Статус кво

од 24HR

Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Ако го читате Екарт Тол, ќе се согласите дека нема ништо надвор од сегашниот миг. Дека постоиме само сега, во овој единствен миг, додека го читате овој текст пиејќи го утринското кафе или чајот што безобразно брзо се лади на биро. Дека нема никаква причина за страв што ќе биде утре, бидејќи утре сѐ уште не постои. Дека е бесмислена секоја грижа за тоа што било вчера, бидејќи и вчера не постои. Сѐ што ви останува е да сфатите дека го имате само денес, а без грижа за вчера и анксиозност за утре, денес е убав ден и нема причина зошто би биле незадоволни.

Со него ќе се согласат огромен број на психолози и ќе ве советуваат исто – бидете присутни во сегашниот миг. Бидете свесни за тоа кои сте, каде сте, што имате и, сакајте го тоа.

Едноставно, нели? Многу убаво звучи и, ако не сте јас, веројатно тоа сте го прифатиле како филозофија на живеење. Се обидов и јас, не дека не. И добро ми одеше, посебно делот со свесноста и присуството во мигот. Си има посебна убавина кога сте свесни за она што ви се случува, па ги впивате сите оние малечки, ситни нешта што на “нормален” човек би му “побегнале”, како тонот со кој било изговорено нешто, држењето на телото, како паѓале сончевите зраци врз сцената, што зборувал погледот, цело она царство на бои, мириси, вкусови и ноти кои остануваат незабележани, ако не сте тука, во своето тело, целосно присутни.

Знаете каде запнав? Прво, на она – вчера не постои. Чекај малку. “Вчера” е она што ме создало. Да не беше “вчера” ни јас не ќе бев јас. Се што ми се случило, што сум видела, посведочила, почувствувала е одговорно за тоа која сум денес. И, како тоа “без грижа за вчера”? Секако, не можам да коригирам ништо што веќе се случило, но ако не си ја носам одговорноста за вчера во денешниот ден, ако не се обидам да ги избегнам грешките, да ги скротам зборовите, да ги направам барем малку подобри постапките, да бидам уште малку подобра, попосветена, понежна, поинаква… каква ли ќе бидам денес, сега? И, не само она што треба да го коригирам. Свесноста за “вчера”, за добрите нешта што ни се случиле, мора да биде присутна и денес, како основа за утре, како мотивација, како ветена награда, од некое минато Јас, за себе, во некој иден ден.

Второто на кое заглавив беше, претпоставувате, е промовирајќи го задоволството од Сега, исклучувајќи ја секоја грижа за “утре”, поддржуваме едно нешто – статус кво. Нема ништо лошо во статус кво, ќе речете. Убаво е човек да биде задоволен со она што го има. Секако, ќе се согласам. Но, ако сите овие “модерни” психолози, под некаков случај, успеаат да се сретнат со вашиот пра-пра-пра-пра-пра дедо и успеат да го убедат дека топлината на огништето на сред пештера е нешто што е врвна вредност за среќата негова, дека блискоста со членовите на племето додека го јадат полупечен денешниот улов е од суштинско значење за семејството, дека треба да биде среќен ради тоа што нема часовник кој ќе го буди, нема рокови, нема досаден шеф, или, ако ја најдат вашата пра-пра-пра-пра-пра баба и и кажат дека тоа што носи крзно од мртво животно на себе е стопати подобро од синтетиката, дека треба да ужива во непеглање, немиење садови, нешминкање, неносење штикли…. и уште мал милион нешта и задоволства на сегашниот миг, знаете каде ќе бевме, и вие и јас денес? Во истата таа пештера, покрај истиот тој оган, црни од саѓи, полугладни и полудиви.

Ок, претерувам. Ајде да пробаме вака. Ја сакате планината, чистиот воздух, синото небо над главата, бегството од немирот на градот.. Скопјани, зошто би оделе на Шара, кога сево ова го имате на Водно? Битолчани, чуму ви е Пелистер, кога подостапно ви е Тумбекафе?

