Се повеќе македонски компании се грижат за здравјето на своите вработени!–д-р Митов

од 24HR

Интервју со Д-р Александар Митов MSc, MPhil-Центар за лајфстајл медицина ФЕНИКС

Д-р Митов, широката јавно во нашата земја ве познава по едукативните видеа и емисии. Но, малкумина знаат дека во последниве две години интензивно работите со македонските компании за подобро здравје и благосостојба на вработените. Како се случи почетокот на таа дејност?

Д-р Митов:Пресвртот кај нас, по мое убедување, го направи кризата со Ковид. Свесноста за здравјето на вработените значително порасна под принуда на околностите, но интересен феномен е дека таа не опадна и по завршувањето на пандемијата. Ковидот на сите ни го доближи клучниот момент на здравјето на вработените, потполното – и физичко и ментално, и компаниите во Македонија покажаа многу јасен интерес во овој домен.

Впрочем, иницијативата да работам со компаниите дојде од нивна страна. Прво бев контактиран од неколку компании во самата пандемија и соработката продолжи и до ден денес. Притоа, мило ми е да нагласам дека и домашните компании се приклучија кон овој тренд, иако првично беа само странските, а посебно ИТ компаниите.

Каков е сега интересот за оваа програма и какви се трендовите?

Д-р Митов:Интересот е одличен, нашите компании сè повеќе го препознаваат потенцијалот и потребата од ваквите програми, но и бенефитот кои истите го даваат. Веќе имаме соработувано со повеќе компании во државата, секоја во сопствен сектор и со различна дејност. Токму и тоа е убавината на оваа програма – таа дава бенефит кон вработените, без разлика на дејноста на компанијата.

Околу мојата мотивираност и идеја да започнам во оваа област, најмногу би кажал дека беше целосно логично и интуитивно – ова е повторно работење на здравјето на луѓето, иако вработените не се мои лични пациенти, тие сепак може да добијат низа на придобивки од оваа програма и да применат многубројни практични совети и препораки во нивното секојдневие. Овие програми всушност се win-win-win: има придобивки и за компаниите и за вработените и за мене, секако.

Што всушност претставува Employee wellness програмата?

Д-р Митов:Програмата за благосостојба на вработените е дизајнирана преку повеќе последователни чекори со цел да го таргетира целокупното здравје на вработените. Во тој поглед, програмата генерално е поделена во 2 нивоа. Првото ниво е можеби повеќе општо, главно фокусирајќи се на предавања и работилници – зависно од бројот на вработени. Второто ниво е повеќе персонализирано, главно базирано на конкретните потреби на компанијата и нејзините вработени. Во овој поглед, може да се направат анализи и статистики за здравјето на вработените во компанијата, па врз база на тоа да се прилагоди програмата. Постои и хибриден пристап и секако, секоја компанија има различни потреби, па програмата никогаш и не може да биде унифицирана. Но, важно е дека седниваме со HR менаџментот на конкретната компанија и заеднички ја дизајнираме програмата според нивните потреби.

Какво е вашето искуство со досегашните клиенти?

Д-р Митов:Навистина сум позитивно изненаден од интересот и свесноста на нашите компании. Целта е да се таргетира здравјето, мотивираноста и продуктивноста на вработените. Одзивот е одличен, вработените се заинтересирани и се вклучуваат активно во предавањата со прашања. Атмосферата е секогаш различна, но подеднакво интересна и за мене лично, исполнувачка. Секогаш на почетокот постои лесна скепса кај некои компании, но штом ќе го најават предавањето / работнилницата низ нивните канали – следува изненадување од бројот на заинтересирани и пријавувањето.

Ги споменавте здравјето, мотивираноста и продуктивноста – дали се ова главните придобивки од оваа програма?

Д-р Митов:Тие се можеби најглавните, но постојат низа на придобивки – како за вработените, така и за компаниите. Секако, мора да започнеме и главно да го таргетираме здравјето и благосостојбата на вработените. Тука не подразбираме само општо, физичко здравје – туку и менталното здравје, стресот, можниот „burnout“ синдром, фокусот и концентрацијата и сл. Ги таргетираме секојдневните навики и начинот на живот на вработените – преку нив да обезбедиме подобра благосостојба и продуктивност. Компанииите имаат можност и да воспоставиме систем на параметри за следење кои само низ неколку квартали ќе ја покажат реалната придобивка од програмата за благосостојба.

Дополнително, современите вработените (посебно во ИТ секторот) имаат повисоки очекувања од работодавецот. Започнувањето на една ваква програма е аргумент плус за грижата на компаниите за нив и за нивната општа добробит.

Што покажува науката во овој поглед? Постојат ли некакви истражувања или статистики?

Д-р Митов:Секако, науката и истражувањата се доста јасни и прецизни во овој поглед. Пораката е јасна – среќни и здрави вработени се продуктивни вработени. Компаниите со активни, таргетирани програми за вработените имаат и до над 20% помотивирани и продуктивни вработени. Друга статистика вели дека вработените кои внимаваат на своето физичко здравје имаат и до 25% поголема продуктивност. Постојат навистина многу истражувања во овој поглед, но пораката е јасна и унифицирана – целокупното здравје (физичко и ментално) на вработените е важно и лесно се асоцира со зголемена продуктивност.

Компаниите во светот на ваквите програми реално гледаат како вид на инвестиција, а не обичен трошок. Вработените се главниот, најважен ресурс на секоја компанија и истиот треба да се одржува и во него да се вложува. Оваа програма е токму тоа – одржување и покажување на интерес во здравјето и благосостојбата на вработените, но и инвестирање во нивното здравје, а со самото тоа и зајакнување на мотивираноста и подобрување на продуктивноста. Ваквата инвестиција во вработените се враќа повеќекратно на подолг период, а уште поважно е што вработените се чувствуваат згрижено и мотивирано.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...