други фактори.

За многумина кои се соочуваат со стрес, замор или прегореност, првиот чекор кон промена може да изгледа како огромен предизвик. Кој е вашиот најважен совет за тие што сакаат да го подобрат своето здравје и да постигнат подобар баланс во животот, од каде да започнат?

Секој човек се познава најдобро себе си и важно е искрено да се соочи со моменталната состојба. Во медицината велиме – добра дијагноза е половина терапија. Затоа мора најнапред да посветиме време и да ги анализираме одблизу навиките кои ги имаме, како настануваат, што ги поттикнува и оттука ќе произлезат одговорите што треба да менуваме. Оваа анализа е првиот чекор. Потоа треба да си дадеме доволно време, барем неколку месеци, да направиме план и постепено да ги менуваме навиките кои сме увиделе дека ни пречат. За шест месеци ќе сме си благодарни што сме го направиле овој значаен чекор.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...