Го прашале еднаш еден планинар зошто Монт Еверест е цел, кога знае колку е тежок, колку откажувања бара и колкава е опасноста никогаш од него жив да не се врати. Одговорот е она што ме прогонува цел живот. “Затоа што Монт Еверест постои”. Едноставно.

Соодветно на ова, ве прашувам – зошто би сакале да одржите статус кво, кога постои подобро? Драги мои, никој не смее да ви каже да престанете да сонувате, посакувате, планирате нешто подобро, поубаво од она што го имате денес. Човекот не е создаден да се стутка во конфорот на секојдневието, да се убеди дека му е добро и дека подобро од тоа не сака, затоа што, едноставно, на долг рок, тоа не е одржливо. Секоја човечка творба, без оглед дали зборуваме за градби од камен и тули или за сите оние релации кои ги градиме со другите хомосапиенси, ако не се доградува, надградува, усовршува и подобрува, е осудена да пропадне. Да ја снема од лицето на Земјата. Зошто сакаме подобро од ова што го имаме денес? Затоа што тоа “подобро” постои. Или, ако не постои, умееме да го создадеме, затоа што НИЕ постоиме.

Замислете, да биле задоволни со она што го имаат сите оние работници кои работеле по 16 часа дневно, без никаква здравствена заштита, без никакво право на штрајк, без ништо. Робовите кои биле продавани ко месо на пазар. Сите оние деца кои биле принудени да работат од 6-7 годишна возраст дури и најтешки работи, по рудниците, во дупките каде возрасен човек не можел да влезе. Да молчеле и да биле задоволни сите жени низ историјата, без право на глас, без право на имот, без сопствено име, без право на образование, осудени на зависност од машките членови на семејството, осудени на живот без живот, но, “ќути, има полошо”, нели?

Замислете да сме биле задоволни од коњот како превозно средство. Од абакусот како алатка за пресметка. Од пергаментот како медиум за запишување и зачувување податоци. Да продолжам или се разбираме?

Незадоволството со сегашниот миг, предизвикувањето на статус-кво ситуацијата е нешто што нѐ дефинира како вид. Ниедно друго познато суштество на планетава не умее да ја посака иднината така, како што тоа го правиме ние. Верувам дека се што можеме да замислиме, можеме и да оствариме, создадеме, створиме. И, без оглед дали тоа ќе го наречеме стратегија, долгорочен план, буџет или, човечки – сон, желба, копнеж, тоа “тоа” е создадено од нашата ДНК, од оној ѕвезден прав кој го носиме во коските уште од прамоментот на големиот Бум кога Вселената се создала, тоа сме ние.

Почетокот на новата година е време кога се обидуваме да ја затвориме старата и да поставиме цели за новата. Знаете што сакам да ви кажам? Бидете храбри кога поставувате цели за оваа година. Немојте да играте на безбедно, со оние ситни нешта што по џебови ви останале нереализирани од годинава, само затоа што не сте стигнале да ги направите. Сонувајте храбро, во сите бои. Внесете ги во плановите најубавите нешта што во себе ги носите – својата страст, својата љубов, својот мерак. Запишете ги, направете листа “Што би имал/правел/бил кога ништо на светот не би ме ограничувало” и ѕиркајте ја, секој ден. Ако ништо друго, тогаш барем ќе имате еден момент во денот во кој ќе бидете својот сопствен супер-херој, некој што имал доволно дрскост да посака, доволно храброст да запише и доволно одважност тоа да го сонува, без оглед на пречките, без оглед на ограничувањата, без оглед на сѐ.

Нашето “вчера” нѐ задолжува, сонувајќи го “утре” да ги создадеме сите следни “денес” по мерка, онака, за наша душа.

П.С. Многу среќа во реализирањето на поставените цели за 2024 година! Нека буџетот (планот за годинава) ви биде само сидро кое ќе спречи да ве однесат брановите кога морето е немирно, затоа што можете, умеете и сакате многу повеќе.

Не заборавајте да сонувате!

За авторот:


Весна Коруноска
 е Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија. По вокација е Дипломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да стане денешната Весна која е одговорна за човечките ресурси во Лакталис Македонија

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...